Сетоле е едно од најопеаните тетовски села. Оддалечено е од Тетово 12 километри, а од селото Џепчиште до Сетоле води 5 километри асфалтиран пат. Стуткано длабоко во подножјето на Шар Планина, на 1.000 метри просечна надморска височина, денес е пример на селата кои одумираат и се раѓаат едновремено.
Соседни села на селото Сетоле се: Отуње од исток, Ѓермо од запад, Лавце и Селце од југозапад, и Једоарце од југ.
Одредени места во атарот на селото ги носат следните имиња: Волче, Требеница, Османица, Коштанлиќе, Ѓорчеи Падини, Под Гумно, Пеленица, итн.[2]
Историја
Според турски документи од 1628 година Сетоле се наоѓало во вилаетот Калканделен (Тетово) и било населено од 25 христијански семејства (домаќинства).[3]
Некогаш, на крајот од 19-от и почетокот на дваесеттиот век, Сетоле имало училиште со 70 ученици. Сетолци живееле од сточарство, особено со овчарството, но се занимавале и со овоштарство. Костените од Сетоле се многу ценети плодови. И оревите, исто така. Старата прочуена сорта Тетовско јаболко денес сè уште може да се најде во питомите падини на Сетоле, чија зелена питомина се спојува со непрегледните пасишта под впечатливиот врв Плоча, на 2.000 метри надморска височина.
Летописот за Сетоле бележи еден долг период на молк, анонимност и децениско обезличување. Вечната сенка на македонскиот народ – печалбарството, овде оставаше свои траги, зошто благостостојбата во Сетоле секогаш се разминувала со вековната упатеност на барање издршка и поубав живот на сите одредишта каде со македонската душа живееја и живеат по светот.
Токму така зборуваат трите невести Сетолки во прочуената песна Огрејала месечина. Лирската мелодија на оваа народна песна е знак за препознавање на Сетолци.
Географски и по судбина се соседните села Отуње и Јадоарце. Сетоле е богато со чиста планинска вода. Овде прочуениот Студенец е еден од повеќето извори каде Сетолци и намерниците во селото уживаат во студената вода што упатува на помислата дека чистата планинска вода е индикатор на богатството на современиот свет.
Денес, Сетоле повторно е меѓу минатото и иднината. Голем број од старите куќи се обновени и се изградени викендици со што започна нов живот во селото. Пасиштата и натаму се без овци и претставуваат исчезната планинска романтика, но се јавуваат нови можности на идниот развој – ловниот туризам со Ловечкиот дом на ловното друштво Шар Планина од Тетово, а особено селскиот туризам, за што питомиот предел на Сетоле пружа извонредни услови.
Сетоле е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се
Бачовци (2 куќи),староседелци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство), Тетово (едно семејство) и во Габрово (едно семејство).
Буневци (2 куќи),староседелци. од овој род потекнувала Мара Бунева, која е родена во Тетово. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Софија (едно семејство) и во Силистрa (едно семејство).
Ѓуковци (2 куќи),староседелци. Имаат иселеници во Романија (едно семејство).
Тасевци (2 куќи),староседелци. Имаат иселеници во Туденце.
Фандевци (2 куќи), се викаат и Богдановци. доселени се од некое место Фанде во Албанија, по старото место на живеење го добиле името. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Русе (две семејства) и на други места.
Од ова село има доста иселеници пред сè во Тетово, Скопје, Бугарија (Русе, Габрово, Софија, Силистрија). Помалце иселеници има во Белград. По овде изнесените иселеници во Сетоле припаѓале на одредени родови. Треба да се истакне и дека од сетолески иселеници во Тетово потекнува позната револуционерка од ВМРОМара Бунева.[2]
Ѓеровци еден дел изумреле во Сетоле, а другиот дел се иселил во Тетово. Качовци (4 к.) и Цинцаровци (6 к.) се иселиле во селото Лешок, Грубановци се иселиле некаде.[2]
↑Brancoff D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р.122-123.
↑Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.22.