Биста на Манчу Матак во Крушево
Манчу Матак (влашки : Manchu Matak ; Крушево , 1920 - Витолиште , Мариовско , 25 мај 1944 ) — македонски комунист од влашко потекло и учесник во НОВ . Бил прогласен за народен херој на Југославија .[ 1]
Животопис
Манчу е роден во 1920 година во влашко семејство во Крушево . По професија бил шијач. Станал член на КПЈ во 1939 година, а во 1940 година заминал на отслужување на воениот рок во Белград.[ 2]
Учество во НОБ
Во Априлската војна во 1941 бил заробен како војник на Кралството Југославија , но успеал да избега и се вратил во Крушево.[ 3] Како член на Месниот комитет на КПЈ во Крушево од крајот на 1941 , поради учество во штрајкот на монополските работници, бил уапсен и лежел во затвор од април до јуни 1942 година.[ 4] Бил секретар на Организацијата на КП во Крушевскиот партизански одред „Питу Гули“ , а по неговото расформирање кон крајот на 1942 се илегализирал во Крушево. Потоа се префрлил во Гостивар и стапил во партизанскиот одред „Кораб“ во пролетта 1943 година. Во борба со балистите бил заробен и спроведен во Тиранскиот затвор. По капитулацијата на Италија на 8 септември 1943 станал командир на Прилепската чета во Првата македонско-косовска бригада , а потоа во Единаесеттата македонска бригада .[ 5] Загинал при напад на бункер на германските сили кај селото Витолиште , Мариовско. При нападот на партизаните, како командир на втората чета на Прилепскиот баталјон, бил погоден од снајперски куршум.[ 6]
Наследство
Манчу Матак бил рогласен е за народен херој на Југославија на 20 декември 1951 година.[ 7] [ 8] Во негова чест училиштето во Кривогаштани го носи неговото име. Една песна на македонскиот поет Јозо Т. Бошковски од 1981 година, со наслов „Духот на борецот“, е посветена на Манчу Матак.[ 9]
Наводи
↑ Наум Наумовски, „Народниот херој Манчу Матак“ во „Бригада на братството и единството“, Скопје, 1958, 421–423
↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 211
↑ Манчу Матак, „Бригада на братството и единството“, Скопје, 1958, 460.
↑ Златко Билјановски, Одредот „Питу Гули“, Скопје, 1973 .
↑ Манчу Матак, „Втората македонска ударна бригада“, Скопје, 1973, 160–161
↑ Љубен Георгиевски – Љупта „Македонски Чапаев: монографија за народниот херој Илија Игески – Цветан“, Скопје, 2005, 123.
↑ Златко Билјановски, Манчу Матак, Скопје, 1975 .
↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 215.
↑ Јозо Т. Бошковски, Деца и цвеќиња и ѕвезди , Нов свет, Скопје, 1981, стр. 44.