Голешница — средновисока планина во средишниот дел на Македонија.[1] Всушност му припаѓа на источниот дел од масивот Мокра Планина, но од него е морфолошки одвоена. Се наоѓа помеѓу горните делови од речните долини на Кадина Река и Тополка, со правец на протегање запад–исток. Зафаќа површина од 197 км2. Највисоки точки се врвовите Лисец (1.935 м) и Сипичан (1.789 м). На север преку својата огранка Османбежица (1.730 м) и гребенот Дрмос се спојува со Китка, додека на запад преку Сипичан директно се поврзува со главниот јазол на целиот масив односно со Бегово Поле и врвовите Пржал и Солунска Глава. Самото име ни покажува дека е сиромашна со шуми, односно дека е обесшумена, што придонело да се развие интензивна рецентна ерозија. Таа е потпомогната и со големите наклони кои се карактеристични за северните и јужните падини.[2]
Галерија
Поглед на планината Голешница со највисокиот врв Лисец