Лиман Каба е роден во Дебар, во многудетно сиромашно семејство.[2]
Откако завршил основно училиште во Дебар, по Априлската војна (1941) учел во гимназијата во Приштина, каде што дејствувал и на организирањето на антифашистичката младина, поради што двапати бил апсен (во 1942 година).
Учество во НОБ
Избегал од Приштинскиот затвор и се вратил во Дебар, дејствувајќи како организатор на народноослободителното движење. Неговата куќа била центар за илегалните партиски состаноци на активистите на КПЈ и во нивната куќа Кузман Јосифовски - Питу го формирал Месниот комитет на КПЈ во Дебар.
Од економски причини, во февруари 1943 отишол во Тирана. Во мај истата година станал борец на албанскиот партизански одред „Дајти“. Извесно време со партизанската единица престојувал во Дебарско и на теренот на Пешкопеја.
По капитулацијата на Италија (на 8 септември1943) пристигнал во слободниот Дебар и бил назначен за заменик политички комесар на чета при Командата на градот, а потоа при формирањето стапил во Четвртата македонска (албанска) бригада (26 август1944). Подоцна истата година бил примен за член на КПЈ. Како заменик политички комесар на баталјон на Петнаесеттиот (македонски) корпус на НОВЈ загинал во борба со четнички сили на Сремскиот фронт во западна Славонија.
На 8 октомври1953 година е прогласен за народен херој на Југославија.[3]
Литература
Садо Хаме, „Лиман Каба“, Скопје, 1978 (на албански)
Наводи
↑„Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 655 стр.
↑„Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 205
↑„Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 209