Tigris striatus Северцов, 1858
Тигар (науч. Panthera tigris) — голема мачка со црвеникаво жолто-кафено пругаво крзно, распространета во шумите, пасиштата и мочуришните делови на Источна Русија, Јужна Азија, Суматра и Кина.
Тигарот живее самотно, лови ноќе, а омилен плен му се цицачите со средна големина, како на пример елените.[3] Нивната големина, бојата и формата на пругите се определени со местото и во зависност од подвидовите. Јужните тигри, како што е бенгалскиот тигар (P. tigris tigris), се помали и имаат значително посветли бои отколку тигрите распространети на север, како што е реткиот сибирски тигар (P. tigris altaica). Мажјаците растат до височина поголема од еден метар, достигнувајќи должина од 2,2 метри, не сметајќи ја опашката со должина од еден метар, а можат да достигнат тежина од 160 до 290 килограми. Тигарот живее околу 11 години.[3]
Постојаното користење на деловите од телото на тигарот за правење различни тоници или лекови, независно од доказите за нивна неефикасност, се должи на вкоренетата стравопочит кон овие мачки што со милениуми ги инспирирале луѓето. Иако заштитени во меѓународни рамки, тигрите се вбројуваат во сериозно загрозените видови. Имено, само во последното столетие, нивната популација се намалила за повеќе од 90%, додека два подвида се сметаат за исчезнати.
Зборот „тигар“ доаѓа од грчкиот збор тигрис кој најверојатно потекнува од персиски збор што значи „стрела“, како опис на брзината на ова животно и потекло на името на реката Тигар[4][5]. Тигарот, под името Felis tigris е еден од многу видови опишани во делото од 18 век Systema Naturae на Карл Лине[6][7]. Panthera кое е дел од денешното име на овој вид, Panthera tigris, често се претпоставува дека потекнува од грчките зборови пан („сите“) и терон („ѕвер“). Сепак зборот пантера се смета дека најверојатно има источноазиско потекло и значи „жолтеникаво животно“ и „бело-жолто“[8].
Во минатото, тигрите биле доста распространети во Азија од Кавказ и Каспиското Море, до Сибир и Индонезија. За време на 19. век, овие мачки целосно исчезнале од Западна Азија, и нивната распространетост била ограничена на изолирани области. Денес, овие фрагментирани области се протегаат од Индија на запад до Кина и Југоисточна Азија на исток. Северната граница на распространетост е близу реката Амур во југоисточен Сибир. Единствениот голем остров населен со тигри е Суматра. Овие животни изумреле на островите Јава и Бали за време на 20. век, а на Борнео се пронајдени само фосилни остатоци.
Живеалиштето на тигарот има три главни одлики: секогаш има вегетација која му овозможува криење, секогаш е во близина на вода и има изобилство на плен. Бенгалскиот тигар на пример, живее во сите видови на шуми, вклучувајќи дождовни, зимзелени, полузимзелени, мангрoви до делтата на Ганг и листопадните шуми во Непал. За разлика од лавот, тигарот претпочита густа вегетација, на која е прилагодена неговата специфична шара, и каде самотниот начин на живот не е неповолност. Помеѓу сите видови на големи мачки, само тигарот и јагуарот се одлични пливачи. Тигрите често се среќаваат како се бањаат во бари, езера и реки. За разлика од останатите мачки, кои ја избегнуваат водата, тигрите всушност секогаш се одличуваат да живеат во нејзина близина. За време на најтоплиот период од денот, овие мачки се ладат лежејќи во барите. Доказ дека се одлични пливачи претставува и фактот дека честопати се забележани како го пренесуваат уловениот плен преку езера.
Најстарите пронајдени остатоци од мачка што наликува на тигар, на таканаречената Panthera palaeosinensis, се пронајдени во Кина и Јава. Овој вид живеел пред околу два милиони години за време на почетокот на плеистоценот и бил помал од денешниот тигар. Најстарите фосили на вистински тигри се најдени на Јава и датираат од пред 1,6 - 1,8 милиони години. Други фосили од раниот и средниот плеистоцен се пронајдени и во Кина и на Суматра. Фосили од подвидот наречен Тринилски тигар (Panthera tigris trinilensis) исто така се пронајдени на Тринил во Јава[9].
Тигрите се прошириле во Индија и Северна Азија за време на доцниот плеистоцен, стигнувајќи до источниот дел на Беринговиот копнен мост (но не навлегле на американскиот континент), Јапонија и Сахалин. Фосилите пронајдени во Јапонија покажуваат дека како и другите островски подвидови, и овие тигри биле помали од тигрите кои живеат на континентот. Ова најверојатно се должи на феноменот со кој големината на животните зависи од просторот на кој живеат (видете островска еволуција), или од пристапноста до плен. До холоценот, тигрите се населиле и на Борнео како и на островот Палаван на Филипините[10].
Постојат осум подвидови на тигар, од кои два се изумрени. Распространетоста во минатото (која денес значително е намалена) се протегала низ Бангладеш, Сибир, Иран, Авганистан, Индија, Кина и југоисточна Азија, вклучувајќи и неколку индонезиски острови. Преживеаните повидови, почнувајќи од најбројниот, се:
Вкрстување на големи мачки, вклучувајќи го и тигарот, за прв пот почнало да се применува во зоолошките градини за време на 19 век. Овие зоолошки биле заинтересирани за вкрстување на различни видови со цел да добијат „чудни“ и несекојдневни животни кои би привлекле голем број на посетители[32]. Познато е дека лавовите биле парени со тигри (најчесто сибирски или бенгалски подвидови), а добиените хибриди се нарекуваат лигери и тигони[33] . Во минатото, вакви хибриди често биле добивани во зоолошките градини ширум светот, но денес ваквите вкрстувања не се поттикнуваат поради потребата од единки за заштита на видовите и подвидовите. Хибриди сè уште се добиваат во приватни засолништа за животни и зоолошки градини во Кина.
Лигер е хибрид добиен од мажјак лав и тигрица,[34] а името „Лигер“ е добиено од англискиот јазик, ли- од LIon (лав) и гер од tiGER (тигар). Лигерот го наследува генот одговорен за стимулирање на растот, но генот натагонист за потиснување за растот е отсутен кај женките-тигрици, па поради тоа овие хибриди растат многу поголеми од двата родитела. Лигерот има физички одлики и начин на однесување кои се мешавина од двата родитела. Мажјаците-лигери се стерилни, но женките за разлика од нив, често се фертилни. Кај мажјаците има 50% шанса да имаат грива, меѓутоа дури и ако имаат, таа е само половина од големината на гривата кај чистокрвните лавови. Лигерите вообичаено се долги 3-3,6 метри, и тежат од 360-450 килограми, па дури и повеќе.[34] Поредок хибрид е тигонот, кој е добиен со вкрстување на лавица и мажјак-тигар.[35]
Тигрите веројатно се најпрепознатливите мачки (освен можеби со исклучок на лавот). Овие животни имаат црвеникаво – кафено крзно, со бели делови на внатрешната страна на нозете и на стомакот, малку бели линии на лицето и бројни пруги по телото кои имаат темнокафена или црна боја. Формата и густината на пругите зависи од подвидот но најчесто тигрите имаат преку 100 пруги. Во зависност од подвидот има и варијација на базичната боја на крзното, на пример сибирскиот тигар има побледа боја на крзното од останатите тигри. Шарата на крзното е уникатна кај секоја единка, што значи дека може да се употребува за идентификација на животните на сличен начин како што се употребуваат отпечатоците од прсти за идентификација на луѓето. Ова сепак, не е методот кој се употребува за идентификација, најмногу поради фактот дека е многу тешко да се сними шарата кај тигрите во дивината. Главната функција на пругите е камуфлажа на тигарот. Оваа шара им овозможува одлично криење меѓу прошараните сенки и високите треви при ловење на пленот. Шарата на пругите ја има и на кожата на тигарот, и е видлива и доколку го избричите крзното. Како и останатите големи мачки, и тигрите имаат бела точка зад ушите.
Тигрите се најтешките мачки во дивината[36]. Овие животни имаат моќни нозе и раменици што им овоможува, слично како лавовите, да ловат плен што е многу потежок од нив. Подвидовите на тигарот многу се разликуваат во големината. Големината кај подвидовите се зголемува сразмерно на географската ширина, што е во согласност со познатото Бергманово правило. Возрасен сибирски тигар (Panthera tigris altaica) може да достигне должина од 3,5 метри и тежина од 306 килограми[20], што е многу повеќе од големината која ја достигнуваат островските тигри како суматранскиот, најмалиот од преживеаните подвидови кој достигнува тежина од само 75-140 килограми[20]. Тигриците се помали од мажјаците кај сите подвидови, но сепак разликата во големината е поизразена кај поголемите подвидови каде мажјаците тежат 1,7 пати повеќе од женките[37]. Мажјаците имаат и пошироки предни шепи. Оваа разлика често се користи од страна на биолозите во одредување на полот на тигрите при набљудување на нивните траги[38]. Черепот на тигарот е доста сличен со тој на лавот, иако челниот дел не е толку сплескан и има подолг посторбитален регион. Черепот на лавот има пошироки назални отвори. Сепак, поради многуте варијации на черепите кај двата вида, како најзначаен индикатор за одредување на видот се зема структурата на долната вилица[39].
Постои многу добро позната мутација поради која се добиваат белите тигри, познати и како chinchilla albinistic [40]. Овие единки се ретки во дивината но широко распространети низ зоолошките градини, најмногу поради нивната популарност. Парењето на белите тигри, често доведува до парење на сродни единки, поради фактот што оваа мутација е рецесивна. Поради ваквиот вид на парење белите тигри имаат поголеми шанси од останатите да се родат со физички недостатоци како изместени непца или сколиоза (искривување на ‘рбетот) [41][42]. Освен тоа, честа е и појавата на страбизам (криви очи). Дури и навидум целосно здрави, белите тигри не живеат толку долго како обичните единки.
Првите записи за бели тигри датираат од почетокот на 19 век [43]. Оваа состојба се појавува само доколу двата родитела го носат реткиот ген кој го среќаваме кај белите тигри. Пресметано е дека овој ген се појавува еднаш на 10 000 раѓања. Белите тигри не се посебен подвид, туку само варијација на бојата на крзното. Бидејќи единствените бели тигри забележани во дивината се бенгалски тигри [44] (а и сите бели тигри во заробеништво се барем половина бенгалски), се смета дека рецесивниот ген кој ја предизвикува оваа варијција е присутен само кај бенгалскиот подвид, иако причините за неговото појавување сè уште не се познати [41][45].
Честа грешка која ја прават луѓето е поистоветување на белите тигри со албино, и покрај фактот дека присуството на пигмент е лесно забележливо на пругите на животното. Уште една честа грешка е и мислењето дека белите тигри се позагрозени од останатите. Белите тигри се разликуваат од обичните не само по белата боја на базата на крзното, туку и по розовиот нос и сините очи.
Друг рецесивен ген, е причина за појавата на невообичаениот златен тигар. Овие тигри имаат светло крзно со боја на злато, бледо-бели нозе и бледи тенки протокалови пруги. Крзното кај овие единки е погусто од крзното на останатите тигри [46]. Постојат само околу 30-тина златни тигри кои се чуваат во заробеништво. Како и белите тигри, и овие единки секогаш имаат барем предок бенгалски тигар.
И двете варијации, и белите тигри и златните најчесто се поголеми од просечниот бенгалски тигар.
Тигрите се територијални животни кои најчесто живеат сами. Големината на територијата за живеење на единката зависи од изобилството на плен, а за мажјаците и од пристапноста до женки. Териториите на женките се со големина од 20 квадратни километри, додека териториите на мажјаците се многу поголеми, достигнувајќи 60-100 километри квардратни. Најчесто териториите на мажјаците се препокриваат со териториите на неколку женки.
Односите помеѓу единките се прилично комплексни и изгледа како да нема правило кое го почитуваат во однос на територијалните права. На пример, иако тигрите најчесто се избегнуваат, забележани се случаи каде и мажјаци и женки го делат пленот меѓусебно. Документирано е како мажјак тигар го дели пленот со уште две женки и четири младенчиња. Ова однесување на делење на пленот со други единки е доста ралично од однесувањетоа на лавот, кој во слични ситуации најчесто се однесува агресивно.
Териториите на младите тигрици најчесто се во близина на територијата на нивната мајка. Делот на препокривање на овие две територии има тенденција да се намалува со текот на времето. Мажјаците пак, се оддалечуваат многу повеќе. Младите мажјаци својата територија ја создаваат со одземање на територијата на други мажјаци или пак, кратко живеат на територија на друг мажјак додека да станат доволно силни за да го предизвикаат повозрасниот тигар. Најголемата смртност кај возрасните тигри (30-35% годишно), се однесува всушност на млади мажјаци кои штотуку ја напуштиле мајчината територија и се трудат да основаат нивна сопствена[47].
Мажјаците генерално се понетолерантни кон останатите мажјаци на нивната територија, отколку женките кон останатите женки. Во најголем дел, борбите за територија се решаваат со заканување, а не со агресивни борби. Набљудувани се подчинети тигри кој го признаваат поразот со легнување во покорна положба – легнувајќи на грб и покажувајќи го стомакот[48]. Откако хиерархијата е воспоставена, доминантниот мажјак го толерира присуството на подредениот тигар на негова територија доколку не живее во непосредна близина. Најагресивните борби меѓу мажјаците се за време на плодниот паериод на женките. Овие борби понекогаш завршуваат и со смрт на едниот тигар. Сепак, ваквите завршници се многу ретки[47][49].
За да ја означат територијата, мажјаците ги прскаат дрвјата со урина и секрет од аналните жлезди, но оставаат и траги со гребење.
Во дивината тигрите се хранат со големи и средни животни. Омилен плен на тигрите во Индија се самбарот, гаурот, водното бафало, дамчеститот елен, дивата свиња и нилгаи антилопите. Понекогаш ловат и леопарди, питони, тромави мечки и крокодили. Во Сибир, главен плен се вапити, дива свиња, елен сика, лос и сибирски елен. На Суматра, тигрите главно се хранат со мунтџак, самбар, дива свиња и малајски тапир. На териториите на поранешниот касписки тигар (кој денес е вклучен во видот сибирски тигар), главен плен се камили, саига антилопи, кавкаски бизони, јак и диви коњи. Како и многу други грабливци, и тигрите се опортунистички ловци, па доколку немаат избор, ловат и помал плен како мајмуни, пауни, зајаци и риби.
Ворасните слонови се премногу големи да служат како плен на овие големи мачки, но сепак понекогаш се забележуваат конфликти помеѓу овие две животни. Регистриран е и случај кога тигар убил возрасен индиски носорог [50]. Млади слонови и млади носорози повремено се ловени од страна на тигрите. Понекогаш овие животни напаѓаат и домашни животни како кучиња, крави, коњи и магариња.
Старите тигри, или тигри кои имаат повреди, и кои не можат да ловат природен плен често стануваат човекојади. Ова често се случува на територијата на Индија. Исклучок е тигарот од Сундарбан, кој бил комплетно здрав тигар кој ловел рибари и селани кои се движеле низ шумите. Ова го прави човекот вистински плен во исхраната на тигрите[51]. Повремено тигрите јадат и растенија поради хранливите влакна, а омилен им е плодот на Careya arborea[52].
Тигрите најчесто ловат ноќе[53]. Ловат сами и како и повеќето други мачки го следат пленот во заседа. Изненадно напаѓаат и употребувајќи ја нивната сила и големина го исфрлаат од рамнотежа големиот плен и го убиваат. И покрај нивната големина, тигрите трчаат со брзина од 49-65 километри на час. Сепак овие брзини можат да ги одржат само на кратки растојанија, поради што тигрите мораат да се доближат многу близу до пленот пред да го нападнат. Овие животни имаат одлични скокачи способности, забележани се хоризонтални скокови и до 10 метри, иако најчесто скоковите се околу половина од оваа висина. И покрај сите одлики, само еден од дваесет обиди завршува како успешен лов[53].
При лов на голем плен, тигрите го убиваат животното со загризување на грлото. Тигарот го држи гризнато животното сè додека не умре од давење[54]. Со оваа техника, тигрите успеваат да уловат животни како гаурот или водното бафало кои тежат преку еден тон[55]. При лов на помал плен, тигарот го загризува вратот и најчесто го крши ‘рбетниот столб, ја продупчува трахеата или ја кине вратната жила или каротидната артерија [56]. Иако ретко, сепак набљудувани се и тигри кои напаѓаат со удари со нивните шепи, Ударот е доволно силен за да го скрши черепот на домашното говедо[52], или да го скрши грбот на тромавите мечки[57].
Парењето кај овие животни се одвива преку целата година, но почесто е помеѓу ноември и април[58]. Парот тигри се пари неколкупати и доста гласно, како што е случај и со останатите мачки. Носењето на плодот трае 16 недели. Леглото најчесто брои 3-4 младенчиња кои се раѓаат слепи и тежат околу еден килограм. За одгледувањето на младите се грижи само мајката, таткото нема никаков удел. Други возрасни мажјаци се случува да ги убијат младите за да женката повторно стане способна за размножување. Тигриците можат да родат нови младенчиња само 5 месеци по загубата на младите од претходното легло[58]. Стапката на смртност на младенчињата на тигарот е многу висока, се проценува дека половина од нив не доживуваат две годишна старост[58].
Генерално во секое легло има едно доминантно младенче, кое може да биде од двата пола, но најчесто е мажјак. Ова младенче доминира над неговите браќа и сестри за време на игрите, многу е поактивно од останатите и ја напушта мајката порано од останатите. Осум недели по раѓањето, малите тигри се способни да ја следат мајката надвор од засолништето. Тигрите стануваат незвисни на возраст од 18 месеци, но мајката не ја напуштаат сè до возраст од 2-2 и пол години. Женките достигнуваат полова зрелост на возраст од 3-4 години, а мажјаците на возраст од 4-5 години[58]. Тигарот не е способен да се размножува по достигнувањето на возраст од 14 години[59].
За време на целиот живот, тигрицата раѓа одприлика ист број на машки и женски тигарчиња. Тигрите без никакви проблеми се размножуваат во заробеништво. Просечниот животен век на тигрите во заробеништво се проценува на 26 години, а 15 во дивината.
Тигрите се способни да убијат одлични грабливци како леопарди, питони па дури повремено и крокодили[60][61][62]. Сепак овие грабливци најчесто се избегнуваат меѓусебно. Доколку е нападнат од крокодил, тигарот напаѓа со канџите директно на очите на влекачот[52]. Леопардот ја избегнува конкуренцијата со тигрите со тоа што лови различен плен[50] и лови во друг период од денот. Доколку има доволно плен, тигрите и леопардите можат успешно да живеат на истата територија без да има судири или меѓувидовна хиерархија, која е типична за саваната[63]. Познато е дека тигрите ги истиснуваат популациите на волци кои живеат на истата територија[64][65]. Забележани се глутници на азиски диви кучиња кои успеваат да убијат тигри[57]. Сибирските тигри и кафеавите мечки најчесто избегнуваат судири, но сепак се случува тигар да убие млади мечиња или возрасни единки. Мечките (Азиска црна мечка и кафеава мечка) се всушност 5-8% од исхраната на тигрите на далечниот исток [20]. Тромавите мечки се доста агресивни животни и често успеваат да ги избркаат младите тигри и да им го украдат уловениот плен. Сепак почест е случајот на бенгалските тигри кои се хранат со тромави мечки[20].
Ловот поради крзното и уништувањето на природното живеалиште се главните причина за намалување на популациите на тигри во дивината. На почетокот на 20 век, било проценето дека има 100 000 тигри во дивина, но оваа бројка денес е намалена на околу 2000 единки[66]. Некои истражувачи проценуваат дека популацијата е уште помала, и дека брои помалку од 2500 возрасни единки, без подпопулација која брои повеќе од 250 ворасни единки способни за размножување[67]. Опасноста од изумирање е намалена поради присутноста на околу 20 000 тигри во заробеништво. Сепак постојат и популации во заробеништво како популацијата од 4-5000 тигри во кинеските комерцијални фарми која е со многу слаб генетски диверзитет.
Забраната за лов на тигри стапува насила во 1970-тите. Во 1973 во Индија е започнато со проектот тигар (Project Tiger), предводен од Индира Ганди [68]: Националните паркови се трансформирани во резервати, каде е забранет пристапот со цел да се заштити центарот за размножување на тигрите. Овој проект се покажал доста успешен, во 1980-тите индиските власти објавиле дека бројот на тигри бил двојно зголемен[68]. Сепак, проектот замира по смртта на Ганди во 1984 година.
Сите подвидови на тигарот се заштитени со Апендикс 1 на Вашингтонскиот договор (CITES) од 1975 година, освен сибирскиот тигар кој припаѓал на Апендикс 2 до 1987 година.
Видот се смета за загрозен вид според МСЗП од 1986 година. Подвидовите имаат различни статуси: сибирскиот тигар бил во критична опасност од изумирање од 1996 до 2008, за потоа повторно да стане загрзен вид, кинескиот тигар и тигарот од Суматра се сметаат за видови во критична опасност од изумирање од 1996 година, а балискиот и јаванскиот се сметаат за изумрени видови.
Тигарот бил едно од животните на азиската верзија на играта Големите Пет. Ловот на тигри бил доста практикуван за време на 19 и 20 век, кога бил признат како спорт од страна на британците во Индија како и од страна на махараџите и аристократската класа од пред-независна Индија. Ловците оделе во лов пеш или пак качени на грб на слон [69]. Во некои случаи, организирани биле селани кои тропајќи на тапани го усмерувале животното во зоната каде чекале ловците.
Иако луѓето не се природен плен на тигрите, сепак овие животни убиле повеќе луѓе од било која друга мачка. Повеќето човекојадни тигри биле стари единки, кои почнале да напаѓаат луѓе поради неспособноста да ловат природен плен[70]. Речиси сите тигри кои биле идентификувани како човекојадци, за кратко време биле фатени, убиени или отруени. За разлика од човекојадните леопарди, дури и најкрволочните тигри не влегуваат во човековите населби, и најчесто ловат во периферијата[71]. Сепак, се случува да нападнат и во селата[72]. Овие тигри претставуваат голем проблем во Индија и Бангладеш, поготово во Кумаон, Гарвал и Сандарбанс – мангорвите мочуришта на Бенгал, каде се забележани и здрави тигри кои напаѓаат луѓе. Во Сандарбанс се смета дека бројот на овие напади се зголемил поради брзото уништување на природното живеалиште кое се должи на климатските промени[73].
Многу луѓе од Кина веруваат дека различни делови од тигарот имаат лековити својства и делуваат како аналгетици и афродиијаци [74]. Досега не се пронајдени научни докази кои би ги потврдиле овие верувања. Употребата на делови од тигри при правење лекови е забранета во Кина, и владата дури и казнувала со смрт поради нелегален лов на тигри. Всушност секоја меѓународна трговија со делови од тигри е нелегална според Вашингтонскиот договор за заштита на видовите. Трговијата во Кина е забранета од 1993 година. Сепак, во Кина постојат голем број на фарми на тигри кои ги одгледуваат овие големи мачки за профит. Се проценува дека во овие фарми денес има помеѓу 4000 и 5000 полуприпитомени единки одгледани во заробеништво[75][76].
Се проценува дека во САД има околу 12 000 тигри кои се чуваат како домашни миленичиња, многу повеќе од вкупната популација на тигри во дивината[77]. Се смета дека само во Тексас има 4000 тигри. Големиот број на тигри-домашни миленичиња се смета дека се должи на законите. Само 19 држави го забраниле чувањето тигри, во 15 потребна е само дозвола, а 16 држави немаат донесено никакви регулативи[77].
Успехот на програмите за рамножувања во американските зоолошки градини, довеле до зголемување на бројот на младенчиња за време на 1980-тите и 1990-тите, што предизвикало пад на цената на овие животни[77].
Во источна Азија, тигарот се смета за крал на ѕверовите[78], и симболизира кралска власт, безстрашност и гнев[79].
Ова животно има големо значење во кинеската култура и митови. Тигарот е едно од 12-те животни на зодијакот. Во кинеската уметност и боречките вештини, тигарот е симбол на земјата и рамноправен соперник на кинескиот змеј. Во империјална Кина, тигар бил пресонификација на војната и го претставувал генералот со највисок чин[79], слично како што царот и царицата биле претставувани како змеј и феникс.
Хинду божицата Дурга, е претставена како воин со десет раце и јава тигрица (или лавица). Во јужна Индија и богот Аијапа се поврзува со тигарот[80].
Тигарот е национално животно на Бангладеш, Непал, Индија [81] (бенгалски тигар), Малезија (малајски тигар), Северна Кореја и Јужна Кореја (сибирски тигар).
Според анкетата спроведена од страна на Animal Planet, тигарот е изгласан за најомилено животно, победувајќи со мала разлика пред кучето. Во анкетата учествувале повеќе од 50 000 гледачи од 73 земји. Тигрите добиле 21% од гласовите, кучињата 20%, делфините 13%, коњите 10%, лавовите 9%, змиите 8%, а потоа следеле слоновите, шимпанзата, орангутаните и китовите[82][83][84][85].
<ref>