Седиментните карпи настануваат со седиментација (напластување или таложење) на ситен материјал во морињата, езерата, реките и на копното. Овие карпи најчесто се напластени во хоризонтална положба и се состојат од слоеви со различна дебелина. Во нив може да се сретнат фосилни остатоци од растенија или животни. Според потеклото и видот на материјалот што се напластува, се разликуваат карпи со:
Механичко потекло, настануваат со напластување на механички иситнет или раздробен материјал во водите или на копното. Напластениот материјал се слепува, се цементира и се преобразува во цврста карпа. Карпи од ваков вид се конгломератите, глинестите карпи, лесот итн.
Хемиско потекло, се создаваат со таложење на материјал кој води потекло од растворите на минералите во водата. Примери за вакви карпи се гипсот, бигорот и слично.