Генерален пласман на Вуелта а Еспања — првостепен и главен пласман за одредување на победникот на велосипедската трка Вуелта а Еспања. Вуелта а Еспања е годишна друмска велосипедска трка, која била основана во 1935 година од шпанскиот весник Informaciones, а денес претставува една од трите големи трки во велосипедизмот, заедно со Тур де Франс и Џиро д’Италија.[1] Трката е поделена на дневни етапи. Поединечните завршни времиња за секоја етапа се собираат со цел да се одреди крајниот победник во генералниот пласман на крајот на трката. Возачот со најниско вкупно време на крајот на секој ден ја носи водечката маичка; од 2010 година се користи црвена маичка, а претходно била златна.[2]
Тони Ромингер, Роберто Ерас и Алберто Контадор имаат најмногу победи на Вуелта, со по три победи секој. Трите последователни победи на Ромингер се исто така рекорд.[3] Шпанските велосипедисти имаат освоени најмногу изданија на Вуелта; 23 велосипедисти имаат освоено 30 изданија на трката. Француските велосипедисти се втори со девет победи, а белгиските возачи се трети со седум победи.[4] Моменталниот првак е Сајмон Јејтс од екипата Мичелтон-Скот, кој ја освоил Вуелта а Еспања 2018.
Вуелта а Еспања била основана во 1935 година од весникот Informaciones по сличниот успех на Тур де Франс и Џиро д’Италија, кои исто така основани од весници.[4] Првата трка била освоена од Густаф Делор, кој повторно победил следната година.[5] Вуелта била суспендирана на четири години од 1937 до 1940 година поради Шпанската граѓанска војна. Првата трка по граѓанската војна во 1941 година била освоена од Хулијан Берендеро, кој исто така победил следната година. Вуелта била суспендирана помеѓу 1943 и 1944 година поради Втората светска војна. Делио Родригес ја освоил првата Вуелта по војната, шпанските возали освоиле уште две изданија на трката во 1946 и 1948 година. Вуелта не се одржала во 1949 година. Емилио Родригес бил првиот победник во 1950 година, пред Вуелта да биде прекината од 1951 до 1954 година, бидејќи шпанската изолација во текот на режимот на Франко довела до незначителен меѓународен интерес за трката.[4]
Жан Дото ја освоил првата Вуелта по четиригодишниот прекин во 1955 година.[6] Анџело Контерно бил победникот наредната година со разлика од 13 секунди пред Хесус Лороњо.[7] Лороњо бил победоносен во 1957 година со отсуство на Контерно.[8] Руди Алтиг станал првиот Германец да победи на Вуелта во 1962 година. Французинот Жак Анкетил победил во 1963 година, со што станал првиот велосипедист кој победил на сите три големи трки.[9] Белгискиот велосипедист Еди Меркс го постигнал достигнувањето на Анкетил победувајќи на сите три големи трки, кога победил на Вуелта во 1973 година.[10] Следната година Хосе Мануел Фуенте победил на Вуелта со 11 секунди.[11]
Бернар Ино победил на Вуелта во 1978 година; истата година го освоил и Тур де Франс. Вторпат победил во 1983 година.[12] Следната година Ерик Кариту победил на Вуелта со најмалата разлика некогаш, победил со само шест секунди пред Алберто Фернандес.[5] Педро Делгадо победил на Вуелта во 1985 година. Колумбиецот Луис Ерера станал првиот неевропски победник на Вуелта во 1987 година.[4] Шон Кели бил победоносен во 1988 година,[5] а следната година Делгаго по вторпат ја освоил Вуелта.[13]
Швајцарските возачи преовладувале во 1990-тите; Тони Ромингер освоил рекордни три изданија на Вуелта по ред од 1992 до 1994 година.[4] Лорен Жалабер бил победоносен во 1995 година, исто така ги освоил бодовниот и планинскиот пласман, станувајќи само трет велосипедист кој ги освоил сите три пласмани на некој Гранд Тур.[5] Алекс Циле освоил две изданија на Вуелта во 1996 и 1997 година.[14] Германецот Јан Улрих бил победник во 1999 година.[15] Роберто Ерас ја освоил својата прва Вуелта во 2000 година; освоил уште две изданија во 2003 и 2004 година.[16] Во 2005 година победил по четврти рекорден пат на Вуелта, меѓутоа подоцна му била одземена титулата по позитивниот тест на допинг. Второпласираниот Денис Мењшов станал победник на негово место.[17]
Александар Винокуров победил во 2006 година со екипата ONCE.[18] Мењшов победил вторпат во 2007 година.[19] Алберто Контадор победил во 2008 година; победата значела дека тој е петтиот велосипедист кој ги освоил сите три големи трки.[20] Алехандро Валверде бил победник во 2009 година. Следната година Валверде не можел да ја брани титулата откако бил суспендиран две години за неговата вмешаност во допинг-скандалот Операција Пуерто.[21] Винченцо Нибали победил во 2010 година.[22] Хуан Хосе Кобо победил на Вуелта во 2011 година со разлика од тринаесет секунди.[23]
Контадор ја освоил трката по вторпат во 2012 година.[24] Американецот Крис Хорнер, станал најстар победник на некој Гранд Тур со возраст од 41 година, кога победил на Вуелта во 2013 година.[25] Алберто Контадор со својата победа, негова трета, во 2014 година го израмнил рекордот по бројот на победи на Ерас и Ромингер.[26] Фабио Ару во 2015 година, ја освоил црвената маичка од Том Димулен на претпоследната етапа благодарение на извонредната стратегија од екипата. Тактиката одиграла клучна улога во победата на Наиро Кинтана во 2016 година, кога се здружил со Контадор на петнаесеттата етапа и ја растуриле трката. Во 2017 година, по шест обиди, вклучувајќи три втори места, Фрум конечно ја освоил трката, заокружувајќи го подвигот Тур-Вуелта.
A. ^ Роберто Ерас бил победник на церемонијата во Мадрид на последниот ден на Вуелта а Еспања 2005, но подоцна се покажал позитивен на тестирањето за средства за подобрување на резултатите во текот на етапата 20 на трката. Шпанската велосипедска федерација го пронашла виновен за користење еритропоетин во текот на трката и му ја одзела титулата, доделувајќи ја подоцна на Денис Мењшов.[17]
Општи
Библиографија
Поединечни
|title=
<ref>
Horner
Генерален пласман(la roja)
Бодовен пласман(jersey verde)
Планински пласман(jersey puntos azules)
Комбиниран пласман(jersey blanco)
Екипен пласман(clasificación por equipos)