Кадиица (бугарски: Огреяк, порано: Кадийца[1]) — највисок врв на планината Влаина[2]. Висок е 1.924 м и лежи на самата македонско-бугарска граница кон Пиринска Македонија. Сместен е во најјужниот дел на главното планинско било, јужно од врвот Делибов Камен. На југоисток преку преку седлото наречено Седлото (Четало) се поврзува со првенецот на Малешевските Планини — Џами Тепе (Иљов Врв).
Врвот има остри падини и силно доминира над околните зарамнети била. Северните и западните падини се налегнати, а југозападните и југоисточните се изразено стрмни.
Изграден е од метаморфни карпи. Почвата е кафеава планинско-шумска. До 1600 м.н.в. е покриен со букови шуми, а високите делови се обраснати со подалпска тревна растителност.
Главни пристапни места за искачување на врвот се селата Сушица и Брестово во Општина Симитли. Искачувњето се одвива по некои од пограничните земјени патишта и без патека со дозвола од граничната полиција.
По билото, во правец север-југ минува државната граница, делејќи го Пехчевско во Р Македонија од Горноџумајско во Пиринска Македонија. На највисоката точка стои граничната пирамида со број 55. Во непосредна близина, на 120 м источно, на малку пониско возвишение е поставен знак за триангулација. Висината на врвот е измерена според овој знак, а не во највисоката точка на пирамидата 55.
До 1942 г. врвот го носел истото име како на македонски (Кадийца), под кое е и денес е познат меѓу месното население. Како таков се води и во официјалните топографски карти во Бугарија. Во периодот од 1942 до 1946 г. е преименуван во Огрејак (Огреяк), а од 1946 до 1989 г. името му е вратено на Кадиица. По 1989 г. повторно е преименуван во Огрејак, каков што стои до денес.