Андаманските Острови се група на острови кои формираат архипелаг во Бенгалскиот Залив, меѓу Индија на запад и Мјанмар на север и исток. Најголем дел од овие острови се дел од индиската сојузна територија Андамани и Никобари, додека помал број од нив од северниот дел на архипелагот, вклучувајќи ги и Коко Островите, им припаѓаат на Мјанмар.
Андаманските Острови се населени со Андаманци, група на домородни народи во кои спаѓаат Џарава племињата и Сентинелците.[1] Некои од островите можат да се посетат со специјални дозволи, а за дел од нив, посебно Северниот Сентинелски Остров, постои законска забрана за посетување. Сентинелците се главно непријателски настроени кон посетителите, и имаат минимални контакти со луѓе од надворешноста. Индиската влада го штити со закон нивното право на приватност.[2]
Историја
Потекло на поимот
Името на Андаманските Острови е древно. Според теоријата која доминира од доцниот 19 век, името е изведено од Андоман, форма на Хануман, санскритското име за хиндуистички бог прикажуван со изглед на мајмун.[3][4] Италијанскиот истражувач Николо Конти (околу 1440 г.) ги споменал островите за кои велел дека името им значи „Остров на златото“.[5] Во 13 век, името на Андамани се јавува на кинески јазик како Јен-то-ман (晏陀蠻), во книгата Џу-фан-џи (诸蕃志) (во превод: Опис на варварските народи, Запис за страни народи) од Џао Рукуо, кој како член на Сунг династијата бил назначен како надзорник на поморската трговија.[6] Во 38-то поглавие на книгата, во делот наречен „Поморски земји“, тој нагласил дека при пловењето од Ламбри (Суматра) кон Цејлон, при неповолни ветрови бродовите би се насочиле кон Андаманските Острови.[6][7]
Најрани населби
Најраните археолошки податоци се од пред 2200 години, но податоците од генетските истражувања, културолошките истражувања и истражувањата на изолати сугерираат дека островите биле населени од времето на средниот палеолит.[8] Се чини дека домородните андамански народи живееле на островите во изолација сѐ до 18 век.
Во периодот од 800-1200 година, тамилскатаЧола династија создала империја, која веројатно се протегала од југоистичниот дел на Индискиот Полуостров до делови од Малезија.[10]Раѓендра Чола I (1014 до 1042 година) ги освоил Андаманските и Никобарските Острови.
Британска колонизација и создавање на островски затвор
Во 1789 година, Бенгалската провинција (најголемата провинција на Британска Индија) основала база и затворска колонија на островот Чатам во југоисточниот залив на Големиот Андамански Остров. Населбата денес е позната како Порт Блер (според нејзиниот основач - бомбајскиот поморски полковник Арчибалд Блер). Две години потоа колонијата била поместена во североисточниот дел на Големиот Андамански Остров и била наречена Порт Корнвалис, според адмиралот Вилијам Корнвалис. Но, бидејќи имало многу заболувања и висока смртност меѓу затворениците, владата решила да го затвори проектот во мај 1796 година.[11]
Во 1824 година, Порт Корнвалис претставувало собирно место од каде била носена војска која учествувала во Првата англо-бурманска војна.[11] Во периодот 1830-1840 година, бродоломците кои се истовариле на бреговите на островите често биле напаѓани и убивани од домородците, за кои владеело мислењето дека се канибали. Губитокот на бродовите Runnymede и Briton, во 1844 година, на патот од Индија кон Австралија, за време на бура, заедно со патниците и со транспортираната стока, како и честите напади на домородците врз патниците, биле причина за алармирање на британската влада.[12] Во 1855 година, владата предложила формирање на друга населба, вклучувајќи и политички затвор, но Индиското востание (1857 година) ги одложило овие планови. Со востанието пораснал бројот на политичките затвореници, така да формирањето на населба со затвор станало ургентна потреба за британската влада. Изградбата започнала во ноември 1857 година, кај Порт Блер и била користена работната сила на затворениците, а се избегнало и соленото мочуриште кај Порт Корнвалис, кое претходно создавало проблеми.
Втор значаен датум за Андаманските Острови бил 17 мај 1859 година, кој ја означува Битката кај Абердин, која се водела меѓу Британците и Големото Андаманско племе. Денес постои спомен обележје во комплексот Андамански водени спортови за луѓето кои загинале во овој конфликт. Плашејќи се од страна инвазија, бунтовничкото племе, поддржано од избеганите затвореници од Порт Блер, ја нападнале британската пошта, но поради малубројноста имале тешки губитоци. Подоцна се утврдило дека еден од избеганите осуденици ги издал плановите на племето на Британците. Денес племето брои само 50 луѓе, а помалку од 50% од нив се стари лица. Владата на Андаманските Острови денес се обидува да го зголеми бројот на ова племе.[13][14][15]
Во 1867 година, бродот Nineveh претрпел бродолом на грбенот на Северниот Сентинелски Остров, а 86-те преживеани допливале на брегот. Третиот ден биле нападнати со копја од домородците, едниот од нив успеал да избега, а другите подоцна биле спасени од британската морнарица.
Иако некое време смртноста била многу висока, исушувањето на мочуриштето и сечата на шумите продолжиле. Андаманската колонија станала озлогласена и по убиството на вицекралот Ричард Бурк, при неговата посета на населбата, на 8 февруари 1872 година, од авганистанскиот Паштун Шер Али Африди. Истата година Андаманските и Никобарските острови биле обединети под заедничка управа од Порт Блер.[11]
Од времето на неговиот развој во 1858 година, под водство на Џејмс Патисон Вокер, и како одговор на бунтот од претходната година, населбата била прво и основно затвор за политичките осуденици. Затворот во Порт Блер бил прошируван и конечно завршен во 1910 година, кога броел 698 единечни ќелии (самици). Најпознат затвореник бил индискиот политички активист Винајак Дамодар Саваркар.
Индијците кои биле овде затворени го нарекле островот и затворот Кала Пани („црна вода“),[16] а 1996 година бил снимен филм на островот со наслов според тоа име.[17] Бројот на затвореници кои починале во затворот броел илјадници,[18] а многумина од нив умреле од мачење и тешки животни услови.[19]
На Змискиот Остров (анг. Viper Island) постоел посебен затвор за криминалци, а било место каде се вршелo погубување. Во 20 век, местото станало затвор за познати личности од индиското движење за независност.
Јапонска окупација
Андаманските и Никобарските Острови биле окупирани од Јапонците во текот на Втората светска војна.[20] Тие биле под номинална власт на Азад Хинд (Привремена влада на слободна Индија) под раководство на индискиот националист Субас Чандра Босе, кој ги посетил островите за време на војната и ги преименувал во Шехид (од арапски што значи „маченик“) и Свараџ (што значи „самоуправа“). На 30 декември 1943 година, за време на јапонската окупација, Субас Чандра Босе, кој бил сојузник на Јапонците, прв го подигнал знамето за индиската независност. Според Вернер Грул: „Јапонците при повлекување стрелаа 750 невини луѓе.“[21] По завршување на војната островите биле вратени под британско владеење, а по прогласувањето на независноста на Индија станале нејзин составен дел.
Пред крајот на Втората светска војна, британската влада решила да ја аболицира затворската населба. Таа предложила да бившите затвореници ги вработи како риболовци, дрвосечачи и фармери, со цел да го развие стопанството на островите. Затворската колонија била згасната со прогласување на независност на Индија, на 15 август 1947 година. Денес таа претставува музеј посветен на движењето за независност на Индија.
Понова историја
Во април 1998 година, американскиот фотограф Џон С. Калахан го организирал првиот проект за сурфање на Андаманските Острови, кој почнувал од Пукет во Тајланд, со помош на компанијата SEAL (од анг. Southeast Asia Liveaboards), која е британска чартер компанија за нуркачки спортови. Посадата од професионални сурфери, го преминала Андаманското Море на јахтата Crescent и ги завршиле формалностите во Порт Блер. Групата продолжила кон Малиот Андамански Остров, каде поминале десет дена сурфајќи на неколку места за првпат, вклучувајќи го Џарава Поинт во близина на Хат Беј (Hut Bay) и долж долгиот десен гребен на југозападниот дел на островот, наречен Кумари Поинт (Kumari Point). Калахан продолжил да прави уште неколку проекти за сурфање на Андаманските Острови, вклучувајќи и посета на Никобарските Острови во 1999 година. Во статијата „Потрага по оган“, на новинарот Сем Џорџ, објавена во Surfer Magazine, Андаманските Острови за првпат се ставени на картата за сурфање.[22] Снимките на брановите на Андаманските Острови исто така се појавиле во филмот Погусто од вода (анг. Thicker than Water), снимен од режисерот на документарни филмови Џек Џонсон, кој подоцна станал славен како музичар.
На 26 декември 2004 година, крајбрежјето на Андаманските Острови било уништено од цунами високо и до 10 метри, кое се случило по земјотресот во Индискиот Океан во 2004 година, кој е најдолготрајниот регистриран земјотрес, а траел помеѓу 500 и 600 секунди.[23] Усните преданија за опасноста од цунами после земјотрес кај месното население било причина што биле спасени многу животи. По цунамито биле потврдени повеќе од 2.000 жртви, а повеќе од 4.000 деца останале сирачиња или загубиле еден родител. Најмалку 40.000 жители останале без дом и биле преселени во кампови за помош.[24] На 11 август 2009 година, имало земјотрес со јачина од 7 степени во близина на Андаманските Острови, активирајќи предупредување за цунами. На 30 март 2010 година, во близина на Андаманските Острови имало земјотрес со јачина од 6,9 степени.
Во ноември 2018 година, американскиот мисионер Џон Ален Чау, во неколку наврати илегално се обидел, со помош на локалните рибари, да дојде на Северниот Сентинелски Остров од Андаманскиот Архипелаг, и покрај забраната за посета на овој остров. Подоцна било објавено неговото убиство од страна на домородното население на островот.[25] Постои владина забрана за посета на овој остров, населен исклучиво од домородно население, а е со цел за негова заштита. Издавањето на дозволи е ограничено само на истражувачи и антрополози за научни цели и истражувања. Чау немал таква дозвола и знаел дека неговата посета била нелегална.[26][27]
Географија
Андаманскиот Архипелаг е океанско продолжение на бурманската планинска верига Чин на север и на Индонезискиот Архипелаг на југ. Тој има 325 острови кои покриваат површина од 6.408 км2,[28] со Андаманското Море (или Бурманско Море) на исток помеѓу островите и брегот на Бурма. Северниот Андамански Остров е 285 километри јужно од Бурма, иако неколку помали бурмански острови се поблиску, вклучувајќи ги и трите Коко Острови.
Десет степенскиот канал ги дели Андаманските од Никобарските Острови на југ. Највисоката точка се наоѓа на Северниот Андамански Остров[29] (врвот Седл Пик (анг. Saddle Peak) на надморска височина од 732 метри.[28]
Климата е типична за тропски острови со иста географска широчина. Секогаш е топло, а дува слаб морски ветер. Врнежите се нередовни, времето е суво кога дуваат североисточните монсуни, а многу влажно кога дуваат југозападни монсуни.[11]
Флора
Средните Андамански Острови се живеалиште на претежно влажни листопадни шуми. Во Северните Андамански Острови има претежно влажни зимзелени шуми, и многу дрвенести ползавици.
Андаманските шуми се во голема мера недопрени, и покрај сечата од страна на населението кое е во пораст поради приливот на мигранти од индиското копно. Постојат заштитени подрачја на Малиот Андамански Остров, Наркондам, Северниот Андамански Остров и Јужниот Андамански Остров, но тие се главно насочени кон зачувување на брегот и на морскиот жив свет, а не и за заштита на дождовните шуми.[31] Друга закана за дивиот свет на островите се донесените животински видови, како што се стаорците, кучињата, мачките и слоновите на Интервју Островот и Северниот Андамански Остров.
Дрва
Андаманските шуми содржат 200 или повеќе видови дрва, употребливи за дрвна преработка, од кои околу 30 видови се сметаат за комерцијални. Главни комерцијални видови се гурјан (Dipterocarpus spp.) и падаук (Pterocarpus dalbergioides). Овие орнаметални дрва се забележителни поради нивната специфична обоеност:
Подвидот на дивата свиња Sus scrofa vittatus, позната и како Андаманска дива свиња, која порано се сметала за ендемски подвид,[32] е заштитена со законот за заштита на дивиот свет 1972 (Sch I) (анг. Wildlife Protection Act 1972 (Sch I)). Дамчестиот елен (Axis axis), индискиот мунтјак (Muntiacus muntjak) и индискиот замбар (Rusa unicolor) биле донесени на Андаманските острови, иако индискиот замбар не преживеал.
Интервју Островот (најголемото засолниште на дивиот свет на територијата на островите), кој припаѓа на Средниот Андамански Остров, има популација на диви слонови, кои биле донесени за шумска работа од компанијата за преработка на дрва, а подоцна биле ослободени по банкротирањето на компанијата. Оваа популација слонови е предмет на истражувања.
Постои резерват на 72 км од Хевлок Островот за морски крокодили. Во текот на изминатите 25 години имало 24 напади на крокодили со четири жртви, вклучувајќи ја и смртта на американската туристка Лорен Фаил. Владата била критикувана поради тоа што не ги информирала туристите за опасноста во резерватот за крокодили кога го промовирала туризмот.[33] Крокодилите не се наоѓаат само овде, туку и низ целиот островски синџир и се со различна бројност. Тие се ограничени на просторот на нивното природно живеалиште, така што популацијата е стабилна. Популациите на крокодили ги има и низ достапните мангрови живеалишта на сите поголеми острови, вклучувајќи и неколку потоци на Хевлок. Тие го користат океанот за патување помеѓу реките и речните устија, но ги нема во отворениот океан, па затоа се препорачува избегнување на пливање во близина на мангровите области или во областите на устијата на потоците; пливањето во отворениот океан би требало да биде безбедно, но сепак е најдобро да се практикува на заштитени места.
Религија
Повеќето припадници на домородните племиња на Андаманските и Никобарските Острови веруваат во религија која може да се опише како форма на монотеистичкианимизам. Домородците на овие острови веруваат дека Палуга е единственото божество и е одговорно за сè што се случува на Земјата.[34][35] Нивната вера учи дека божеството Палуга престојува на врвот Седл. Тие се обидуваат да избегнат каква било постапка која би го налутила ова божество. Луѓето кои припаѓаат на оваа религија веруваат во постоењето на души и духови, и придаваат големо значење на соништата. Тие дозволуваат соништата да одлучуваат за различните постапки и дејствија во нивните животи.[36]
Според пописот од 2011 година, популацијата на Андаманските Острови изнесувала 343.125 жители,[39] а во 1960 година таа изнесувала 50.000 жители. Најголемиот дел од населението потекнува од мигранти кои дошле на островот уште од колонијалните времиња, главно од бенгалско, хиндустанско и тамилско потекло.[40]
Домородно население
Од луѓето кои живеат на Андаманските Острови, мало малцинство, од околу 1.000 жители, се т.н. Андаманци, односно домородно население (адиваси). До 1850-тите години, кога за првпат дошле во постојан контакт со странци, нивниот број бил околу 7.000 жители, а биле поделени во следните главни групи:
Со зголемување на бројот на доселениците од копното (најчесто затвореници и принудни работници, а подоцна и намерно регрутирани земјоделци), домородното население ја загубило територијата и бројноста. Нивниот број опаднал и поради казнените експедиции од страна на британските власти и поради одземањето на земјиштето, како и поради разните епидемиски болести за кои тие немаат имунитет. Денес, бројот на домородните Андаманци е околу 400-450 лица. Племето Џангил е потполно исчезнато. Домородците на Големиот Андамански Остров првично биле поделени во десет различни племиња, со вкупно 5.000 луѓе; денес повеќето племиња се изумрени, а преживеаните членови (моментално 52 лица), зборуваат главно хинди.[41] Племето Онге е сведено на помалку од 100 луѓе. Единствено Џарава народот и Сентинелците сѐ уште одржуваат независност и одбиваат контакт со странци; нивниот точен број е непознат, но се проценува дека изнесува помалку од стотина поединци.
Влада
Порт Блер е главниот град на островите и административниот центар на Сојузните територии. Андаманските Острови формираат единствена административна област во рамките на Сојузните територии наречена Андаманска Област (Никобарските Острови биле одвоени и основани како нова Никобарска Област во 1974 година).
Културни наводи
Островите се споменуваат во втората книга со Шерлок Холмс напишана од Сер Артур Конан Дојл, Знакот на четворицата, како и во делото Смртта на Андаманските Острови од Мери Маргарет Кеј. Романот на Мериен Вигинс, Џон Долар (1989), се случува на еден од островите; ликовите од книгата започнуваат експедиција од Бурма за да го прослават роденденот на кралот Џорџ, но по земјотрес и цунами експедицијата станува мрачна приказна за преживување. Главниот лик во книгата Шестте осомничени од Викас Сваруп е од Андаманските Острови. Индискиот филм Калапани (малајалски) или Сирај Чалаи (тамилски), од 1996 година, на индискиот режисер Пријадаршан, ја отсликува борбата за слобода на Индијците и животот на осудениците во затворот во Порт Блер. Новелата Крај на островот е дело на Падма Венкатраман од 2011 година за учењето на домороден шаман.
Сообраќај
Единствениот комерцијален аеродром на островите е Меѓународниот аеродром Веер Савакар во Порт Блер, кој нуди летови до Колката, Ченај, Њу Делхи, Бангалор, Визагапатнам и Бубанешвар. Аеродромот е под контрола на индиската морнарица. Претходно биле дозволени само дневни летови, но од почетокот на 2016 година функционираат и ноќните летови.[42] Мала писта од приближно 1.000 метри се наоѓа во близина на источниот брег на Северениот Андамански Остров во близина на Диглипур. Бродскиот превоз е достапен од Ченај, Визагапатнам и Колката. Бродското патување трае три дена и две ноќи, а зависи од метеоролошките услови.
Поради должината на рутите и малиот број на авиокомпании кои летаат на островите, цените на авионскиот превоз се традиционално поскапи, иако тие се поевтини за месните жители отколку за посетителите. Цените се повисоки за време на врвот на сезоната во пролет и зима, иако тие се намалени поради проширувањето на цивилната воздухопловна индустрија во Индија.
↑„Andaman & Nicobar Administration“. 2016-06-11. Архивирано од изворникот на 2016-06-11. Посетено на 2018-12-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
↑„History of Andaman Cellular Jail“. 2010-02-09. Архивирано од изворникот на 2010-02-09. Посетено на 2018-12-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
↑„List of Revolutionaries“. 2010-09-06. Архивирано од изворникот на 2010-09-06. Посетено на 2018-12-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)