Економијата на САД е најголемата економија во светот, мерено според вредноста на БДП.
Надворешна трговија
Во 2017 година, најголемо учество во американскиот извоз на стоки имале ЕУ и Канада (по 18%), а потоа следувале: Мексико (16%), Кина (9%) и Јапонија (4%), додека 35% од извозот на САД отпаѓал на другите земји. Од друга страна, најголемо учество во американскиот увоз имале: Кина (22%), ЕУ (18%), Мексико и Канада (по 13%) и Јапонија (6%), додека 28% од американскиот увоз бил по потекло од другите земји. Притоа, САД имале дефицит во трговската размена со секој од нејзините пет најголеми трговски партнери, а дури 45,8% од трговскиот дефицит на САД отпаѓал на Кина.[1]
Финансиски систем
Пазар на капитал
Пазар на обврзници
Пред 1984 година, САД задржувале данок во висина од 30 % на каматата исплатена на нерезидентите кои поседувале американски корпоративни или државни обврзници. Исто така, и американските претпријатија кои издавале еврообврзници во САД биле подлежни на оваа даночна обврска за каматата што им ја исплаќале на нерезидентите. Меѓутоа, овој данок бил укинат во 1984 година, а потоа американските претпријатија добиле право да им продаваат на странските инвеститори домашни обврзници кои гласат на доносител.[2]
Пазар на акции
Пазарот на акции во САД е најголем во светот: пазарната капитализација во 2019 година изнесувала 44% од светската капитализација на акционерските друштва, иако американските акционерски друштва учествуваат само со 17% во вкупниот број на акционерски друштва во светот. Сепак, тоа претставува намалување во однос на 2000 година, кога американската пазарна капитализација претставувала половина од светската капитализација. Американскиот пазар на акции е двојно поголем во споредба со сите европски пазари на акции, земени заедно. Американските акции се најскапите акции во светот, мерени според показателот „цена / принос“.[3] Во текот на XX век, реалниот принос на акциите во САД изнесувал 4,3% на годишно ниво, во споредба со останатите пазари кои имале принос од 0,8%.[4]
Најпрестижниот берзански индекс во САД е Дау Џонс (Dow Jones Industrial Average), кој е составен од 30 акционерски друштва со вкупна пазарна капитализација од 7,5 трилиони долари. Во составот на Дау Џонс 30 влегуваат следниве друштва: Microsoft, Apple, JP Morgan Chase & Co., Johnson & Johnson, Walmart, Visa, Procter & Gamble, ExxonMobil, Walt Disney, Home Depot, Verizon, Кока кола, Dow, Chevron, UnitedHealth, Merck & Co., Боинг, Cisco Systems, Интел, Pfizer, McDonald's, IBM, United Technologies, Најк, American Express, 3M, Goldman Sachs, Caterpillar, Walgreens Boots Alliance и Travelers. Индексот се пресметува со методата на ценовно пондерирани просеци, при што акциите со повисоки пондер цени имаат поголемо влијание врз индексот од оние со понизок. Највисок пондер во индексот имаат акциите на „Боинг“, а по неа следуваат акциите на „Јунајтед хелт“.[5] Исто така, големо значење има берзанскиот индекс Standard & Poor Composite 500 (S & P 500), составен од акциите на 500 претпријатија, а кој се пресметува така што како пондер служи пазарната вредност на акциите. Други познати берзански индекси во САД се: индексите на Њујоршката берза, индексите на НАСДАК, Вилшер 5000 итн.[6]
Во 1987 година се случил голем пад на американскиот пазар на акции. Имено, во текот на три дена, од среда, 14 октомври до петок, 16 октомври, индексот Дау Џонс се намалил за околу 10% при што најголемиот дел од падот се случил во петокот попладне. По викендот, во понеделник, на 19 октомври 1987 година, индексот Дау Џонс се намалил за повеќе од 20%.[7]
Инвестициски фондови
Инвестициските фондови (Mutual funds) се појавиле во 1940 година и оттогаш забележале огромен растеж. Така, во 1940 година, вкупните средства со кои управувале овие фондови изнесувале 500 милиони долари, во 1960 година тој износ достигнал 17 милијарди, до 1980 година се зголемил на 134,8 милијарди, во 2000 година изнесувал 6 946,6 милијарди, додека во април 2014 година го достигнал нивото од 15 196,2 милијарди долари. Притоа, 46% од американските семејства имаат инвестирано во инвестициски фондови.[8]
Банкарски систем
Историски развој на банкарскиот систем во САД
По стекнувањето на независноста, САД презеле мерки за намалување на зависноста од странските банки. Притоа, давањето дозвола за основање на банките било надлежност на сојузните држави при што на банките им било дозволено да основаат филијали само во рамките на одделна држава, а тие имале право и да издаваат банкноти. Подоцна, во 1791 година, американскиот конгрес ја основал Првата банка на САД (First Bank of the United States) која добила дозвола за работа со трајност од 20 години. Таа била во сопственост на сојузната влада, можела да отвора филијали во сите сојузни држави, а била основана за да се зголеми довербата во банкнотите. Меѓутоа, кредитната активност на банката била мала, а истовремено, конгресот бил загрижен поради централизацијата на финансиската моќ, па затоа, во 1811 година, кога завршила нејзината дозвола, банката била затворена, а нејзините средства и обврски биле префрлени на банките основани во сојузните држави. Во меѓувреме, банките одобрувале премногу кредити, што довело до првата американска банкарска криза во која пропаднале повеќе банки. Затоа, во 1816 година, конгресот ја основал Втората банка на САД (Second Bank of the United States), повторно со дваесетгодишна дозвола. Сепак, поради стравот од преголема финансиска централизација, во 1836 година таа престанала да постои, т.е. нејзината дозвола не била продолжена. Така, во тој период, банкарскиот систем на САД го сочинувале само приватни банки, основани со дозвола на сојузните држави. Иако кон крајот на 1830-тите пропаднале повеќе банки, сепак во средината на 19 век бројот на банките драстично се зголемил. Во 1864 година бил донесен Националниот банкарски закон (national Banking Act) чија цел била да ги принуди големите банки од северните држави да се префрлат од државна кон сојузна дозвола за работа. Оттука, конгресот им дал посебни даночни олеснувања на националните банки, кои пак морале да купуваат државни обврзници. Така, со тој закон настанало двојното банкарство во САД при што истовремено постојат банки со дозвола од сојузните држави и национални банки, т.е. банки со сојузна дозвола. Периодот од Американската граѓанска војна до почетокот на 20 век е познат како „диво банкарство“ (wildcat banking), зашто постапката за основање и затворање на банките била многу лесна и немало никаква регулација на банките, кои контролирале повеќе од 90 % од финансиското посредување. Во овој период, од средината на 1870-тите до средината на 1890-тите пропаднале околу 20 % од американските банки. Меѓутоа, по големата финансиска паника од 1907 година, довербата на јавноста во банките била нарушена, па во 1913 година, конгресот го донесол Законот за федералните резерви (Federal Reserve Act) со кој бил основан Системот на федералните резерви како централна банка на САД. Со тој закон, сите национални банки имале обврска да членуваат во Системот на федералните резерви, додека членството било доброволно за банките со дозвола од сојузните држави.[9]
За време на Големата депресија, американскиот банкарски систем доживеал голем потрес: меѓу 1930 и 1933 година пропаднале дури 9 600 банки. Како последица на тоа, веднаш по стапувањето на должноста, американскиот претседател Рузвелт веднаш издејствувал конгресот да го изгласа Законот за банките во вонредни услови (Emergency Banking Act) кој бил донесен на 9 март 1933 година. Врз основа на тој закон, банките биел затворени во период од шест дена, а потоа 12 000 банки биле повторно отворени, 2 000 биле веднаш затворени, а 3 000 започнале да работат подоцна. Во следните две години, администрацијата на Рузвелт донела неколку важни закони во областа на банкарството, како: Федералниот закон за осигурување на депозитите од 1933 и 1934 година со кој била основана Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation), Глас-Стигаловиот закон од 1933 година со кој се одделиле инвестициското и комерцијалното банкарство и биле воведени ограничувања во однос на исплатата на камата на депозитите, Законот за федералните резерви (Federal Reserve Act)од 1935 година со кој се засилила контролната функција на ФЕД, итн.[10]
По Втората светска војна, американските банки биле многу регулирани и заштитени од конкуренцијата. Како последица на тоа, во 1960-тите банките располагале со околу 40 % од вкупните средства на финансискиот систем, а потоа започнал периодот на нивната стагнација така што во 1998 година нивното улество се намалило на само 20 % од вкупните средства на финансискиот систем. Истовремено, банките постепено почнале да воведуваат нови иновативни производи со кои настојувале да ја избегнат строгата регулација. Така, во 1962 година, њујоршката банка City National Bank ја вовела преносливата потврда за депозит (Negotiable certificate of deposit). Под притисок на банките, во 1980 година, конгресот го донесол Законот за дерегулација на депозитарните институции и за монетарна контрола (Depository Institutions and Monetary Control Act) со кој било предвидено до 1985 година да се отстранат ограничувањата на каматните стапки на депозитите. Во текот на 1980-тите се случило масовно пропаѓање на штедно-кредитните здруженија (Savings and Loan Associations), а за обесштетување на штедачите биле потрошени меѓу 200 и 300 милијарди долари, Истовремено, и банките се нашле во неповолни услови, што довело до пропаѓање на 1 304 банки меѓу 1985 и 1992 година, вклучувајќи го и фактичкото пропаѓање на десеттата по големина банка, Continental Illinois Bank of Chicago. Во 1990-тите дошло до голема концентрација на американскиот банкарски систем: бројот на малите банки (оние со средства под една милијарда долари) се намалил од 12 500 на 8 661 при што нивното учество во вкупните средства на банкарскиот сектор се намалило од 54 % на 21 %; од друга страна, бројот на големите банки (оние со повеќе средства од 10 милијарди долари) се зголемил од 6 на 65, а нивното учество во вкупните средства на банкарскиот сектор пораснало од 32 % на 60 %.[11]
Број на банки во САД, 1811-1930[12]
Година |
Број на банки |
Вкупни средства (во мил. долари)
|
1811 |
88 |
42
|
1820 |
307 |
103
|
1830 |
329 |
110
|
1866 |
1 391 |
1 673
|
1880 |
3 355 |
3 399
|
1900 |
13 053 |
11 388
|
1920 |
30 909 |
53 094
|
1930 |
24 273 |
74 290
|
Структура на банкарскиот систем
Во текот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, бројот на банките во САД бил приближно стабилен и се движел помеѓу 13 500 и 14 500. Потоа, пропаѓањата на повеќе банки и меѓусебните спојувања придонесле бројот на банките драстично да се намали на 6 544 во 2010 година.[13] Наспроти големиот број банки, американскиот банкарски систем е многу концентриран: во 2014 година имало само 91 голема банка (со вкупни средства над 10 милијарди долари), но тие учествувале со дури 83% во вкупните средства на американскиот банкарски систем.[14]
Број на банки во САД, 1934-2017[15]
Година |
Број на банки
|
1934 |
14 146
|
1944 |
13 268
|
1954 |
13 323
|
1964 |
13 493
|
1974 |
14 230
|
1980 |
14 434
|
1985 |
14 417
|
1990 |
12 347
|
1997 |
9 144
|
2002 |
7 887
|
2006 |
7 397
|
2008 |
7 077
|
2010 |
6 519
|
2013 |
5 847
|
2016 |
5 112
|
2017 |
4 918
|
Регулација на банкарскиот систем
Во САД постојат повеќе периоди на засилување и намалување на регулацијата на банките. Првиот закон во областа на банкарството е Законот за националното банкарство од 1864 година при што била основана посебна служба (Comptroller of the Currency) за доделување дозволи за работа на целата територија на САД, наместо само во одделните сојузни држави како што било дотогаш. Во 1913 година бил донесен Законот за федералните резерви со кој била основана централната банка која добила одредени надлежности во регулацијата и супервизијата на банките. Во 1933 и 1934 година било воведено задолжителното осигурување на депозитите во согласност со Федералнито закон за осигурување на депозитите, а Глас-Стигаловиот закон од 1933 година ги раздвоил инвестициското од комерцијалното банкарство. Со Законот за банкарските холдинг компании од 1956 година и со неговите амандмани од 1963 и 1970 година биле ограничени активностите на банкарските холдинг компании. Во 1980 година започнал процесот на дерегулација на банките, кога бил донесен Законот за дерегулација на депозитарните институции и за монетарна контрола (Depository Institutions and Monetary Control Act) со кој било предвидено до 1985 година да се отстранат ограничувањата на каматните стапки на депозитите и бил зголемен износот на осигурувањето на депозитите од 40 000 на 1000 долари. Дерегулацијата на депозитите на населението била дополнително засилена со Гарн-Сенжерменовиот закон (Garn-St. Germain Act) од 1982 година, кој им дозволил на депозитарните институции да отвораат сметки на пазарот на пари. Во 1989 година бил донесен Законот реформа на финансиските институции, за обнова и за спроведување (Financial Institutions Reform, Recovery, and Enforcement Act, FIRREA) со кој биле направени промени во однос на штедно-кредитните здруженија и во однос на осигурувањето на депозитите. Дополнителни промени во осигурувањето на депозитите биле направени со Законот за унапредување на Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation Improvement Act). Во 1994 година, со Законот за меѓудржавно банкарство и за ефикасност на отворањето филијали (Interstate Banking and Branching Efficiency Act) целосно се отстраниле сите органичувања за влез на банките од една во друга сојузна држава.[16]
Пред 1930-тите, големите комерцијални банки во САД работеле и со хартии од вредност. За да се спречи судирот на интереси меѓу комерцијалното и инвестициското банкарство, во 1933 година бил донесен т.н. Глас-Стигалов закон (Glass-Steagall Act) со кој се раздвоиле овие две активности, т.е. на комерцијалните банки им биле наметнати бројни ограничувања. Така, ним им било забрането да вршат јавна понуда на хартии од вредност, да вршат купопродажба на хартии од вредност со јавноста и да продаваат осигурителни полиси. Сепак, на комерцијалните банки им било дозволено да запишуваат државни хартии од вредност и приватни пласмани. Од друга страна, на инвестициските банки им било забрането да прифаќаат депозити и да одобруваат комерцијални кредити. Во 1960-тите, на комерцијалните банки им било дозволено да посредуваат во издавањето на општинските обврзници, а тие можеле слободно да се занимаваат со инвестициско банкарство во странство. Во 1987 година, американската централна банка дополнително ги олабавила овие ограничувања, дозволувајќи им на банките да формираат холдинг компании со две подружници — една за инвестициско и друга за комерцијално банкарство. Во 1991 година, со законот познат како FDICIA, можноста на банкарските холдинг компании да се занимаваат со инвестициско банкарство добила и законска основа. Во 1997 година, комерцијалните банки добиле дозвола да купуваат (преземаат) инвестициски банки. Во 1997 година, ФЕД им дозволил на подружниците на банкарските холдинг компании да можат да остваруваат приходи од инвестициско банкарство до 25 % (наместо 10 % како што било дотогаш). Конечно, во 1999 година бил донесен Законот за модернизација на финансиските услуги (Financial Services Modernization Act), кој ги отстранил сите ограничувања во активностите на банките. Во 2008 година, банката JPMorgan Chase ја презела инвестициската банка Bear Stearns, додека Банката на Америка ја купила инвестициската банка Мерил Линч (Merrill Lynch). Истовремено, другите две големи инвестициски банки, Голдман Сакс (Goldman Sachs) и Морган Стенли (Morgan Stanley) се пререгистрирале како банкарски холдинг компании и тоа го означил крајот на поделбата меѓу инвестициското и комерцијалното банкарство во САД.[17] [18]
Традиционално, во американскиот банкарски систем постоеле долгогодишни ограничувања во однос на можноста за ширење на банките од една во друга американска држава. Така, во 1927 година бил донесен Мекфејденовиот закон (дополнет во 1933 година) со кој на банките им било забрането да отвораат филијали во повеќе од една сојузна држава, а едниствениот начин за заобиколување на ова ограничување било да се воспостави мултибанкарски холдинг (multibank holding company), т.е. друштво кое поседува повеќе подружници-банки. На тој начин, до 1956 година се појавиле 47 банкарски холдинг компании, но потоа бил изменет Законот за банкарски холдинг компании и оваа практика била укината. Од друга страна, за да ги заобиколат новите ограничувања, банките почнале да формираат холдинг компании кои поседувале само една банка, а повеќе небанкарски друштва. Меѓутоа, Законот за банкарски холдинг компании од 1970 година ги ограничил активностите и на ваквите холдинг компании. Сепак, во 1978 година, државата Мејн им дозволила на банките од другите држави да работат во неа, а потоа, тој пример го следеле и другите држави. Како последица на тоа, меѓудржавните органичувања на банките почнале да исчезнуваат. Во 1994 година бил донесен Ригел-Ниловиот закон за меѓудржавно банкарство и ефикасноста на филијалите (Riegel-Neal Interstate Banking and Branching Efficiency Act) кој им дозволил на банкарските холдинг компании да преземаат и отвораат филијали во други сојузни држави. Наспроти големиот број банки, американскиот банкарски систем е многу концентриран: во 2014 година имало само 91 голема банка (со вкупни средства над 10 милијарди долари), но тие учествувале со дури 83% во вкупните средства на американскиот банкарски систем.[14]
Во однос на регулативата во врска со активностите на странските банки во САД, клучна улога има Законот за меѓународно банкарство (International Banking Act) од 1978 година со кој се воспоставил принципот на национален третман на сите странски банки од кои се бара да ги исполнат сите законски прописи кои се однесуваат на домашните банки. Тоа значи дека странските банки се предмет на супервизија на ФЕД и мора да издвојуваат задолжителна резерва под истите услови како домашните банки. Во 1991 година бил донесен уште еден важен закон, Законот за унапредување на супервизијата на странските банки (Foreign Bank Supervision Enhancement Act) кој донесол пет важни новини: прво, за да влезе на американскиот пазар, секоја странска банка мора да добие одобрение од ФЕД за организационата форма; второ, ФЕД може да ја затвори странската банка ако супервизијата во нејзината домашна земја е несоодветна, ако банката ги прекрши американските закони или ако применува несигурни банкарски практики; трето, ФЕД може да врши супервизија на секоја филијала на странската банка; четврто, на депозитите во странскиет банки се применува американскиот систем на осигурување; петто, филијалата на странка банка која работи со дозвола на некоја сојузна држава не може да врши активности кои не им се дозволени на филијалите на домашните банки.[19]
Регулацијата на капиталот на банките во САД започнала во 1981 година, по големиот бран на пропаѓање на штедно-кредитниет институции, кога регулаторните агенции започнале за воведуваат единствени стандарди за капиталот. Притоа, ФЕД и Службата на контролорот на валутата се фокусирале врз две мерки на капиталот: односот меѓу основниот капитал (акционерскиот капитал и резервите за покривање на загубите на кредитите) и вкупните средства и односот меѓу вкупниот капитал (збир на основниот капитал, приоритетните акции со ограничена рочност и дел од субординираниот долг) и вкупните средства. Од друга страна, Федералната корпорација за осигурување на депозитите користела само едне показател: односот меѓу акционерскиот капитал и вкупниет средства. Во 1986 година, ФЕД склучил спогодба со Банката на Англија за воспоставување повисоки стандарди за потребниот капитал при што тие ги вклучувале и вонбилансните ставки. Во 1989 година, Конгресот го донел законот познат како FIRREA со кој од депозитните институции се барало да одржуваат основен капитал од најмалку 3 % од вкупните средства. Подоцна, од 1992 година, законот познат како FDICIA воспоставил стандарди за потребниот капитал засновани врз односот меѓу основниот капитал (core capital) и вкупните средства изложени на ризик. Притоа, според степенот на капитализација, банките биле поделени во пет групи:[20]
- добро капитализирани (оние со акционерски капитал поголем од 5 %, со капитал од нивото 1 над 6 % и со вкупен капитал над 10 %)
- соодветно капитализирани (оние со акционерски капитал над 4 %, со капитал од нивото 1 над 4 % и со вкупен капитал над 8 %)
- поткапитализирани (оние со акционерски капитал под 4 %, со капитал од нивото 1 под 4 % и со вкупен капитал под 8 %)
- значително поткапитализирани (оние со акционерски капитал под 3 %, со капитал од нивото 1 под 3 % и со вкупен капитал под 6 %)
- критично поткапитализирани (оние со вкупен капитал под 2 %)
САД започнале со примена на Базелската спогодба на 1 јануари 1993 година.[21]
Финансиската криза од 2007 година оставила големи последици врз американскиот банкарски систем. Поради пропаѓањето на повеќе банки, во јули 2010 година бил донесен т.н. Дод-Френков закон (Dodd-Frank Wall Street Reform and Consumer Protection Act) чии главни одредби се:[22]
- биле основани две нови регулаторни тела - Советот за надзор врз финансиската стабилност (Financial Stability Oversight Council, FSOC) и Службата за финансиско истражување (Office of Financial Research, OFR)
- биле проширени надлежностите на Федералната корпорација за осигурување на депозитите во однос на ликвидацијата на банките
- Службата за супервизија на штедилниците (Office of Thrift Supervision) била укината
- износот на осигурувањето на депозитите бил трајно зголемен на 250 000 долари
- хеџ фондовите и личните институции добиле обврска да се регистрираат кај Комисијата за хартии од вредност
- била основана Федерална служба за осигурување (Federal Insurance Office)
- било прифатено т.н. Волкерово правило (Volcker rule) со кое на депозитните институции им било забрането да тргуваат со хартии од вредност за своја сметка
- трансакциите со стандардизираните деривати со кои се тргува на шалтерските пазари мора да се извршуваат на електронски платформи, познати како средства за извршување на свопови (Swap execution facilities), а ваквите трансакции меѓу финансиските институции мора да се порамнуваат кај централните клириншки куќи
- била зголемена заштитата на инвеститорите
- во рамките на Комисијата за хартии од вредност била основана Служба за кредитните рејтинзи со задача да врши надзор врз агенциите за кредитен рејтинг
- била укината употребата на надворешните агенции за кредитен рејтинг во регулацијата ба банките
- во рамките на Системот на федералните резерви било основано Бирото за финансиска заштита
- издавачите на секјуритизирани производи биле задолжени да чуваат кај себе 5% од секој производ
- големите финансиски фирми мора да имаат барем еден член на одборот на директори со искуство во областа на управувањето со ризиците во сложени и големи фирми
- Федералната корпорација за осигурување на депозитите добила овластување да може да преземе некоја голема финансиска институција која е пред пропаѓање
- системски значајните финансиски институции мора да изработат документ со кој ќе покажат како би обезбедиле пари во случај на криза
Во периодот од 1930 до 1933 година, во САД пропаднале околу 10 000 банки. Поради тоа, во 1933 година, САД формирале посебна државна агенција за заштита на малите штедачи — Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation, FDIC). На почетокот биле осигурани само депозитите во износ до 2 500 долари, а подоцна овој износ бил зголемен во неколку наврати, а со последните измени од октомври 2008 година, осигурувањето ги покрива депозитите во висина до 250 000 долари по штедач во една банка. Притоа, банките плаќаат премии за осигурување на домашните депозити, а од 2007 година, големината на премиите зависи од капиталот на банката и од оцената на банката добиена од супервизорот. За добро капитализираните банки, премијата може да изнесува 0,1% од осигурениот износ, а за поткапитализираните банки премијата може да достигне 0,35%. До 1980 година, системот на осигурување на депозитите функционирал добро, но потоа, во следните десет години пропаднале над илјада банки така што резервите на Федералната корпорација сериозно се намалиле и таа морала да позајми 30 милијарди долари од министерството за финансии. Во 1991 година бил донесен Законот за подобрување на Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation Improvement Act, FDICIA) со цел да спречи таа да стане несолвентна во иднина. Во 2006 година, резервите на Федералната корпорација достигнале 50 милијарди долари, но тие повторно се намалила за време на финансиската криза од 2007 година.[23]
Наводи
- ↑ Зоран Јовановски, „Надворешно-трговскиот дефицит на САД“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 10.
- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 173.
- ↑ www.nasdaq.com (пристапено на 10.1.2019)
- ↑ Goetzmann, William N., Lingfeng Li, and K. Geert Rouwenhorst (2001), „Long-term global market correlations“. Working Paper w8612, National Bureau of Economic Research.
- ↑ www.cnbc.com (пристапено на 15.1.2020)
- ↑ Zvi Bodie, Alex Kane, and Allan J. Marcus, Investments (fifth edition). Boston etc.: McGraw-Hill Irwin, 2002, стр. 51-53.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 518.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 71-72.
- ↑ George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 8-10.
- ↑ George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 11-12.
- ↑ George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 12-22.
- ↑ George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 9.
- ↑ F. M. Scherer, Financial Mergers and Their Consequences, Harvard University, John F. Kennedy School of Government, 2013.
- ↑ 14,0 14,1 John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 26-27.
- ↑ Извор: Federal Deposit Insurance Corporation.
- ↑ George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 10-26.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 37-38.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 306-307.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 41.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 286-287.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 287.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 366-368.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 30-31.