Своп (англиски: Swap) — финансиски дериват со кој две страни разменуваат идни парични приливи во согласност со однапред договорена формула.
Историја
Своповите настанале од т.н. паралелни заеми кои се појавиле за да се заобиколат девизните контроли. Паралелните заеми се склучувале меѓу две мултинационални претпријатија од различни земји при што централата на секое претпријатие ѝ одобрувала заем (изразен во домашната валута) на подружницата на странското мултинационално претпријатие. Притоа, двата заеми гласеле на истиот износ, пресметан со тековниот девизен курс, а на заемите се наплаќале каматните стапки кои важеле во двете земји. Всушност, паралелниот заем претставува склучување две посебни трансакции за кои се заклучувале два посебни договора за кои не постоеле стандардна форма и клаузули. Подоцна се појавила варијанта на паралелниот заем, наречена back-to-back loan која опфаќала само еден договор за двата заема, со што се намалиле трансакциските трошоци, но и понатаму останал проблемот со евентуалниот банкрот на подружниците на мултинационалните претпријатија.[1]
За првпат, своповите се појавиле во 1981 година, кога Светската банка зела кредит со фиксна каматна стапка во вредност од 290 милиони долари и него го заменила за обврските на ИБМ изразени во швајцарски франци и германски марки, а трансакцијата ја подготвила инвестициската банка Salomon Brothers..[2] Пазарот на свопови забележал неверојатен раст кон крајот на 1980-тите и во првата половина на 1990-тите: Во 1991 година, вкупната номинална вредност на своповите изнесувала 4 679 милијарди долари (каматни свопови во износ од 3 065 милијарди и валутни свопови во износ од 1 614 милијарди); веќе во 1997 година, вкупната вредност на своповите изнесувала 22 290 милијарди долари (19 171 милијарди каматни свопови и 3 119 милијарди валутни свопови).[3]
Видови свопови
Во зависност од предметот на размената, постојат повеќе видови свопови:[4]
- Валутен своп (currency swap) кој претставува размена на парични текови изразени во различни валути. На пример, едната договорна страна ѝ плаќа на другата страна одредена камата на доларски износ во замена за камата на одреден износ во јени. Притоа, при склучувањето на договорот се определува курсот по кој ќе се врши размената на доларите за јени.
- Каматен своп (interest rate swap) кој претставува размена на променлива камата за фиксна камата при што двете се пресметуваат на однапред договорен износ (notional amount). Притоа, со каматниот своп се разменува само каматата а не и главнината, односно договоренито износ служи само како основа за пресметка на каматата. Исто така, размената на каматата се врши на нето-основа, т.е. двете камати се пребиваат меѓу себе и плаќањето го врши онаа страна чија обврска е поголема.
- Други видови свопови, како: стоковен своп (commodity swap), кредитен своп (credit swap), своп на индекс на акции (equity index swap), диференцијален своп (differential swap) итн.
Своповите ги имаат следниве одлики:[5]
- тие се одликуваат со посебни услови, приспособени за секој клиент
- наспроти фјучерсите, своповите имаат долги рокови на достасување (на пример, пет или десет години)
- документацијата на своповите е стандардизирана при што клиентите можат да склучат општ договор (master agreement) кој се однесува на повеќе поединечни трансакции во подолго време
- трансакциските трошоци на своповите се помали поради помалата државна регулација
- своповите ѝ овозможуваат на секоја страна да не ги исполни своите обврски ако спротивната страна не ги исполни нејзините
- клиентот со специфични потреби тешко може да најде спротивна страна која би сакала да склучи договор за своп
- свопот не може еднострано да се откаже или измени
- за разлика од фјучерсите, кај своповите останува ризикот на другата страна
Вреднување на своповите
Вреднувањето на своповите се врши на два начина: како разлика меѓу сегашната вредност на двата парични тека или како портфолио на договорите за идна испорака (forward contracts) кои се соодветни на секоја размена на средства. На пример, вредноста на валутниот своп се добива како разлика меѓу сегашната вредност на странската обврзница (помножена со девизниот курс, т.е. претворена во домашна валута) и сегашната вредност на домашната обврзница. Оттука, пазарната вредност на свопот зависи од движењето на домашната и на странската каматна стапка и од промените на девизниот курс. Слично, вредноста на каматниот своп претставува разлика меѓу сегашната вредност на обврзницата со фискна каматна стапка и сегашната вредност на обврзницата со променлива каматна стапка. Притоа, во моментот на склучувањето на свопот, неговата вредност е еднаква на нула.[6]
Наводи
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 146.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 131.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 146-147.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 131-132.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 147-148.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 132-133.