Овој врв е популарна туристичка атракција, за што говори бројката од преку 100 илјади посетители годишно. Околу Бен Невис има неколку ридови со надморска висина од 700 м, и на нив најчесто се искачуваат ентузијасти и професионални планинари од сите возрасти. Познати се по тешкиот и непредвидлив терен за зимско планинарење.
На местото каде што порано постоел активен вулкан, отворена била опсерваторија која активно работела во периодот 1883 до 1904 г. Нивните метеоролошки истражувањa биле многу важни како би се откриле климатските појави во Шкотска. Физичарот Чарлс Вилсон бил инспириран да ја конструира познатата Вилсонова комора, која пронаоѓа јонизирачки зрачења, кусо по неговото напуштање на опсерваторијата.
Една од поинтересните занимливости поврзани за овој врв, е приказната за Џон Мекдоналд. Имено, овој човек познат како Долгиот Џон, во 1825 г. ја отворил една од најстарите фабрики за производство на скоч (традиционален шкотски алкохолен пијалак). Фабриката за дестилација се наоѓа кај Викториниот мост близу северниот дел на Форт Вилијам.[2] Ова е еден од првите лиценцирани капацитети за правање и дистрибуција на алкохол во Европа.
Потекло на поимот
Името Бен Невис е англосаксонска транскрипција на келтското „Beinn Nibheis“. Beinn е шкотски збор кој означува планина, додека пак Nibheis нема прецизирано значење, а најчесто се користи за поимање на нешто отровно или токсично. Друго толкување на поимот „Beinn Nibheis“ би можело да потекнува од „beinn nèamh-bhathais“, каде nèamh значи облаци или рај, додека bhathais е човечка глава. Така настанал прекарот „Рајски Планини“, со кој поетите често ги ословуваат овие врвови. Месното население планината ја нарекува само „the Ben“.[3]
Историја
Првото забележано искачување по Бен Невис било на 17 август, 1771 год, а го направил Џејмс Робертсон, единбуршкиботаничар, чијашто намера била да собере примероци од ендемски растенија. Џон Вилијамс бил вториот освојувач на Бен Невис (1774), кој дошол да го истражува геолошкото потекло на планината. Но дури во 1847 г. било констатирано дека Бен Невис е највисокиот британски врв, титула која дотогаш му прапаѓала на Бен Макдуј.
Изградената опсерваторија во 1883 г. значајно го промовирала овој врв како туристичко одредиште. Во минатото постоела идеја да се постави железничка пруга за поголема пристапност кон ова место, но таа замисла никогаш не била реализирана. Во 2000 г. Бен Невис бил даден под концесија на шкотската добротворна организација „Џон Мјур“, како би се заштитиле загрозените животински и растителни видови.
Еколошки проблеми
Во близина на Бен Невис се наоѓаат неколку селски населби. Еколозите сметаат дека човечкиот фактор е причината за постепеното уништување на кревкиот екосистем. Еколошкото здружение John Muir Trust, со помош на општинските власти спроведуваат проект за заштита од изумирање на одредени видови флора и фауна. Во 2005 г. била спроведена акција за чистење и пошумување на подножјето од планината, која имала добра медиумска покриеност, а била поркената од еден пензиониран социјален работник.
Трката на Бен Невис
Трката на брзо искачување до врвот на Бен Невис има долга традиција која започнала уште во 1895 г. Тогаш Вилијам Свон, бербер од Форт Вилијам, првпат го измерил времето кое му било потребно да го помине растојанието од старата поштенска станица, па сè до самиот врв (2 часа и 41 минута). Следните години многупати бил подобруван неговото остварување, но првата официјална трка била одржана во 1898 г. од страна на Шкотската аматерска атлетска асоцијација. Тогаш имало само 10 учесници, а победник бил 21-годишниот Хју Кенеди, со време од 2 часа и 41 минута. Првата професионална трка била организирана во 1903 г. истата година кога опсерваторијата престанала со работа.
Трката со постојниот формат е од 1937 г. Се одржува во првата сабота од септември секоја година, а максималниот број на пријавени не смее да биде поголем од 500. Поради тешкиот терен и исцрпната патека, од натпреварувачите се бара потврда дека претходно учествувале на најмалку три трки од ваков карактер.[4] Патеката е долга 14 км, а моменталниот рекорд бил поставен во 1984 г. од Кени Стјуарт со време од 1 час и 25 минути.[5]