Селото се наоѓа во областа Славиште, речиси во средишниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, од десната страна на Крива Река, а северно од градот Крива Паланка, на оддалеченост од околу осум километри.[2] Селото е ридско-планинско и е раштркано, чии маала се сместени на надморска височина од 820 до 1.040 метри.[2]
Селото се наоѓа во источниот дел на Кривопаланечката област, сместено лево и десно од Киселичка Река. Околни села се Трново на исток, Осиче на северозапад, Дрење и други.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Трсено, Крст, Цветков Гроб, Горна и Долна Орница, Трлиште, Тупанец, Падина, Златица, Макушевица, Чулја Бука, Ѓуркова Њива, Артина, Ливадиште, Длага ’Ртина, Длабоко Осоје, Калиманска Чука и Бабин Камен.[3]
Селото е од разбиен тип. Се разликуваат шест маала. На десниот брег на реката се сместени Селиште (8 к.), Поречанци (10 к.), Калиманци (5 к.) и Ридарци (4 к.). На левиот брег се маалата Клисарци (5к),Вели Врв (6 к.) и Дебело Брдо (5 к.).[3]
Селото Киселица се наоѓа северно од градот Крива Паланка. На север се граничи со селото Мала Црцорија, на исток со селото Трново, на југоисток со селото Кркља, на југ со селото Дрење, на запад со селото Осиче и на северозапад со селото Добровница.
Историја
На атарот на селото се сретнуваат одредени старини, особено во денешното маало Вели Врв. Традицијата наведува дека таму некогаш постоело „латинско село“, кое подоцна било иселено.[3]
На земјиштето на раселеното село кон крајот на XVIII век било основано денешното село. Основачи на селото биле родовите Селиштани и Ридарци. Подоцна бил населен и третиот род Домазетовци во маалото Вели Врв.[3]
Атарот зафаќа простор од 7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 452 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 388 хектари, а на пасиштата 184 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
До Втората светска војна, селаните главно живееле од земјоделство и сточарство. По војната, мештаните работеле како рудари или пак оделе на печалба.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[6]
Киселица, според бројот на населението, преминало од средно во мало село по големина, бидејќи тоа во 1961 година броело 450 жители, додека во 1994 година имало 139 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Киселица живееле 101 жител, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 30 жители, од кои 25 Македонци и 5 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Киселица е македонско село. Во селото има маала, колку што има родови. Сите родови потекнуваат од предци кои се доселени од некаде.[3]
Според истражувањата од 1973 година, родови во селото се:
Доселеници: Селиштанци (8 к.), најстар род во селото. Доселени се, но не знаат од каде. Го знаат следното родословие: Јованче (жив на 68 г. во 1973 година) Гиго-Ѓорге-Ристо, понатака не ги знаат предците; Ридарци (4 к.), гранка се од претходниот род; Веливршанци (6 к.), доселени се однекаде, ги викаат и Домазетовци; Поречанци (10 к.), доселени се од селото Жидилово; Дебелобрѓани (5 к.), доселени се однекаде; Калиманци (5 к.), најмлад род во селото. Доселени се од селото Луке.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
Староседелци: Колеви (2 к.), Пиштилци (2 к.), Мршалевци (2 к.), Павловци (1 к.), Чамурци или Великови (1 к.) Јаворци (6 к.) се делат на Ристинци и Ѓукови. и Ристовци (1 к.). селото потекнува од доселеници од селото Киселица кај Врање. По доселеници од тоа село, и ова село се нарекло така. Сите „староседелски“ родови потекнуваат од тие најстари доселеници.
Доселеници:Симонови со Стоилкови и Тодоровци (5 к.) доселени се околу 1840 година од селото Кркља; Станковци (1 к.) доселени се околу 1843 година од селото Градец; Тошови (1 к.) доселени се околу 1843 година од селото Караманица кај Босилеград во Србија; Домазеци (8 к.) и Деа Петревци (4 к.) доселени се околу 1845 година од блиското село Градец; Петрови (3 к.) доселени се од селото Подржи Коњ; Ѓорови или Цекови (2 к.) доселени се од селото Трново; Пешови (4 к.) доселени се околу 1868 година од селото Трново; Калиманци (2 к.) доселени се од селото Подржи Коњ; Шамбаќијци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Луке; Клисарци (1 к.) доселени се од селото Караманица кај Босилеград во Србија. Потекнуваат од домазет; Стефановци (2 к.) доселени се од Голема Црцорија во 1878 година; Цветановци или Пешови (4 к.) доселени се околу 1878 година од селото Градец; Којкар (1 к.) со Жељкари и Мијовци (4 к.) доселени се во 1893 година од селото Мартиница; Вошаничани (2 к.) доселени се од селото Добровница; Стоилкови и Атанасови (1 к.) и они се доселени од Добровница; Јанкови (2 к.) доселени се од селото Луке; Петровци (1 к.) доселени се од Мала Црцорија; Петрови (1 к.) доселени се од Мала Црцорија; Анѓеловци (1 к.) доселени се од Добровница; Станојевци (1 к.) доселени се од селото Луке.[13]
Општествени установи
Поранешно основно училиште, сместено во долината на Киселичка Река, во близина на маалото Вели Врв
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Кривопаланечка градска општина, во која покрај градот Крива Паланка, се наоѓале и селата Б’с, Варовиште, Дренак, Дрење, Дурачка Река, Киселица, Конопница, Кошари, Лозаново, Мартиница и Станци. Селото припаѓало на некогашната општина Трново во периодот 1950-1952, кога покрај него се наоѓало и селото Трново.
Ѓурѓовден — селска слава, која се одбележува на месноста Собориште, сместено кај срушената црква во маалото Вели Врв. Во непосредна близина се наоѓаат и денешните селски гробишта.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јуни 2019.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“