Живописот на црквата датира од XIV век. Највпечатливи се насликаните портрети на патроните од оваа црква, светите врачи Кузман и Дамјан, насликани на јужниот ѕид во една засведена арка. Во оваа црква за првпат е насликан Св. Климент Охридски, кој како патрон и заштитник на Охрид е претставен со модел на градот, кој го држи во рацете. Во олтарната апсида е насликан ликот на охридскиот архиепископ Константин Кавасила.
Иконостас
Сочуваниот дрвен иконостас со тордирани столбови, е најстариот сочуван иконостас од XIV век во Македонија.[3] По конзерваторските работи од 1964 година, тој е целосно консолидиран. Иконостасот ја зафаќа целата широчина на коработ (околу 3 м), a висок е 190 см. Составен е од пет монолитни колонки во резба со капители и архитрав над нив. За разлика од едноставниот, без резба, архитрав, сите други делови на иконостасот имаат извонредна уметничка резбана изведба. Освен двете јужни колони кои се слични само со украсниот мотив на т.н. „Херкулов јазол", другите две колони се сосема различни: едната со изглед на преплетено јаже, а другата на тордиран столб. Бидејќи најстарата фреско-декорација во оваа црква потекнува приближно од 1325 година, се смета дека и иконостасот во црквата е од тоа време, нарачано од истиот анонимен ктитор. Двете најубави колони од овој иконостас денес се наоѓаат во Ширванот на најгорниот кат во куќата на Робеви, кој служи како охридска резиденција.