Вонбилансни ставки

Вонбилансни ставки (англиски: off-balance sheet items) претставуваат минати или идни сметководствени настани кои, доколку се остварат одредени услови, може да создадат средства или обврски за фирмата.

Особености

Билансот на состојбата не дава целосна претстава за финансиската состојба на фирмата, бидејќи еден дел од нејзините активности не е прикажан во овој финансиски извештај. Станува збор за минати или идни настани што може да создадат средства или обврски за фирмата. Бидејќи се работи за условни средства и обврски, што може, но не мора да настанат, тие не се вклучени во билансот на состојбата и затоа се наречени вонбилансни ставки.

На пример, ако некоја банка издаде гаранција по барање на нејзин клиент, тогаш тоа создава условна обврска на банката, бидејќи таа ќе треба да изврши некое плаќање, само под услов нејзиниот клиент да не ја изврши неговата обврска. Но, ако клиентот на банката си ја изврши преземената обврска, тогаш гаранцијата не предизвикува никакви ефекти за банката. Меѓутоа, при издавањето на гаранцијата, воопшто не е извесно дали банката навистина ќе треба да изврши одредено плаќање и, оттука, гаранцијата не може да се прикаже во билансот на состојбата како обврска на банката. Затоа, овие ставки се прикажуваат посебно, на крајот од билансот на состојбата, под името „потенцијални средства и обврски“. Сепак, иако не се прикажани во билансот на состојбата, овие активности може да предизвикаат големи ефекти врз работењето на фирмата.

Видови вонбилансни активности

Вонбилансните ставки претставуваат условни, неостварени средства или обврски кои во иднина може, ама не мора, да предизвикаат појава на средства или обврски. На пример, кај банките се јавуваат следниве видови вонбилансни активности:

  • Издадените гаранции во домашна и странска валута, каде што банката гарантира дека ќе ја изврши обврската што нејзиниот клиент ја има кон трето лице, доколку тој самиот не ја изврши обврската.
  • Издадените акредитиви во домашна и странска валута. Овде станува збор за инструмент што вообичаено се применува во меѓународниот платен промет, кој е поврзан со финансирањето на надворешната трговија (увозот и извозот).
  • Преземените обврски за кредитирање, каде банката се обврзува дека на клиентот ќе му одобри кредит во одреден износ и за време на определен временски период.
  • Неискористените кредитни линии и неискористените кредитни лимити на кредитните картички. Со отворањето на кредитната линија, банката му става на располагање одреден максимален износ парични средства на клиентот, кој одлучува за користењето на кредитот според сопствените потреби. Притоа, тој може, но не мора, да го искористи целиот одобрен износ и, во таа смисла, неискористениот износ на кредитот претставува само потенцијално средство на банката.[1]

Наводи

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 31.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!