Селото се наоѓа во западниот дел на Прилепското Поле, односно во иста насока на територијата на Општина Кривогаштани. Селото се наоѓа од левата страна на патот Прилеп-Крушево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 597 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 22 километри,[2] додека од општинското средиште Кривогаштани е оддалечено 3 километри.
Крушеани е низинско село на границата помеѓу влажното земјиште на исток и сувото земјиште со ниви на запад. Околни села се Врбјани, Кривогаштани, Воѓани и други. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари, кои ги имало во секоја куќа. Исто така, мештаните ја користеле и водата од реката Блато.[3] На запад од Кривогаштани е Бушева Планина, а на југ, исток и север се простира Пелагонија.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Капиџица, Воденичишта, Градски Пат, Сред Пат, Голем Пат, Лаг, Горник, Црквиште, Боротински Пат, Ќерамидница, Калуѓерица, Блато, Чука, Одоажда, Локва, Друмо, Белокалица, Горни Ливади, Патеричиња, Крива Нива, Домазетица, Врпче Патче, Кинатиште, Граиште, Плочи, Бозје, Греда, Бревче, Горно Капина и други.[3]
Селото има збиен тип. Некои делови од селото носат имиња на родовите.[3]
Историја
На месноста Чука биле ископувани стари црепови и грнци. На месноста Локва, северно од селото, во нивите биле наоѓани темели на куќи. Околу 1 километар јужно од селото е месноста Црквиште, каде се наоѓаат и селските гробишта. Мештаните кажуваат дека таму некогаш се наоѓала црквата „Св. Никола“, која била возобновена во 1976 година. .[3]
Крушеани е старо село, во кое се зачувани три староседелски рода: Аќимовци, Граоровци и Китановци. Староседелци биле и Шутановци, но се иселиле. Останатите родови потекнуваат од доселеници.[3]
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 8,6 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 711 хектари, на пасиштата отпаѓаат 85 хектари, додека шумско земјиште нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото имало земјоделска задруга.[2]
Во текот на отоманскиот период, најголемиот дел од селаните работеле во чифлиците, а само мал дел поседувале своја земја. Имало 12 чифлици, и тоа: Шукри-бегов, Асан-ефендиов, Малик-аговски, Аџи-Рауфски, Рашидов, Османов, Сулејманов, Идризов, Демир Мула Асанов, Смаилов, Мустафов и Дебрански, чии сопственици живееле во Битола, Прилеп, Пресил, демирхисарското село Суводол и Дебар.[3]
Мештаните говорат дека чифлиците настанале со одземање на земјата на христијаните, кое го правеле со задолжување на селаните или пак на сила. По војните, во 1919 година најголемиот дел од земјата мештаните ја купиле, а нешто земја ја добиле со аграрната реформа.[3]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Крушевени се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 20 куќи.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[7]
Крушеани било големо село со 869 жители во 1961 година, но во 1994 година преминало во средно село по големина со 571 жител, од кои 568 биле Македонци и двајца жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Крушеани живееле 578 жители, од кои 574 Македонци, 1 Србин и 3 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 514 жители, од кои 485 Македонци, 1 Албанец, 1 Ром, 1 Бошњак, 2 останати и 24 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Крушеани е чисто македонско православно село, во кое живеат староседелски и доселенички родови.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:
Староседелци:Аќимовци (19 к.), Граоровци (15 к.) и Китановци (7 к.).
Доселеници:Ѓорговци (10 к.), доселени се на почетокот на ХVIII век од селото Смилево, во Железник, го знаат следното родословие: Боце (жив на 57 г. во 1951) Никола-Спасе-Ристе-Анѓеле-Трајан-Ѓоре-Славе-Смиле кој се доселил од Смилево; Суљовци (3 к.), деленици се од родот Ѓорговци; Начовци (5 к.) и Прчковци (1 к.), некогаш биле еден род, доселени се однекаде; Мертовци (1 к.), доселени се однекаде; Дивјаковци (11 к.), доселени се во XIX век од некое од крушевските села Горно или Долно Дивјаци; Патлиџановци (6 к.) и Придаенковци (4 к.), доселени се во XIX век од Кривогаштани; Митовци (2 к.), доселени се во 1902 од селото Кривогаштани, таму имаат истоимени роднини кои се старинци; Маневци (3 к.), доселени се од соседното село Врбјани, таму имаат роднини Јандровци и Дамчевци, подалечно потекло имаат од некое село во Охридско; Пулевци (7 к.), доселени се во 1906 од селото Пресил, таму се доселени од Воѓани; Белевци (5 к.), доселени се на крајот на XIX век од Воѓани; Турникаповци (3 к.), доселени се од Тројкрсти крајот на XIX век; Пасковци (3 к.), доселени се во 1913 од Обршани, таму се доселени од некое место во Албанија; Недановци (1 к.), доселени се од Пресил, таму се доселени од Воѓани; Бутраковци (3 к.), доселени се на крајот од XIX век од Големо Коњари, и таму се доселени од некаде.
Иселеништво
Иселеници од Крушеани има на многу места низ Македонија, пред сè постари иселеници по околните прилепски села. Тоа се Черговци (1 к.) и Мертовци (1 к.), живеат во Кадино Село, Шојлевци (2 к.), живеат во Могила, Дивјаковци (2 к.) и Прчковци (1 к.), живеат во Врбоец, Секуловци (7 к.) и Трајковци (4 к.), живеат во Дабница, Пишљевци (3 к.) и Чпирто (1 к.), живеат во Бучин, Цивкаровци (3 к.) и Огненовци (2 к.), живеат во Пашино Рувци, Јошевци (4 к.), живеат во Врбјани, Неданоски (1 к.), живеат во Големо Коњари, Шмаќе (1 к.), живеат во Бистрица, додека кон крајот на XIX век од селото целосно се иселил староседелскиот род Шукулевци, за кои се вели дека биле многу богати, тие од селото се иселил од зулуми, кои ги вршеле муслиманите. Тие се иселиле во Крушево, Могила, Горно Коњари, Воѓани (3 к.), Прилеп и Бугарија.[3]
Селото влегува во рамките на Општина Кривогаштани, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани, во која покрај селото Крушеани, се наоѓале и селата Врбоец, Годивле, Кореница, Кривогаштани, Локвени, Милошево, Свето Митрани и Подвис. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Кривогаштани, кога во нејзе се наоѓале селата Кривогаштани и Крушеани.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1512 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 јануари 2022.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.