Седумнаесеттата македонска ударна бригада била формирана во село Жељувино, Кумановско, во почетокот на октомври 1944 година.[1] Била формирана од Кривопаланечкиот и Кратовскиот територијален НОПО и новопристигнати борци од Кумановско, Кривопаланечко, Кратовско и Светиниколско. Кон крајот на октомври 1944 година, бригадата броела околу 2000 борци и старешини.
Таа ја штитела слободната територија во Козјачијата и ги напаѓала комуникациите Крива Паланка-Страцин-Куманово и Скопје-Куманово по кои се повлекувале германските сили. Во рамките на овие дејства, бригадата имала жестоки вооружени судири кај Страцин, Челопек, Никуљане, Четирски Рид, како и на патниот правец Драгоманце-Коинце-Жегљане.[1]
Наскоро влегла во составот на новоформираната Кумановска дивизија на НОВЈ и продолжила со борбите против германските сили во Кумановско и балистичките сили во Прешевско, а потоа влегла во слободното Куманово на 11 ноември 1944 година, заедно со други единици на НОВ и ПОМ. По ослободувањето на Македонија продолжила да дејствува против заостанатите балистички и четнички сили на Скопска Црна Гора, во Прешевско и Гњиланско, односно во Косово и Метохија.[1] На 14 декември 1944 година била префрлена на теренот на Гнилање, каде имала жестоки борби. При реорганизацијата на единиците во декември 1944, бригадата влегла во составот на Четириесет и првата македонска дивизија на НОВЈ.
Од оваа бригада во текот на војната вкупно загинале околу 31 борец.[1]
Наводи
↑ 1,01,11,21,31,4д-р Марјан Димитријевски „Македонската војска 1944-1945“, Скопје, ИНИ, 1999 г., стр. 131-133