Сместено е во сливот на реката Треска. Географски, Седларево припаѓа на областа Порече, но историски се води како дел од Полог.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на Општина Желино, во непосредното сливно подрачје на реката Треска, а на падината на планината Сува Гора.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.240 метри. Од градот Тетово е оддалечено малку повеќе од 30 километри.[2]
Селото се наоѓа во горниот дел на повремен поток наречен Лока, кој е лева притока на реката Треска. Куќите во најголем дел се наоѓаат на стрмна долинска падина и се завртени кон југозапад. Водата за пиење доаѓа од чешми, извори и три бунари. Чешмите и извори се наречени Беленица, Извори Крис, Крушица, Крстец, Шелќе (Врба), Балавода (Бела Вода) и Крој Катунди (главниот извор).[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Длиња, Балкан, Крушица, Лигата, Осој, Порече, Кодра Наљт (Високо Брдо), Локва, Треска, Огради, Ѓури Јоргавани (Јорганов Камен), Селиште, Киша (Црква), Леска, Кали Бали Бегот, Пољце, Галче Граб, Гурин Гулин, Тапола (од Топола), Гропа Ларцес (Дупка на селото Ларце), Манивар, Табахан и Бунари.[3]
Селото има збиен тип и овален облик. Се дели на пет маала: Бољетин, Казалар, Скералар, Синалар и Љамалар. Имињата на маалата се по главните родови, иако куќите на поединечните родови во маалата се измешани. Често не може да се постави граница каде едно маало завршува.[3]
Селото е доста старо населено место, бидејќи под истото име се споменува уште во XIV век, кога една четвртина од селото била во посед на некој Исак, кој својот дел го приложил на црквата „Св. Богородица“ во Тетово, а тоа во грамота го потврдил царот Душан. Во 1348 година, царот Душан, го приложил селото Седларево на манастирот Хиландар. Кон крајот на XV век Седларево веќе се споменува како село Хума Шах Султане, жена на Мустафа-паша, но не се знае сигурно дали се однесува на ова село или можеби на Горно и Долно Свиларе кај Скопје.[3]
Пишани докази за Седларево се наоѓаат во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 за Скопскиот вилает од 1452/53 година, каде за селото е запишано дека во него живееле со 6 христијанскимакедонски семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, ’рж, бостан, чувале свињи и пчели за што се остварувал севкупен обрт од приходи и давачки од 396 акчиња. Подоцна во XIV век во пописните дефтери од 1544 година Седларево имало 28 македонски христијански семејства, а во 1568 година биле регистрирани 33 христијански семејства. Во пописните дефтери од 1544 и 1568 година има податоци дека ова село заедно со селата Шишево, Кондово, Глумово и Калуѓерица ѝ биле доделени на жена му на Мустафа-паша како мулк од султанот Бајазит, која подоцна ги увакуфила при своето завие и турбето што ги изградила кај мостот во Скопје.[5]
Староста на селото го потврдуваат и остатоците од старини и народната традиција. Околу селото се наоѓаат црквиште, христијански гробишта и Селиште. Тие се наоѓаат во непосредна близина и тоа во северниот дел на селото. Околу 1914 година, општински службеници од Седларево ги откопале гробиштата и тогаш биле пронајдени коски, плочи и остатоци од ѕидови. Црквата се наоѓала кај Гулевски Куќи.[3] Северно од селото некогаш се наоѓало средновековното село Крушица, кое припаѓало на манастирот „Св. Андреј“ на Треска.[3]
Денес, во селото живее доселено муслиманско население од Горна и Долна Река. По денешните родови, селото е старо 150-160 години. Кога дошле доселениците во селото затекнале православно македонско население, кои подоцна потполно се иселиле. Од старинците останал стариот назив на селото, местоположбата и некои топоними.[3]
Од иселеното население се знае за родот Велјан (1 к.), кој живее во полошкото село Милетино. Тие зборуваат дека дел од нивните роднини останале во Седларево како исламизирани.[3]
Стопанство
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 29,7 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 948 хектари, на шумите отпаѓаат 730 хектари, а на обработливото земјиште 350 хектари.[2]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција и поседува услужни објекти.[2]
Поради малите обработливи површини и лошите услови, малкумина се занимаваат со земјоделство, садејќи планинско жито, сточна храна и компири. Меѓутоа, поради пространите пасишта, сточарството е главното занимање на населението.[3]
Македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ запишал дека неговите жители изработувале многу лажици, кои биле најдобрите во Тетовско. Во тоа време по нашите места се правеле лажици од различни дрва, но тука ги правеле од зеленика, којашто расте на неголеми дрва на многу места по Сува Гора, а зелениковите дрвени лажици се сметале за најдобри.[4]
Според рускиот издавач Афанасиј Селишчев во 1929 година, Седларево било центар на истоимената општина од три села во областа Долни Полог и имало 96 куќи со 350 жители Македонци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Албанци.[8]
Селото е големо, населено со албанско население. Тое во 1961 година имало 868 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 1.508 жители.[2]
Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Седларево, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, во селото нема забележани податоци.[заб 1]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Седларево живееле 1.611 жители, од кои 1.605 Албанци, 2 Бошњаци и 4 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 419 жители, од кои 379 Албанци и 40 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Во селото Седларево денес живее албанско муслиманско население, кое започнало да се доселува од крајот на XVIII век и денес говори на албански јазик.[3]
Според истражувањата од 1949 година, родови во селото се:
Доселеници:Скералар (18 к.), се доселиле на крајот на XVIII век од селото Врбјани во Горна Река. Го знаат следното родословие: Садик (жив на 61 г. во 1949 година) Касам-Бељул-?-Садик, еден од предците што се доселиле; Казалар (26 к.) и Љамалар (18 к.), имаат исто потекло како и претходниот род; Бољетин (25 к.), потекнуваат од 3 или 4 брата кои дошле од македонското муслиманско (торбешко) село Болетин во Долна Река и порано во своите куќи зборувале на македонски јазик; Синалар (24 к.), и за нив се мисли дека се дојдени од Долна Река и најпрвин говореле македонски јазик, а времето на доселување не го знаат; Зеќиралар (1 к.), се доселиле во 1925 година од соседното село Луковица, а вистинското подалечно потекло им е од Гостиварско од каде се иселиле како православен македонски род под име Кросовци, од кој пак еден предок кој бил момок во блиското село Мерово се оженил со Албанка и преминал на ислам прифаќајќи го името Суљо при што основал нов род во Луковица по име Чистиловци од кои потекнува овој седларевски род.
Иселеништво
Покрај иселеното македонско православно население, се знае и за иселени денешни родови: од родот Скералар има иселеници во селото Ларце (Скопско), каде се нарекуваат Гуље (5 к.), од родот Казалар има иселеници во селото Глумово (Скопски Дервен), каде ги нарекуваат Селарево (4 к.).[3]
Кон крајот на XIX век, Седларево било албанско село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Желино, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Желино.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Сараќино во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Групчин, во која покрај селото Седларево, се наоѓале и селата Групчин, Гургурница, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Луковица, Мерово, Ново Село, Рогле, Церово и Чифлик. Во периодот 1950-1952 година селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Гургурница, Луковица и Седларево.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 2103 и 2104 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[15]
↑Селищев, Афанасий. Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии, София, 1929, стр. 23.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2016.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“