Името на селото првпат е забележано во турски документи од XV век (1468 г.). Се поврзува со топонимот Бареш што доаѓа од бара, односно место со застоена вода, локва или блато и со додавање на -ани кое означува „луѓе дојдени од Бареш“. Како друга варијанта се споменува и личното име Бареш или Барех.[2]
Според легенда, првите доселеници во ова село биле од полето, односно од место каде имало бари. Поради тоа, жителите на ова село почнале да ги викаат барешани, како и самото село.[3]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 640 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 11,5 километри во јужна насока.[4] Селото се наоѓа под источната падина на Баба Планина, на јужната страна од Битолското Поле.[3]
Барешани претставува поголемо потпланинско село, кое се наоѓа помеѓу пространи површини, кои понекогаш се поплавуваат. Околни села се: од југ Канино, од север Олевени, од исток Жабени и од запад Злокуќани. Во минатото, селото со вода за пиење се снабдувало од шест селски чешми, чија вода доаѓа од оддалечен пелистерски извор. Изворот го спровеле француски војници за време на Првата светска војна. Претходно, мештаните со вода за пиење се снабдувале од долови и бунари.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дага Межда, Прогон, Азмак, Мало Патче, Кушинец, Крушичко, Десково, Премка, Драгуша, Рамниште, Горни Ливади, Селиште, Спас, Думаноец, Липи и Милова Глајца.[5]
Селото има збиен тип, поделено на четири маала, а нивното растојание е незначително. На сретсело се наоѓа поголем празен простор. Маалата во селото се Шешкоско, Горно, Отадно и Долно.[5]
Историја
Најстариот помен за Барешани потекнува од првата половина на XVII век. И според народното предание се смета дека Барешани е старо село во битолскиот крај. Селото најпрвин се наоѓало на повисок терен, околу еден километар западно од денешната местоположба. Денес, таму се наоѓа месноста Селиште, каде се сретнуваат остатоци од куќи, гробови и цркви.[5]
Кај месноста Селиште се наоѓа црквиштето „Св. Спас“, за која се верува дека била најстарата барешанска црква. Од нејзе има останато само некакви „грамади“, а околу нејзе имало гробови на најстарото село. Поради оваа црква, во селото се слави Спасовден. На местото Думаноец, во близина на Селиште, се наоѓала црквата „Св. Дух“, од која при истражувањата на Јован Трифуноски во 1951 година се забележувал олтарот на црквата. Недалеку од нејзе се наоѓа и црквиштето „Св. Варвара“. На месноста Липи над селото се наоѓала црквата „Св. Филип“. И на самата атарска граница со Злокуќани се наоѓа Црквиште, каде исто така остатоци од стар храм.[5]
Мештаните од Селиште на денешното место дошле за време на отоманскиот период, бидејќи истото било поблиску до полето и до патиштата. Од тие мештани потекнуваат родовите кои слава Митровден, додека останатите жители се доселеници.[5]
Кон крајот на турското ропство плодната земја од ова село припаѓала на чифликсајбиите Асан Афтар и Емин-ага од Битола, а жителите биле сопственици на мал број неплодни ниви. Во селото дел од земјата припаѓала и на Арбанаси од планинското село Злокуќани. Македонското население ја откупила целата земја во периодот од 1912 до 1924 година.[5]
Во полето, источно од селото, се наоѓаат воени гробишта со околу 90 гробови, кои потекнуваат од Првата светска војна. Таму се закопани заробени Бугари.[5]
Атарот зафаќа простор од 6,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 375,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 159,3 хектари, а на шумите 124,1 хектар.[4]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[4]
Отсекогаш, сточарството во селото не било развиено.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Барешани се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 49 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[10]
Селото е средно по големина, без значителни промени во населеноста. Во 1961 година селото броело 498 жители, а во 1994 година 212 жители, од кои 209 биле Македонци, а тројца жители - други.[4]
Според пописот од 2002 селото брои 205 жители, од кои 204 Македонци и 1 останат.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 146 жители, од кои 115 Македонци, 1 Албанец и 30 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Барешани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско и доселеничко население.[5]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
Староседелци:Трајковци (10 к.), Мирчевци (8 к.), Тунузовци (6 к.), Љатовци (4 к.), Огњановци (2 к.) и Јовчевци (1 к.). За Трајковци и Јовчевци се мисли дека се деленици од родот Мирчевци. Сите родови слават Митровден.
Доселеници:Чешковци (9 к.), Ќирговци (4 к.), Илковци (4 к.), Лукаревци (4 к.), Туфековци (3 к.), Рендевци (2 к.), Тасевци (2 к.), Чалевци (2 к.), Коњовци (2 к.), Чинга (1 к.), Јуруковци (1 к.), Размовци (4 к.), Славковци (3 к.), Павлевци (3 к.), Карафиловци (1 к.), Веловци (7 к.), Зердевци (1 к.), Чучуковци (1 к.), Бендеревци (1 к.) и Бојчевци (1 к.). Родот Бојчевци потекнува од домазет, родовите Лукаревци и Чешковци некогаш биле еден род, додека родовите Размовци, Славковци, Павлевци и Карафиловци потекнуваат од ист предок. Сите овие родови се доселенички со непозната старина; Прчевци (6 к.), потекнуваат од браќата Митре и Тодор, кои се доселиле од селото Породин, во Породин биле староседелци.
Иселеништво
Постари иселеници има во селата Бистрица, таму е родот Мирчевци (2 к.). Родовите Трпковци (4 к.), Пујовци (3 к.), Тодоровци (3 к.), Димовци (2 к.) и Шамалевци (1 к.), иселени се во Олевени. Иселеници после Втората светска војна има на многу места, пред сè Битола и Австралија, каде што се иселува најчесто населението од битолските села.[5]
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Барешани се наоѓале селата Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0153 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
↑ 3,03,1„Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2023-02-04. Посетено на 2024-21-05. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 мај 2024.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.