Вулканските области во Македонија се подрачја со вулканска активност во далечното минато на Македонија, од олигоценот, миоценот, плиоценот, па сè до квартерот. Денес се издвојуваат седум области на згасната вулканска активност.[2]
Осоговско-малешевска вулканска област
Осоговско-малешевската вулканска област се протега од селото Луке на север преку Деве Баир − Тораница – Саса − Делчево − Пехчево.[2] Вулканите се одликувале со лава со преоден хемиски состав. Како последица на вулканската активност и ерозијата многу ретко се сочувани вистински вулкански купи. Како потипични во денешно време може да се споменат Буковик и Бело Брдо кај Пехчево. Староста на оваа вулканска активност е олиго-миоценска, а за оваа област е поврзана и минерализацијата на оловото и на цинкот во областите на Саса и на Тораница.
Кратовско-злетовска вулканска област
Кратовско-злетовската вулканска област е најголемата згасната вулканска област на нашата територија. Се простира меѓу планината Козјак на север, реката Брегалница на југ, Овче Поле на запад и Осоговските Планини на исток. Вулканските избуви биле копнени и подводни и се одликувале со силна екпслозивна фаза со производство на голема количина на лава и пирокластични материјали. Во денешно време во релјефот се истакнуваат повеќе поранешни вулкански купи (Злетовска, Маричанска и Црн Врв). Од поствулканските појави се познати: мофети, фумароли и термоминерални извори (Кочанска Бања, Боровиќ и др.)[2]. За оваа вулканска активност се поврзани и минерализациите на олово и цинк.
Кумановско-светиниколската вулканска област се наоѓа меѓу Нагоричане, Кумановско до Свети Николе. Вулканите биле од линеарен тип, кои се наоѓале на местата на длабоките структури и од нив се излевала базична лава, а вулканските избуви биле следени и со послаби експлозии. Лавата, која се продуцирала на површината на Земјата, градела сливови и плочи од базична лава што се наредени еден преку друг. Во одредени фази на работата на вулканите се произвела и одредена количина на пирокластични материјали што се наталожени преку сливовите на лави. Староста на оваа вулканска активност е на границата на олигоценот и на миоценот.
Бучимско-боровдолско-дамјанска вулканска област
Бучимско-боровдолско-дамјанската вулканска област е просторно сместена меѓу Штип и Радовиш. Како морфолошки облици се забележуваат вулканските купи и кратери: Пилав Тепе, Трескавичка Чука и др. За оваа вулканска активност е поврзано и оруднувањето на бакар во Бучим и во Боров Дол и одруднувањето на железо во Дамјан.[2]
Мариовско-кајмакчаланска вулканска област
Мариовско-кајмакчаланската вулканска област се протега меѓу селото Витолиште на север и планината Ниџе со Кајмакчалан на југ. Вулканската активност била проследена со силна производство на пирокластични материјали. Ова условува овој дел од теренот да е препокриен со: туфови, бречи и агломерати. Во одделни фази имало и производство на поголема количина на лава, која денеска се манифестира со појава на вулкански карпи во определени месности како што се: Камила, Црна Тумба, Кравица и др.
Кожуфска вулканска област
Кожуфската вулканска област е најмладата вулканска област во Македонија. Нејзината старост е одредена како миоценско-плиоценска до квартерна. Се наоѓа меѓу Кавадарци на север и планината Кожуф на југ со продолжеток кон Егејска Македонија. Вулканската активност се одликувала со експлозивна работа на вулканите и производство на голема количина на пирокластични материјали, кои, во периодот од плиоцен до квартер го заполниле Тиквешкото Езеро. Денес во морфологијата на планината Кожуф се забележуваат бројни остатоци од некогашните вулкани како што се: Васов Град, Коприва, Прашник, Цврстец, Острец, Дудица и Момина Чука. Со оваа вулканска област се поврзани и минерализациите: на бакар, на олово и на цинк на Дудица, како и минерализациите на: арсен, антимон, злато и талиум во Алшар.[2]
Охридско-коселска вулканска област
Охридско-коселската вулканска област се наоѓа северно од Охрид. Тука вулканската активност е поврзана за систем на раседи од кои најпознат е Коселскиот Расед. По должината на раседните структури кај селата: Песочани, Вапила, Косел, Велгошти се појавуваат поствулкански појави како што се мофетите. Најпозната е солфатарата-мофета кај селото Косел.