Македонија е главно планинска земја, со просечна надморска височина од 832 метри.[1] Планините на територијата на државата може да се поделат во две групи: шарски планински венец (динарски венец) и осоговско-беласички планински венец (родопски венец). Планините во шарскиот планински венец се одликуваат по тоа што се млади, верижни, со остри врвови, а планините во осоговско-беласичкиот венец се стари, грамадни, со заоблени врвови.
Шарскиот планински венец започнува во крајниот северозападен дел на Македонија, продолжува долж западниот дел на земјата и потоа преку западно-вардарската и пелагониската група на планини завршува во југозападниот и јужниот дел на земјата. Во овој планински венец се истакнуваат масивите на Шара, Кораб, Бистра, Стогово, Сува Гора, Мокра, Галичица, Јабланица, Баба, Ниџе и Кожуф. Највисока точка во овој планински венец и воопшто во Македонија е врвот Голем Кораб (2.764 м) на Корапскиот Масив.
Осоговско-беласичкиот планински венец започнува во североисточниот дел на земјата и се протега долж источниот дел на земјата, вклучувајќи ги и планините во источно-вардарската група. Меѓу позчајаните масиви во овој венец се издвојуваат Осогово, Плачковица, Малешевско-влаинскиот Масив, Огражден и Беласица. Највисока точка во овој планински венец е врвот Руен (2.252 м) на Осоговскиот Масив.
Терминологија
Во литературата често постои поистоветување на поимите „планина“, „планински масив“, „планински венец“ и „планински систем“, иако тие имаат различно значење.
Планина. Во врска со поимот „планина“ не постои општоприфатена дефиниција, па како критериуми за опис обично се земаат надморската височина, обемот, релјефот, наклонот, одвоеноста и непрекинатоста. Во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, поимот „планина“ се дефинира како „природно возвишение на Земјината површина кое стрмно се издига над околниот простор и достигнува надморска височина која е впечатлива во однос на околната“.[2]
Планински масив. Под поимот „планински масив“ се подразбира место на Земјината кора со истакнати раседи или набори. Притоа, со поместувањето на Земјината кора, масивот ја задржува внатрешната структура и се поместува во целина. Поимот се однесува и на група планини составени со ваква образба. Освен тоа, поимот често се дефинира и како главна маса на некоја поединечна планина. Притоа, масивот е помала составна единица на кората од тектонската плоча и во геоморфологијата се смета за четврта движечка сила по големина.[3]
Планински венец. Со поимот „планински венец“ се означува географско подрачје што се состои од геолошки поврзани планини.
Планински систем. Поимот „планински систем“ се дефинира како склоп од планински венци што припаѓаат на извесно подрачје.
Според горенаведените дефиниции, за планини во Македонија може да се сметаат Китка, Дешат и Баба Сач, за планински масиви Мокра, Осогово и Шар Планина, за планински венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман и за планински систем Шарско-пиндскиот систем на планини.
Список на планини во Македонија
Во табелата во продолжение е направен преглед на планините во Македонија според нивната највисока точка на територијата на земјата. Во случај планината да е дел од поголем планински масив, истото е забележано во соодветниот столб.
а Кота (2.265 м) е највисок врв на територијата на Македонија, додека највисок врв на планината Галичица е Вир (2.288 м) во Албанија.
б Зелен Брег се состои од две коти: првата е висока 2.166 м и се наоѓа на граничната линија меѓу Македонија и Грција, а втората е висока 2.171 м и се наоѓа на територијата на Грција.
в Тумба (1.881 м) е највисок врв на територијата на Македонија, додека највисок врв на планината Беласица е Радомир (2.029 м) на граничната линија меѓу Бугарија и Грција.
г Аниште (1.786 м) е највисок врв на територијата на Македонија, додека највисок врв на планината Дукат е Црноок (1.881 м) во Србија.