Освојувачи на медали на Летните олимписки игри 2024
Во списокот на освојувачи на медали по земји на Летните олимписки игри 2024 се наведени сите земји учеснички на игрите коишто освоиле медали. Игрите се одржале во Париз од 26 јули до 11 август 2024 година, а медали биле доделени во 329 натпреварувања во 32 спортови.
Кина и САД биле изедначени по бројот на најмногу освоени златни медали со по 40, а САД освоиле најмногу медали (вкупно 126).[10] Од поединечните учесници, кинеската пливачка Џанг Јуфеи освоила најмногу медали на игрите или вкупно шест (едно сребро и пет бронзи), додека францускиот пливач Леон Маршан освоил најмногу златни медали или вкупно четири.[11]
Претседателот на Парискиот организациски одбор Тони Естанге ги претставил олимписките и параолимписките медали за игрите во февруари 2024 година. Медалите на лицето содржат шестоаголна значка од рециклирано железо коешто било земено од материјалот којшто се користел при првобитната изградба на Ајфеловата кула, а на значката е изрежено логото на игрите.[12] Вкупно 5.084 медали се очекувало да бидат изработени од страна на ковницата на Парискиот монетарен двор, а биле дизајнирани од страна на париското претпријатие за изработка на луксузен накит Шоме.[13]
На опачината на медалите е прикажана старогрчката божица на победата Нике на Стадионот Панатинаико на којшто се одржале првите современи олимписки игри во 1896 година. Во позадината на обете страни на медалот се забележуваат Партенонот и Ајфеловата кула.[14] Секој медал тежи 455-529 г, има пречник од 85 мм и е со дебелина од 9,2 мм.[15] Златните медали се изработени од 98,8% сребро и 1,13% злато, додека бронзените медали се изработени од бакар, цинк и калај.[16]
Список по земји
Списокот е направен според информациите добиени од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и е во склад со прописите утврдени од страна на МОК за составување на ваквите списоци. Според прописите, земјите во списокот се претставени со нивните национални олимписки комитети, а се подредени по бројот на освоени златни медали. Доколку се случи две или повеќе земји да имаат еднаков број на освоени златни медали, подредувањето продолжува по освоените сребрени, па по освоените бронзени медали. Доколку се случи две или повеќе земји да имаат освоено ист број на златни, сребрени и бронзени медали, тогаш тие заземаат исто место во списокот и се прикажани според редоследот на првата буква во абецедата.