Црешнево (Велешко)

Црешнево

Поглед на селската црква „Св. Петка“ на влезот во селото

Црешнево во рамките на Македонија
Црешнево
Местоположба на Црешнево во Македонија
Црешнево на карта

Карта

Координати 41°38′00″N 21°29′20″E / 41.63333° СГШ; 21.48889° ИГД / 41.63333; 21.48889
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Азот
Население 1 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1415
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29079
Надм. вис. 880 м
Слава Света Петка
Црешнево на општинската карта

Атарот на Црешнево во рамките на општината
Црешнево на Ризницата

Црешнево — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Селото се наоѓа 7 километри северно од поранешниот општински центар Богомила, а во негова непосредна близина се наоѓаат селата Бистрица, Капиново и Нежилово.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Азот, западно од градот Велес. Сместено е во јужните падини на планинскиот масив Мокра. Црешнево припаѓа на проширената Општина Чашка, од чие општинско средиште е оддалечено 38 километри.[2]

Ова мало село е сместено во подножјето на планинскиот масив на Голешница во горното сливно подрачје на реката Бабуна. Местоположбата е погодна од стопански причини: јужно од селото на ниското земјиште селаните одгледувале жито и тутун, додека на падината на Голешница на север и североисток се наоѓаат шуми и пасишта. Црешнево е планинско село на надморска височина од 840 метри. Околни села се Бистрица, Нежилово, Капиново и Богомила. Атарот зазема простор од 11,1 км2 на кој пасиштата зафаќаат површина од 453 ха, на шумите отпаѓаат 372 ха, а на обработливото земјиште 198 ха, со што селото во основа има сточарско-поледелска функција.

Потезите по границите на пространиот селски атар ги носат следните називи: Пепелавец, Капиновски Крст, Мио-рамниште, Белуток, Мелчев Камен, Дебела Јасика, Крстев Камен, Сватови, Јанево Кале (постои стеновит блок), Уши, Рид, Утовец, Старец и Баба (има два камена „грбави“), Колец и Честак. Внатрешните делови на атарот се викаат: Јаворска Глава, Корита, Главје, Бегови Вирови, Јачмиште, Коњарник, Лизга Плоча, Страње, Крст, Амзиница, Крива Редика, Крушје, Гробишта, Изворска Бука. Црешнево е село од збиен тип и не се дели на маала затоа што е мало. Родовските куќи се во непосредна близина и повеќето се групирани.

Историја

Во XIX век, Црешнево се наоѓало во Велешката каза на Отоманското Царство. Крај селото од западната страна еден рид се вика Гробишта, а на него се гледаат камени плочи од стари гробови. Други остатоци од старини има јужно од Црешнево на месностите Камила и Честак. Таму се познаваат слаби остатоци од некогашни куќи, а во земјата се ископуваат делови од земјени цевки (ќункови). Црешнево спаѓа во редот на стари села во областа на Бабуна. Народното предание наведува дека тоа е старо колку и соседното село Бистрица, за кое пак се знае дека постоело уште во средниот век. Црешнево има црква Света Петка што е прилично стар храм. Некогаш во оваа црква доаѓале и селаните од Бистрица. На Петковден (8 август) се одржува(л) „селскиот „панаѓур“. Селските гробишта се кај црквата. Во месноста Коњарник над Црешнево жителите се собираат на Духовден. Таму се наоѓа крстот посветен на Света Троица.

Селото Црешнево отсекогаш било населено само со православно македонско население и тоа најмногу до 30 куќи во 1912 година. Поради тоа одредени делови од атарот на Црешнево биле присвоени од околните села. Потегот Црна Стена го присвоиле Богомила и Капиново, додека потегот Цуцул го присвоило Нежилово. До крајот на турското отоманско владеење и во ова село жителите трпеле и биле изложени на разни насилства и злодела од Албанците од Црнилиште, Десово, Согле и Јаболчиште. Тогаш, иако во Црешнево не живеело многу население, се одгледувало многу стока. До 1912 година селото имало 12.000 овци и кози. Доста стока, особено кози имало и помеѓу двете светски војни. Во 1922 година сточарите од ова село биле нападнати од група од 18 Албанци предводени од познатиот качак-разбојник и злосторник Каљош од кичевското село Зајас. Нападот бил извршен на потегот Бегови Вирови (2112 м.н.в.) кој се наоѓа североисточно од Црешнево. Таму биле напасувани околу 1200 селски шилежиња и 800 јариња. Качаците ги фатиле чуварите на стоката од ова село и Бистрица во месноста Лучица и девет дена ги чувале во заложништво во шумата викана Темна Бука кај селото Алдинци на планината Мумџица преку врвот Солунска Глава во поречието на Кадина Река. Некои од нив таму ги убиле, а еден ранет чувар на стоката останал жив и живеел во Бистрица сè до шеесеттите години на XX век.

Жителите на Црешнево порано биле скудни со вода за пиење. Меѓутоа во периодот помеѓу двете светски војни во селото биле изградени две чешми. Водата за чешмиште била спроведена од изворот Бука кој избива над селото. Еден добар извор на атарот на селото го носи името Турено и се наоѓа на потегот Бегови Вирови. Во шеесеттите години на XX век Црешнево броело севкупно 22 домаќинства.

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948146—    
1953169+15.8%
1961176+4.1%
1971109−38.1%
198140−63.3%
ГодинаНас.±%
199113−67.5%
199410−23.1%
20028−20.0%
20211−87.5%

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 250 жители, сите Македонци.[3] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Црешнево имало 272 Македонци.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 8 луѓе.[6] Сепак, дел од иселениците повремено престојуваат во самото село.

Големото иселување на селото се случило уште во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, кога скоро целото население од селото целосно се иселило во градовите, пред сè во Велес и Скопје, и одреден мал дел во странство.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 250 272 146 169 176 109 40 13 10 8 1
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови

Црешнево е во целост населено со македонско население и во фаза на раселување. Во 1961 година тоа имало 176 жители, во 1994 само 10, а во 2002 година само 8 жители, сите Македонци. Во Црешнево постојат овие македонски родови: Николовци (4 к.), Угриновци (4 к.), Китевци (3 к.), Калајџиовци (3 к.), Анѓелковци (3 к.), Најдовци (2 к.) и Бошковци (1 к.) сите слават Свети Никола и бидејќи за нив никој не знае дали се доселени од некаде, тие се најстарите староседелски родови во Црешнево. Ѓоревци (2 к.) слават Митровден и тие се стар селски род.

Општествени установи

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Црешнево, се наоѓале и селата Бистрица, Богомила, Капиново, Нежилово, Ореше и Папрадиште. Општината Богомила постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Богомила, Бистрица, Капиново и Црешнево.

Културни и природни знаменитости

Цркви

Редовни настани

Верски прослави
  • Петковден (8 август) — селска слава на селото со црковно-народен собир
  • Атанасовден (31 јануари) — давање курбан кога се собираат жителите на селото и колат јаре
Велосипедски настани
  • Започнувајќи од 2015 година, кон крајот на мај или почетокот на јуни велосипедистите од големата тура на велосипедскиот настан Азот МТБ Предизвик го посетуваат селото Црешнево, како прва попатна станица, при тоа искористувајќи ги двете селски чешми како водна станица.[12]

Иселеништво

Во селата по сливот на Бабуна живеат следните иселеници од Црешнево: Сокиновци (2 к.) во Мокрени; Здравевци (5 к.) во Ново Село; Чушкаровци (5 к.) во Долно Врановци; Андови (1 к.) во Војница. Во селата по сливот на Тополка иселеници од Црешнево се: Црешневци (2 к.) во Еловец; Црешневци (3 к.) во Бањица; Угриновци (3 к.) и Црешневци (1 к.) во Раштани. Иселеници има и во Скопје. Споменатите иселеници се гранки на денешните родови. Има и сосема иселени родови како Крстевци. Селаните на Црешнево во шеесеттите години велеле: „постарите и побудалите останавме, додека другите се иселија“.

Подоцнежните иселувања главно биле кон поголемите градови во Македонија, односно во Велес и Скопје, а еден помал дел од нив се заминати во странство. Иселувањата се случиле за време 1970-тите и 1980-тите години кога се отселиле повеќе од две третини од населението.

Галерија

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Профил на Општина Чашка“ (PDF). Општина Чашка. 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 3 јули 2016.
  3. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158
  4. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 118 - 119.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. Николовски, Дарко (2013). „Резултати од валоризацијата на црквите во селата Богомила и Бистрица во областа Азот, Велешко“ (PDF). Патримониум (6): 204. Посетено на 3 јули 2016.
  12. Јачевска, Соња; Дарко Андоновски (3 мај 2016). „Во Азот се белите дробови на Македонија“. Нова Македонија. Скопје. Посетено на 3 јули 2016.[мртва врска]

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!