Селото се наоѓа во областа Долни Полог, сместено во источните падини на Шар Планина, оддалечено 17 километри северно од Тетово.
Историја
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 9 семејства и 1 неженет, сите христијани.[2]
Брезно е македонско православно село, родовите во селото во поголем број се доселенички.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
Староседелци:Чутуровци (3 куќи), нивните предци живееле во старото Брезно. Имаат изумрени родови
Доселеници:Јорговци (14 куќи) стари доселеници. Се делат на Смилковци и Сиљановци. Доселени се од мијачкото село Лазарополе, таму нивниот предок Јорго имал задруга од 70 членови, и бил многу богат. Го знаат следното родословие: Гиго (жив на 64 г. во 1947 година) Томе-Цветан- Ќаја. Имаат иселеници во Тетово (седум семејства), Скопје (три семејства), Софија (шест семејства) и во Романија (четири семејства); Милевци (15 куќи) доселени се од селото Милетино. Имаат иселеници во Тетово (три семејства), Бесарабија (две семејства), Романија (две семејства) и во Бугарија (две семејства); Матовци (11 куќи) доселени се од областа Мат во Албанија, го знаат следното родословие: Мано (жив на 60 г. во 1947 година) Василко-Тофил-Митрашко. Имаат иселеници во Тетово (шест семејства), Лешок, Белград (две семејства), Скопје (две семејства) и во Романија (три семејства); Биоловци (8 куќи) стари доселеници, не знаат точно од каде се доселени. Го знаат следното родословие: Ѓуро (жив на 50 г. во 1947 година) Крсто-Младен-Милош; Петерќевци (9 куќи) доселени се од некое околно полошко село, дошол рано Петре. Имаат иселеници во Тетово (три семејства), Белград (едно семејство) и во Софија (едно семејство); Станковци (8 куќи) доселени се од некое место Станкоо поле во Албанија. Имаат иселеници во Лешок, Белград (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Џамбазој или Кујовци (8 куќи) доселени се од селото Непроштено. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Русе (две семејства); Тапшаној (3 куќи) стари доселеници. Точно не знаат од каде се доселени. Имаат иселеници во Белград (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Варвара.[11]