Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Бирино во XVI век (1568-69 г.). Се претпоставува дека доаѓа од личното име Биро, чиј корен „бир“ означува дете или син. Со оглед на староста на името, може да се претпостави и дека доаѓа и од архаичното бир што означува давачка на свештеник или манастир.[2]
Бирино е особено планинско село, сместено на работ на Пелагонија. Околни места се Крушево, Свето Митрани, Врбоец, Пресил, Острилци и Журче (Железник). Во Бирино се наоѓаат три чешми: Кала, Мазна и Камен. Околу селото се наоѓаат изворите: Манастирска Чешма, Езериште, Голема Ливада, Дичоа Чешма, Крајин Дол и други.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голем Дол, Стрчи Нога, Бука, Мазна, Чобаница, Митро Долче, Шипје, Сирмина Нива, Овезиште, Чаир, Средни Дол, Кочоа Нива, Дупка, Долна Чобаница, Царско, Турти, Лунги, Два Даба, Мали Ливади, Задкамен, Котари, Над Црква, Клен, Крвајца, Дере, Горно Бирино и Попојца.[4]
Бирино се смета за старо село. По народната традиција, тоа најпрвин било мало словенско село. Во втората половина на XVIII век се доселила една група Власи од некои места во Јужна Албанија. Оттогаш селото станало мешовито, влашко-македонско село. Власите во Бирино се занимавале со сточарство, одгледувајќи овци и коњи. Имало и занаетчии помеѓу Власите (ковачи и калајџии).[4]
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Брина и имало 30 семејства и 2 неженети, сите христијани.[5]
До средината на XIX век, Бирино се зголемило на 120 куќи („големо како град“). Околу сто куќи биле влашки, а само дваесетина биле македонски. Поради големината тоа се поделило на Долно и Горно Бирино. Долно Бирино е местото на денешното село, кое имало околу 100 куќи и 20 дуќани (претежно ковачници). Селото имало и свој пазарен ден, поради што денес една круша на сретселото се нарекува Пазарска Крушка. Горно Бирино со 20 домаќинства се наоѓало еден километар северно од Долно Бирино, каде денес меѓу нивите се наоѓаат остатоци на куќи и бунари.[4]
Потоа селото било уништено при зулум на намножените Арбанаси од пониските околни села: Пресил, Врбоец и Света. Иселените биринци главно живеат во Крушево, додека некои заминале во Прилеп и во околните села.[4]
По раселувањето на селото, атарот го држеле некој бег од Дебар и Власите населени во Крушево. Синот на бегот, кој ја наследил шумата и имотот од атарот ги продал на крушевските Власи. Тие го користеле имотот во Бирино како испаша, ја сечеле шумата и имале мал број на Македонци, кои им работеле. Така, селото започнало полека да се обновува кон крајот на XIX век. По Првата светска војна врз основа на аграрната реформа, земјата им припаднала на затекнатите селани.[4]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бирино се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 7 куќи.[6]
Население во минатото
Година
Нас.
±%
1948
56
—
1953
62
+10.7%
1961
61
−1.6%
1971
13
−78.7%
1981
0
−100.0%
Година
Нас.
±%
1991
0
0.00%
1994
0
0.00%
2002
0
0.00%
2021
0
0.00%
Селото е наполно раселено по 1971 година, кога што броело 13 жители, македонско население.[3]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Бирино немало жители.[7] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се: Талевци (1 к.), доселени биле кон крајот од XIX век од некое село во Железник; Андреевци (1 к.), доселени биле од селото Селце, таму им била изгорена куќата. Во Селце припаѓале на родот Стевановци; Мицковци (2 к.), доселени биле пред крајот на турското владеење од селото Горно Дивјаци; Крстевци (1 к.) и Марковци (2 к.), доселени биле во 1928 година од селото Острилци; Јошевци (1 к.), доселени биле во 1942 година од селото Острилци, таму им биле род Марковци; Ѓурчиновци (1 к.), доселени биле во 1943 година од селото Годивје, Дебрца.
Иселеништво
Од биринските влашки иселеници во Крушево потекнуваат родовите: Куртевци, Ничовци, Мицковци, Моцани и други. Од Куртевци во Бирино има околу 15 гроба. Во Прилеп од Бирино е родот Тофовци.[4]
Понови иселувања од селото се Ичкобиловци (3 к.) живеат во Локвени, Биринци (3 к.) и Јовевци (3 к.) живеат во Врбоец, Огњановци (1 к.) живеат во Милошево и Трајкоски (1 к.) живеат во Пресил.[4]
Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Крушевска градска општина, во која влегувале градот Крушево и селата Бирино и Острилци.
Во минатото постоеле две цркви, кои биле срушени при раселувањето на селото. Првата се наоѓала на патот за Свето Митрани (месноста Влашка Црква), каде се забележуваат надгробни плочи, додека другата црква била во самото село (Долно Бирино) и истата била обновена при враќањето на македонското население.
Манастири
Манастирската црква „Св. Атанасиј“ во Журче се наоѓа во близина на атарот со Бирино во месноста Манастир.
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.