Поглед на селото од регионалниот пат
Јанче — село во Општина Маврово и Ростуше, едно од мијачките села во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.
Името на селото првпат е споменато како „Јаниче“ во 1583 година во турските дефтери. За потеклото на името постојат повеќе претпоставки:[2]
Јанче се наоѓа во областа Долна Река, во југозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, непосредно од левата страна на реката Радика и на патот Гостивар-Дебар. Селото е сместено на југозападната падина на планината Бистра.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 760 метри.[3] Селото е оддалечено од градот Дебар 16 километри.
Селото е сместено на тераса над левиот брег на реката Радика, под Скала на присојно место. Над куќите се наоѓа шума, додека под селото се наоѓаат ниви и ливади, а преку реката се наоѓаат лозја.[4]
Месности во атарот на селото се следниве: Рупа, Садишта, Стари Врт, Поље, Лениште, Дамјаница, Ливаѓе, Песја Горица, Степанова Кошара, Големи Дол, Млака, Бубелица, Св. Илија и Бела Вода.[4]
Селото има збиен тип и куќите се наоѓаат покрај патот.[4] Самите куќи се скалесто наредени, поради што добива изглед на орловско гнездо среде планинските врвови.
Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало дека селото го добило името.
Постојат мал број на пишани документи за ова село, од кои се гледа дека Јанче се наоѓало во месноста Јанечки Ливади, скриено заради честите качачки пљачкосувања. Подоцна селото се преместило поблиску до патот за полесна комуникација со останатите населени места.
Селото првпат се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467 година, кога имало само 1 христијанско семејство (Ѓерѓ Илиевиќ). Потоа се споменува и во 1536/39 година со 6 семејства и во 1583 година со 8 семејства и 3 неженети.
Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од пет века во долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истанбул.
Во XIX век, Јанче било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Селото нема голем атар и зафаќа простор од само 4,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина 469 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат само 31 хектар, а на пасиштата 27 хектари.[3]
Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]
Во минатото, главна стопанска дејност во селото било сточарството, но во последно време се забележува дека растечка гранка е туризмот и искористување на природните благодети во областа.
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Јанче било село со 100 домаќинства и 255 жители, од кои 130 муслимани и 125 христијани.[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Јанче живееле 400 жители, сите Македонци, од кои 240 православни и 160 муслимани.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Јанче имало 256 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Јанче се води како македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 62 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[9]
Јанче е мало село, коешто во 1961 година броело 165 жители, а во 1994 година 155 жители, од кои 133 биле Македонци, 9 Турци, 2 Албанци и 11 останати.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Јанче живееле 146 жители, од кои:[10]
* Жителите кои се изјасниле како Турци и Албанци, всушност претставуваат Македонци со исламска вероисповед, бидејќи најголем дел од нив се изјасниле дека македонскиот јазик им е мајчин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 102 жители, од кои 17 Македонци, 1 Албанец, 32 Турци, 1 Србин, 42 останати и 9 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Јанче:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Во Јанче отсекогаш живееле Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Јанче живееле следните македонски муслимански и христијански родови:[4]
А во селото постоеле и родовите Марковци, Каравеловци, Дојчиновци, Мановци, Ташовци, Арсовци, Трифуновци и Сиљановци.
Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Ростуша, во која покрај Јанче се наоѓале и Аџиевци, Битуше, Велебрдо, Галичник, Присојница, Ростуша, Сушица и Требиште. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на Општина Присојница, во која влегувале селата Аџиевци, Јанче, Присојница и Скудриње.
Во селото постои избирачкото место бр. 0467 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Галичник.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 129 гласачи.[13]
Печалбарството било и е карактеристично занимање или стопанска гранка на жителите на Јанче и воопшто на Мијаците. Печалбарењето како дејност се појавило во втората половина на XVII век. Тогаш цели тафи мајстори од најразлични профили како градежници, копаничари, зографи, трговци и различни занаетчии заминувале низ Балканот и земјите во Европа, па дури и во земјите на Мала Азија. Кај Мијаците, печалбарството доживеало експанзија во втората половина на XIX век и станало основен извор за приходи за живот на семејствата од овие краишта кое пак уште повеќе се етаблирало како основна професија по ослободувањето на Србија, Романија, а подоцна и на Италија и Бугарија, како и по Илинденското востание и Балканските војни. Почетоците на луѓето што го напуштале сточарството и оделе на печалба им биле многу тешки. Никој од нив немал капитал за да отворат дуќан па поради тоа тие се делеле во две групи едни останувале сточари, а другите отворале дуќани и така полесно се снаоѓале и успевале.
Благодарение на вековната солидарност меѓу Мијаците, многумина од нив, од печалба успеале да остварат сигурна издршка за своите семејства дури и за следните поколенија. Поспособните и поснаодливите кои заминале на печалба и отвориле дуќан подоцна ги прифаќале новодојдените печалбари од нивниот крај кои останувале и работеле кај нив сè додека не стекнат искуство и сопствен капитал за да можат и тие да станат сопственици на некоја работилница или дуќан. На печалба оделе домаќинките и машките деца од 8 до 12 годишна возраст, најчесто во Солун за да го научат јазикот. Ритуалното испраќање на печалба се подготвувало цел месец, а печалбарите најчесто барале и наоѓале работа во Гостивар, Скопје, Белград, Софија, Солун, Лариса, Москва, Каиро, Александрија, Букурешт, Бер, Сер и други.