Линијата 2 е редовна дневна и ноќна автобуска линија во Скопје, управувана од претпријатието ЈСП Скопје. Оваа автобуска линија сообраќа од населбата Автокоманда до селото Сарај и обратно, минува низ 26 автобуски постојки и е во времетраење од околу 90 минути. Слична на оваа е линијата 2А која дополнително минува низ населбата Железара.
Автобуската линија 2 започнува од Автокоманда односно селото Сарај. Од Автокоманда таа сообраќа низ булеварот „Александар Македонски“, застанува на постојка кај парк-шумата Гази Баба, потоа продолжува долж булеварот „Никола Карев“, свртува лево на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ и овде застанува кај трговскиот центар „Мавровка“.
Линијата потоа продолжува на раскрсницата и се приклучува десно на булеварот „Гоце Делчев“ каде што застанува на постојка во близина на Скопско Кале. Линијата потоа минува низ мостот „Гоце Делчев“ и се приклучува на булевар „ВМРО“, продолжувајќи по булеварот „Партизански одреди“ на кој застанува на 10 постојки меѓу кои кај Соборен храм, поликлиниката „Букурешт“ и трговскиот центар Скопје Сити мол, а минува и низ мостот „Обединети Нации“.
На кружниот тек кај Порта Влае се приклучува на улицата „Ѓорче Петров“ и продолжува по истата сè до бензинската станица на Макпетрол кај мостот кој води кон селото Сарај. Од таму го преминува мостот и влегува во селото Сарај каде застанува на три постојки долж патот P402 по што линијата повторно се враќа по истата траса назад кон Автокоманда.