Мултинационално претпријатие
Мултинационално претпријатие - претпријатие кое е вклучено во некоја форма на меѓународниот бизнис,[1] без разлика дали притоа применуваат мултидомашна, транснационална или глобална стратегија. Со други зборови тоа е група на корпорации кои имаат активности низ многу земји во светот, но се контролирани од една главна централа. Иако многу претпријатија може да се дефинираат како мултинационални, најчесто овој израз се однесува на големите претпријатија кои работат во повеќе земји, како: Џенерал Електрик, Ројал Дач Шел, Кока Кола, Хјундаи, Нориљск Никел итн.
Причини за појавата на мултинационалните претпријатија
Географска распределба на приходите на Интел во 2007 год.[2]
Регион |
Процент од вкупните приходи
|
Јужна и Северна Америка |
20 %
|
Европа |
19 %
|
Азија-Тихоокеанија |
51 %
|
Јапонија |
10 %
|
Постојат повеќе теорија кои настојуваат да ги објаснат предностите од глобалната активност на претпријатијата.[3][4]
- Теоријата на компаративните предности: според неа, некои земји имаат определени предности (технологија, работна сила итн.) во производството на некои производи и можат да се специјализираат во нивното производство, а тоа им овозможува тие производи да ги извезуваат на странските пазари.
- Теоријата на несовршени пазари: бидејќи пазарите на производните фактори се несовршени, тоа ја ограничува нивната подвижност од една во друга земја и, оттука, претпријатијата од една земја можат да имаат предности во споредба со оние во странство.
- Теоријата на циклусот на производот: според оваа теорија, во раната фаза од појавата на претпријатието, тоа ги продава производите на домашниот пазар; со текот на времето, тоа стекнува некои предности во однос на конкуренцијата и почнува да ги освојува странските пазари; потоа, претпријатието го пренесува и производството во странство; најпосле, во зрелата фаза, претпријатието може да ги загуби конкурентските предности и да почне да ја губи положбата на странските пазари.
- Моделот OLI: Според овој теоретски модел, фимрите прераснуваат во мултинационални претпријатија поради предностите поврзани со сопственоста, локацијата и интернализацијата. Често, мултинационалното претпријатие поседува специфични средства (брендови, интелектуална сопственост, углед, технологија, итн.) кои им даваат предност во споредба со другите фирми. Понатаму, локациските фактори (расположливоста на суровините, транспортните трошоци, оданочувањето итн.) можат да предизвикаат фирмата да одлучи да произведува и да продава во различни земји. Најпосле, понекогаш за фирмата е тешко да ги извршува своите активности преку склучување договори со голем број партнери и поради тоа, таа може да одлучи самата да ги извршува активностите во странство.
- Знаењето како капитал: Според повеќе автори, мултинационалните претпријатија се разликуваат од другите фирми поради тоа што располагаат со посебен вид капитал - знаењето. На пример, овие фирми се носители на голем број патенти кои им даваат предност во споредба со другите фирми. Притоа, знаењето како капитал може лесно да се пренесе во други земји. Освен тоа, знаењето бара квалификувани работници, а тоа им овозможува на мултинационалните претпријатија да го создаваат знаењето во матичната земја и потоа да го извезуваат во други земји.
Странските средства и приходи на некои мултинационални претпријатија (како % од вкупните средства и приходи во 2007 год.)[5]
Претпријатие |
Странски приходи (% од вкупните) |
Странски средства (% од вкупните)
|
Ексон |
69 % |
72 %
|
Форд |
46 % |
30 %
|
ИБМ |
63 % |
49 %
|
Хјулет-Пакард |
67 % |
45 %
|
Мајкрософт |
39 % |
9 %
|
Најк |
63 % |
46 %
|
Кока Кола |
74 % |
68 %
|
Џонсон & Џонсон |
47 % |
49 %
|
Истман Кодак |
59 % |
30 %
|
Активности на мултинационалните претпријатија
Мултинационалните претпријатија се ангажираат во активности во голем број земји, и тоа преку повеќе организациски форми, како: странски филијали, подружници и придружени фирми.[6]
- Меѓународна трговија: мултинационалните претпријатија ги продаваат своите производи на странските пазари, а од странство купуваат суровини и материјали.
- Лиценцирање: понекогаш, мултинационалните претпријатија им ја продаваат својата технологија на странските фирми за определен надомест; овој начин им овозможува да бидат присутни на странските пазари без да инвестираат.
- Франшиза: во овој случај, мултинационалните претпријатија им обезбедуваат определени услуги на странските фирми за определен надомест; на пример, Мекдоналдс, Пица Хат и други фирми, наместо да инвестираат свој капитал во отворање ресторани во странство, склучуваат договори за франшиза со странски инвеститори, кои се јавуваат како сопственици и менаџери на рестораните.
- Заеднички вложувања: понекогаш, две или повеќе мултинационални претпријатија основаат заедничка фирма за настап на некои пазари; на пример, ако едната фирма има посебна технологија, а другата има разработена дистрибутивна мрежа, тогаш тие можат да се здружат во заедничко претпријатие на некој пазар; таков е случајот со заедничкото вложување на Џенерал Милс и Нестле, како и заедничкото вложување на Ксерокс и Фуџи, а оваа форма е честа и во автомобилската индустрија.
- Преземање постоечко странско претпријатие: во овој случај, мултинационалното претпријатие купува претпријатие во некоја странска земја и така веднаш зазема дел од пазарот; понекогаш, за да го намалат ризикот од погрешна одлука, мултинационалните претпријатија купуваат само малцински удели во странските фирми.
- Основање ново претпријатие во странство: и оваа форма бара вложување свој капитал, иако некогаш ова решение може да биде поевтино од преземањето постоечко претпријатие; освен тоа, на овој начин, новото претпријатие подобро ги одразува потребите на мултинационалното претпријатие; од друга страна, освојувањето на странскиот пазар преку оваа форма може да оди побавно.
Мултинационалните претпријатија и глобализацијата
Активностите на мултинационалните претпријатија се една од главните движечки сили на процесот на глобализација:[5]
- мултинационалните претпријатија ги продаваат своите производи во голем број земји ширум светот
- мултинационалните претпријатија инвестираат во странство, т.е. тие се главните носители на странските директни инвестиции
- мултинационалните претпријатија развиваат разни форми на соработка, како: заеднички вложувања (joint ventures), лиценцирање итн.
- мултинационалните претпријатија овозможуваат ангажирање странски лица преку т.н. outsourcing
- најпосле, мултинационалните претпријатија имаат улога во културната интеграција, т.е. понекогаш нивните производи и брендови се јавуваат и како културни симболи (на пример, Кока кола)
Вреднување на мултинационалните претпријатија
Во основа, вредноста на мултинационалното претпријатие се определува на ист начин како кое и да било домашно претпријатие, односно како дисконтирана вредност на идните очекувани парични приливи. Притоа, како дисконтна стапка служи пондерираниот трошок на капиталот кој ја претставува бараната стапка на принос на акционерите. Сепак, при вреднувањето на мултинационалното претпријатие, очекуваните парични приливи се изразени во повеќе странски валути, па поради тоа треба да се изразат во домашната валута, а тоа се прави со нивно множење со очекуваните девизни курсеви. Оттука, очекуваните парични приливи на мултинационалното претпријатие се изразуваат со помош на следнава формула:[7]
E(CF) = ΣE(CFj) x E(Sj)
каде: E(CF) се очекуваните парични приливи изразени во домашната валута, E(CFj) се очекуваните парични приливи изразени во валутата j, a E(Sj) е очекуваниот девизен курс на валутата j.
Притоа, во пресметката на вредноста на мултинационалното претпријатие треба да бидат вклучени само оние парични приливи кои странските подружници ги пренесуваат во централата (во фирмата-мајка). Како што покажува горната формула, вредноста на мултинационалното претпријатие е под влијание на сите фактори кои можат да предизвикаат помали парични приливи од продажбата на странските пазари (на пример, намалената економск аактивност во странство) или сите фактори кои можат да предизвикаат намалување на идните вредности на странските валути.[8]
Ризици со кои се соочуваат мултинационалните претпријатија
Поради тоа што делуваат во поголем број земји, мултинационалните претпријатија се соочуваат со повеќе специфични ризици, како:[9]
- валутен ризик: Мултинационалните претпријатија остваруваат парични приливи и одливи во различни валути и оттука се изложени на ризикот од намалување или зголемување на вредноста на тие валути. На пример, ако фирмата ги продава своите производи во странство при што цената е изразена во странската валута, тогаш намалувањето на нејзината вредност ќе ги намали паричните приливи на фирмата искажани во домашната валута.
- економски ризик: Мултинационалните претпријатија работат во земји со различни макроекономски услови, кои можат да се одразат врз нивните парични текови. На пример, ако фирмата ги продава своите производи во некоја друга земја, тогаш намалувањето на економската активност во таа земја ќе предизвика опаѓање на приходите од продажба на фирмата.
- политички и регулаторен ризик: Мултинационалните претпријатија се изложени на влијанието не само од домашните, туку и од странските влади и регулаторни тела. Исто така, нивните активности може да бидат загрозени од постапките на странските влади (на пример, национализација, конфискација итн.) или од политичките немири во странство.
- разлики во деловните практики: Мултинационалните претпријатија работат во земји кои се разликуваат според културата, традицијата, навиките, вкусевите на потрошувачите, транспарентноста итн.
Управувањето со мултинационалните претпријатија
Исто како и во домашните претпријатија, така и во мултинационалните претпријатија основната цел на менаџерите е максимизирањето на богатството на акционерите, т.е. на вредноста на претпријатието. Сепак, и во двата типа претпријатија, менаџерите понекогаш можат да носат одлуки кои не придонесуваат за зголемување на вредноста на фирмата. Овој судир на интересите на менаџерите и акционерите е познат како агенциски проблем (agency problem). Во споредба со домашните фпретпријатија, агенциските проблеми се поизразени во мултинационалните претпријатија, и тоа поради неколку причини: прво, мултинационалните претпријатија имаат подружници во поголем број земји ширум светот така што надзорот над нивните менаџери се одвива потешко; второ, менаџерите на странските подружници имаат различна култура која може да биде спротивна на целите на акеционерите; трето, мултинационалните претпријатија се големи, што исто така создава проблеми во контролата на менаџерите; четврто, менаџерите на странските подружници понекогаш се фокусирани врз кусорочните цели, кои пак можат да бидат во спротивност со целите на акционерите. За надминување или ублажување на агенциските проблеми, централата на мултинационалноот претпријатие треба јасно да ги искомуницира своите цели со менаџерите во странство, како и да врши надзор врз одлуките на менаџерите на странските подружници. Најпосле, централата на мултинационалното претпријатие може да им ја понуди на менаџерит.е можноста да купат акции од фирмата по однапред утврдена цена или да примени некоја друга политика на наградување која ќе ги мотивира менаџерите да се стремат кон остварување на целите на мултинационалното претпријатие. Најпосле, постојат и надворешни механизми преку кои се контролира однесувањето на менаџерите: на пример, ако тие не работат ефикасно, тогаш ќе се намали цената на акциите на фирмата која може да биде купена од друга фирма и така неспособните менаџери ќе ја загубат работата; исто така, надворешните инвеститори во мултинационалното претпријатие, како што се институционалните инвеститори (пензиски фондови, инвестициони фондови, банки), можат да извршат притисок за замена на неспособните менаџери.[10]
Влијанија
Потенцијални позитивни влијанија
- Пренос на капитал од страна на новиот инвеститор
- Нова технологија
- Подобар биланс на плаќање на земјата-домаќин, поради зголемувањето на извозот и обезбедување на девизи
- Вработување на месно население, особено значајно за земјите во транзиција
- Конкуренција на локалниот пазар
- Поголем избор и достапност на нови производи
Потенцијални негативни влијанија
- Истиснување на домашните производи од пазарот
- Мешање во економската политика на земјата
- Економска зависност од странство
Мултинационалните претпријатија во популарната култура
- „Мултинационални корпорации“ (англиски: Multinational Corporations ) — песна на британската хард-кор група Напалм дет (Napalm Death) од 1987 година.[11]
Поврзано
Наводи
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 2.
- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 11.
- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 9-10.
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 6-7.
- ↑ 5,0 5,1 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 10.
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 8-9.
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 12.
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 14.
- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 11-13.
- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 3.
- ↑ Discogs, Napalm Death – Scum (пристапено на 3 февруари 2021)
Надворешни врски
|
|