Воздушен поглед на Почивало
Почивало — село во Општина Штип, во околината на градот Штип.
Почивало се наоѓа во крајниот источен дел на Општина Штип и југозападната падина на планината Плачковица, чиј атар се граничи со подрачјето на општините Карбинци и Радовиш.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 930 метри. Од градот Штип, селото е оддалечено 22 километри.[2]
До селото води делумно асфалтиран пат, кој на делницата помеѓу Никоман и вртењето за Калапетровци е земјен.
Подрачјето на Почивало е населено барем од доцноантичко време, за што сведочат остатоци на населба и градишта на наоѓалиштата Ексибал и Исарл’к.[3]
Во Првата балканска војна, 3 лица од селото се вклучиле во Македонско-одринските доброволни чети.[4]
За време на српската окупација од 1912 до 1941 година, селото силно настрадало.[5] На свиреп начин во месноста „Дабје” на Плачковица, српските четници на Јован Бабунски и жандармите од станицата во селото погубиле, односно живи ги закопале вкупно 20 невини селани.[5]
Атарот на селото зафаќа простор од 15,6 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 724 хектари, на шумите отпаѓаат 393 хектари, а на обработливото земјиште 376 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Почивало живееле 365 жители, од кои 265 Турци и 100 Македонци.[6]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Почивало имало 96 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според Димитар Гаџанов, во 1916 година во селото живееле 524 жители, од кои 396 Турци и 128 Македонци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Турци.[9]
Селото е мало и исклучиво населено со турско население. Тоа, во 1961 година имало 65, а во 1994 година 85 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 79 жители, од кои 74 Турци и 5 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 63 жители, од кои 60 Турци и 3 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
На крајот од XIX век, Почивало било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Штип, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Штип.
Во периодот 1957-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Штип. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Радање.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радање, во која покрај селото Почивало, се наоѓале и селата Вртешка, Голем Габер, Ебеплија, Јунузлија, Калапетровци, Калаузлија, Кепекчелија, Кошево, Курфалија, Кучилат, Кучица, Мал Габер, Мичак, Муратлија, Никоман, Оџалија, Прналија, Радање и Шашаварлија. Селото припаѓало на Општина Шашаварлија во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Калапетровци, Кошево, Никоман, Почивало и Шашаварлија.
Во селото постои избирачкото место бр. 2314 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на шумската куќа.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 67 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 69 гласачи.[18]