Џеј Хиндли (англиски: Jai Hindley; р. 5 мај 1996 во Перт) — австралиски професионален друмски велосипедист, кој вози за UCI World Tour екипата Бора-Хансгрое.[1]
Откако се приклучил на екипата за сезоната 2018,[2] Хиндли го имал својот прв настап за Тим Санвеб на Волта ао Алгарве 2018. Во август 2018 година бил вклучен во почетниот состав за Вуелта а Еспања.[3] Во мај 2019 година бил именуван во почетниот состав за Џиро д’Италија 2019.[4]
Хиндли добро ја започнал сезоната 2020 со победа на две етапи и генералниот пласман на Хералд Сан Тур во февруари.[5] Започнал да вози на Џиро д’Италија во октомври. Стигнал до третото место во генералниот пласман откако завршил трет на етапата 15.[6] Ја освоил етапата 18, која била сметана за „кралска етапа“ поминувајќи го превојот Стелвио. Стигнал до второто место во генералниот пласман по таа етапа и го презел водството во пласманот за млад возач.[7] Завршил втор зад Тео Гејган Харт на планинската дваесетта етапа изедначувајќи се со времето во генералниот пласман како Гејган Харт.[8] Последната етапа на Џиро бил хронометар во должина од 15,7 километри. Хиндли завршил со време од 39 секунди поспоро од Гејган Харт, што значело дека Хиндли го завршил Џиро на второто место во генералниот пласман.[9]
Хиндли се повлекол од Џиро д’Италија 2021 пред почетокот на етапата 14.[10] Во тој момент тој се наоѓал на 25. место со повеќе од 17 минути зад предводникот на трката.[11]
Хиндли се префрлил во екипата Бора-Хансгрое за сезоната 2022.[12] Рано во сезоната успеал да заврши меѓу првите пет на Тирено-Адријатико 2022. Два месеци подоцна ја освоил својата прва голема трка, Џиро д’Италија.[13] Хиндли возел силно во текот на првите две седмици на трката и ја освоил деветтата етапа, високопланинска етапа. Во текот на завршната трета седмица се задржал на второто место, само на неколку секунди зад Ричард Карапас. На претпоследната планинска етапа успеал да ги помине сите фаворити за генералниот пласман, вклучувајќи го Карапас, и извозел за водство во генералниот пласман со солидна разлика пред завршниот хронометар. По вторпат во својата кариера го возел завршниот хронометар на Џиро носејќи ја розовата маичка, но овојпат ја освоил трката. Тој бил прв Австралиец кој го освоил Џиро и само втор Австралиец што освоил некоја голема трка, по Кедел Еванс кој го освоил Тур де Франс.
— = не учествувал; СО = се откажал; НСО = не се одржала