Сместено е во средишниот дел на Општина Ранковце, а од општинското средиште Ранковце е оддалечено четири километри. Селото е едно од малкуте рамничарски села во општината и изобилува со плодна земјоделска површина. Покрај селото тече Крива Река.
Стопанство
Поради својата местоположба во Славишкото Поле и располагањето со површини на плодни земјоделски површини, најголемиот дел од населението се занимава со полјоделство.
Воедно, селото е и едно од малкуте во целата општина, кое располага со многубројни стопански објекти во повеќе стопански дејности. Претпријатија кои работат во атарот на селото Гиновци се: рудникот „Бентомак“, „Малина“, неколку живинарски фарми и ОП „Осогово“.
Во однос на угостителско-сместувачките капацитети во селото постои мотел-ресторан со бензинска пумпа „Кратер“, кој се наоѓа на самиот магистрален пат и еден рекреативен-риболовен центар „Парк Гиновци“.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Гиновци живеат 315 жители, од кои 308 Македонци, 4 Роми, 2 Срби и 1 останат.[5] Најголемиот дел од жителите се имаат изјаснето како православни христијани.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 312 жители, од кои 293 Македонци и 19 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Селото Гиновци отсекогаш било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови кои живеат во Гиновци се: Королејци, Баба-Стојанкинци, Гргурци, Шклинци.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
Најстари доселеници:Тодосовци (3 к.), Шклинци (3 к.), Ќазинци (1 к.), Рајчиловци (3 к.), Китарци (1 к.), Лаповци (1 к.), Королејци (3 к.), Бараковци (4 к.), Милчинци (6 к.), Денчинци (2 к.), Бучкинци (1 к.), Петровци (2 к.), Дочкинци (1 к.), Маринковци (1 к.), Манавци (4 к.), Гурчинци (3 к.), Велковци (2 к.), Тирковци (1 к.) и Шука (1 к.) од некаде од Србија се доселиле тројца браќа. Тие основале три села. Гина го основал Гиновци, Милутин го основал Милутинце, а Љуба го основал Љубинци. Наведените родови потекнуваат од Гина.
Со непознато потекло:Јушмерци (1 к.), Шељавци (1 к.), Павуновци или Којкарци (2 к.), Солаци (3 к.) и Ѓелинци (1 к.)
Доселеници:Гргурци (5 к.) доселени се околу 1850 година од селото Буштрање кај Врање во Србија; Ѕиљковци (1 к.) доселени се околу 1860 година од селото Отошница; Шопци (3 к.) доселени се околу 1865 година од селото Метежево; Головотци (3 к.) доселени се околу 1875 година од селото Отошница; Сулимарци (1 к.) доселени се во 1924 година од селото Милутинце.[11]
Општествени установи
Основно училиште (затворено)
Самоуправа и политика
Селото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година се наоѓала во некогашната општина Ранковце. Во рамките на општина Крива Паланка се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Петралица, во која покрај Гиновци се наоѓале и селата Баратлија, Криви Камен, Милутинце и Петралица. Самата Општина Петралица била дел од Кривопаланечката околија. Општината Петралица постоела и во периодот 1950-1952 година.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.