Современата македонска музика може да се третира како музичкиот период од крајот на Втората светска војна, или повоен период, кој е всушност првата етапа на современа музика, додека втората етапа, или тековната, денешна современа музика може да се означи од крајот на XX и во текот на овој XXI век. Музичките вредности, денес, сè уште активно се негуваат и растат. Во овој период, светската современа музика игра голема улога во глобализацијата на македонската музика, па така, музичките жанрови создадени од почетокот на минатиот век како поп, рок,џез, блуз, рап и електронска музика, меѓу многуте други, даваат корени кон оформување на современите македонски жанрови и нивната иднина.
Поп или „забавна“ музика
Во македонската повоена музика се развил посебен жанр во практиката означен како забавна музика. Поделбата на музиката на народна, забавна и сериозна, од повеќе причини не може да се спроведе до крај, но во практиката таа постои. Самото име „забавна музика“, не упатува на нејзината намена, која е поврзана со забавата и релаксацијата на луѓето. Таа е многу близу до фолклорниот начин на создавање и музицирање, кога се сфаќа во потесна смисла на зборот, бидејќи има за цел со едноставни средства - кои немаат намера да ги вовлекуваат луѓето во размислување - да ја предизвика посаканата духовна состојба на растовареност. Французите, со векови ја негуваат шансоната, особено т.н. видови „вариетна“ и „народна“ шансона, кои се одликуваат со едноставност и непосредност, а имаат цел да ги развеселуваат присутните. Затоа, името шансониери, им било давано на трубадурите и труверите од XII до XIV век, за разлика од поетите кои пишувале поеми на сериозна тематика, односно тематика која не тера на размислување. Значи, забавната музика, како таква, има длабока традиција, меѓутоа, непосредните никулци на забавната музика, како посебен вид музицирање, ги среќаваме кон крајот на XVIII век. Во текот на XIX век, таа се развила во поширок обем, а во XX век, помогната од техничките средства (радио, телевизија, тонски филмови, грамофонска репродукција и сл.) објективно речено, достигнало толкав број изведби, што ги надминува и оние од сериозната музика. Фактите јасно зборуваат, дека и во Македонија, овој вид музика, е масовно прифатен и според тоа заслужува внимание.
Од оваа деценија, вклучително и најуспешен и највлијателен рок бенд во Македонија и еден од најпопуларните во Западен Балкан е Леб и сол. Тие ја комбинираат рок-музиката со џез-фјужн и традиционалните музички елементи, создавајќи посебен звук за нив, станувајќи еден од врвните акти на Западен Балкан. По распадот, гитаристот Влатко Стефановски, басистот Бодан Арсовски, клавијатуристот Никола Кокан Димушевски и тапанарот Гарабет Тавитјан, започнуваат успешни соло кариери, секој во свој правец. Во 2006 година тие повторно се собираат за нова турнеја по повод 30-годишнината од нивниот почеток како бенд. Во 2008 година, во поинаква постава е снимен нов албум - „И така натака, без учество на Стефановски и Тавитјан.
Постојат неколку фестивали за рок-музика, некои од најзначајните ги вклучуваат: Таксират - годишно организиран од Литиум рекордс и Скопје гори организиран од Авалон продукција. И на двата фестивала се одржуваат бројни меѓународно признати рок, електронски и хип-хоп акти. Постојат и помали демо бенд фестивали, како што се Winner Fest (порано познат како Loser Fest) и Rok fest, кој постои веќе неколку децении. Најзначајниот меѓународен фестивал на отворено бил Аларм што се одржал во Љубаништа покрај Охридското Езеро во 2002 година. Во 1994 година, во Скопје бил организиран мировен фестивал наречен Урбан фест, кој собрал „андерграунд“ музички уметници од сите балкански земји.
Етно-џез компонентата на македонската музика е високо промовирана од кларинетистот Тале Огненовски.
Mузичкиот критичар на JazzTimes, Бил Шомејкер, во написот под наслов „Дејв Даглас: Паралелни светови“, на нивното мрежно место на 3 јануари 1998, напишал:
„… жива дискусија за кларинетистот Тале Огненовски, кој започна со размножување на њујоршките бендови кои толкуваат балканска музика“.
Jazzclub Unterfahrt од Минхен, Баварија, Германија коментирале:
„Свирењето на музиката на кларинетистот Тале Огненовски е различно од имитирањето на стилот на Мајкл Брекерс“.
Во септември 2008 година, квартетот „Тале Огненовски“ издал ЦД албум: Македонски џез кларинет, компониран од Тале Огненовски, а потоа „All About Jazz“ на 27, септември, 2008 година, објавиле статија под наслов:
„Ново ЦД, Македонски џез кларинет, компониран од Тале Огненовски, меѓународно реномиран џез, фолклорен и класичен кларинетист“.
ВБУ Музички Регистар - дигитален, постојано ажуриран список на податоци за композитори, музички автори, музички групи, изведувачи, текстописци, инструменталисти и продуценти од Македонија.