Поглед на црквата
Свети Ѓорѓи — манастирска црква на Ораовичкиот манастир.[1]
Од натписната плоча до главниот влез на црквата се забележува дека нејзината изградба започнала на 15 октомври 2011 година, а била осветена на 24 ноември 2012 година од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Митрополит Брегалнички г. Иларион при одбележувањето на 45-годишнината од автокефалноста на Македонската православна црква.[2] Ктитор на црквата е Николајчо Николов.
Градбата на црквата претставува крстокуполен храм со осумаголна купола и полукружна апсида на источната страна. На секоја страна од куполата има по една монофора. Главниот влез се наоѓа на западната страна кон којашто е доградена затворена припрата. Од лвата страна на влезната врата кон припратата има мермерна плоча со информации за изградбата на црквата, а над влезната врата има ниша со мозаик на којшто е прикажан Свети Георгиј. Црквата има и спореден влез на јужната страна којшто исто така води до припратата. Над споредниот влез има монофора, а монофора има на надворешниот ѕид од припратата на северната страна. Од надворешната страна на јужниот и северниот ѕид во делот на наосот има по една бифора, на полукружните крила има по една трифора, а потоа на крајот има уште по една монофора. Објектот е граден од варовник и е покриен со кров од ќерамиди.
Внатрешноста на црквата е зографисана. Иконостасот е дрвен и содржи икони во еден ред коишто се изработени од иконописецот Дончо од селото Секирник. Од левата страна на царските двери се прикажани Свети Георгиј, Архангел Михаил и Богородица со Исус, а од десната страна Исус, Свети Стефан и Јован Крстител.
Во непосредна близина на храмот се издига камбанаријата. Таа има квадратна основа и се состои од два дела. Долниот дел е заѕидан од сите страни и во целост е обоен во бела боја, додека горниот дел е отворен.