Патриша Ли Смит (англ. Patricia Lee Smith; родена на 30 декември 1946) ― американска пејачка, текстописец, поетеса, сликарка и писателка. Со нејзиниот прв студиски албум Horses (1975) значајно влијаела на појавата и развојот на панк-рок движењето.[1] Во нејзините дела Смит ги споила рок-музиката и поезијата. Нејзината најпозната песна, „Because the Night“ (1978), напишана заедно со Брус Спрингстин, се искачила на 13-то место на американската Billboard Hot 100 топ-листа[1] и на петто на топ-листата за синглови во Велика Британија.
Партиша Смит е родена на 30 декември 1946 година во Чикаго.[8][9] Нејзината мајка, Беверли, била џез-пејачка и келнерка, а нејзиниот татко, Грант, работел во фабрика.[10] Пети била најстара од четирите деца на нејзините родители.[11]
Во 1950 година, семејството се преселило во делот Џермантаун во Филаделфија,[12] потоа во Питман, Њу Џерси,[13] и конечно во Депфорд Тауншип, Њу Џерси.[14][15]
Уште од најрана возраст Смит била изложена на музика, вклучувајќи ги и албумите Shrimp Boats од Хари Белафонте, The Money Tree од Patience and Prudence и Another Side of Bob Dylan, четвртиот албум од Боб Дилан кој го добила како подарок од мајка ѝ.
Во 1964 година, Смит матурирала во средното училиште во Депфорд Тауншип и почнала да работи во фабрика.[1][16]
Кариера
Роберт Мејплторп
Во 1967 година, Смит го напуштила државниот колеџ Гласборо и се преселила на Менхетен, каде што почнала да работи во книжарница. Таму го запознала фотографот Роберт Мејплторп, со кого започнала романтична врска; врската била бурна бидејќи двојката се борела со сиромаштијата и сексуалноста на Мејпплторп. Смит ги користела фотографиите на Мејплторп како корици за нејзините албуми, а на негово барање таа напишала есеи за неколку негови книги, вклучувајќи го и неговото постхумно дело Цвеќиња.[17] Тие останале пријатели до смртта на Мејплторп во 1989 година.[18]
Смит го сметала Мејплторп за еден од највлијателните и најважните луѓе во нејзиниот живот. Во нејзината книга Само деца, која ја раскажува приказната за нивната врска, таа го нарекува „уметникот на мојот живот“. Нејзината книга и албум The Coral Sea бил омаж на Мејплторп.
Први настапи
Во 1969 година, Смит заедно со сестра ѝ отишла во Париз каде што почнала да се занимава со баскирање и сценска уметност.[14] Откако се вратила на Менхетен, живеела во хотел со Мејплторп и учествувала во независни театарски продукции. Станувајќи дел од њујоршката боемска сцена, во 1969 година таа била косценарист и глумела во автобиографската драма Каубојска уста од Сем Шепард.
Во тоа време, таа исто така пишувала поезија и го запознала Лени Кеј, службеник во музичка продавница. Кеј напишал статија за весникот „The Village Voice“, која ја импресионирала Смит, а двајцата откриле дека ја споделуваат љубовта кон раните и нејасни движења на рокенролот. Пети го поканила Лени да ја придружува на електрична гитара на неделното јавно поетско читање во црквата Свети Марко на 10 февруари 1971 година.[19][20]
Смит накратко била земена во предвид за да стане главна пејачка на Blue Öyster Cult. Таа напишала неколку песни за групата. Во тоа време, таа била во врска со Ален Ланиер, клавијатуристот од Blue Öyster Cult. Во текот на овие години, Смит пишувала статии за музички списанија како Rolling Stone и Creem.[19]
The Patti Smith Group
Во 1973 година, Смит основала група со музичарот и рок-архивар Лени Кеј, кон која подоцна бил додаден Ричард Сол на пијано. Триото се развило во целосна откако ним им се приклучиле Иван Крал на гитара и бас и Џеј Ди Дагерти на тапани.[19] Крал бил бегалец од Чехословачка кој се преселил во САД во 1966. По советската инвазија на Чехословачка во август 1968 година, Крал одлучил да не се враќа во неговата татковина.[21]
Групата го снимила првиот сингл, „Hey Joe / Piss Factory“ во 1974 година.
Албуми
Во март 1975 година, групата станала дел од новото музичко движење чии претставници настапувале на сцената на авангардниот клуб на Менхетен CBGB. The Patti Smith Group набрзо потпишале со Arista Records.
Подоцна истата година, групата го снимила првиот албум, Horses.[19] Албумот бил спој на панк-рок и рецитирана поезија; започнувал со преработка на песната „Gloria“ од Ван Морисон и почетните зборови на Смит: „Исус умре за нечии гревови, но не мои“, извадок од „Заклетва“, една од раните поеми на Смит. Фотографијата на корицата од албумот била дело на Мејпплторп и станала една од класичните слики на рокот.[22]
По турнејата низ Америка и Европа, групата во октомври 1976 година го издала вториот албум, Radio Ethiopia. Албумот бил продуциран од Џек Даглас и содржел потешки рок-песни заедно со некои од нејзините најекспериментални и најслободни песни. На 23 јануари 1977 година, за време на концерт во Тампа, Смит паднала од сцената и скршила два вратни пршлени,[23] по што била принудена да одмори една година.
На 3 март 1978 година, The Patti Smith Group го издала третиот албум, Easter, кој станал попристапен за радио благодарение на продуцентот Џими Ајовин. На албумот се наоѓа и најуспешната песна од групата, „Because the Night“, чиј коавтор бил Брус Спрингстин. Песната се искачила на 13-то место на Billboard Hot 100. Четвртиот албум, Wave (продуциран од Тод Рандгрен), објавен на 19 мај 1979 година, покажал дека звукот на групата станува попрефинет, но некои критичари го сметале за помалку успешен материјал. Претходно, Смит живеела со клавијатуристот од Blue Öyster Cult, Ален Ланиер; сега Пети Смит почнала да се забавува со гитаристот од MC5, Фред „Соник“ Смит, на кого му била посветена песната „Frederic“, која била прв сингл од албумот. Во септември 1979 година, по концертот пред 70.000 публика во Фиренца, Patti Smith Group се распаднала.
Во поголемиот дел од 1980-тите, Пети живеела со своето семејство во Сент Клер Шорс, Мичиген, и била полупензионирана од музиката.
Турнеи и нови албуми
На 1 март 1980 година, Фред и Пети се венчале и се преселиле во Детроит, каде ги пораснале нивните две деца, Џексон и Џеси. Во јуни 1988 година, Смит го издала албумот Dream of Life, кој ја содржел песната „People Have the Power“. Таа продолжила да пишува, и ја завршила збирката поезија, Woolgathering, а повремено одела на јавно читање на нејзините поеми. Во текот на следните години, Пети Смит изгубила неколку важни личности од нејзиниот живот. Пијанистот од групата Patti Smith Group, Ричард Саул, починал во 1991 година, две години по смртта на Роберт Мејплторп. Во нивна чест, таа одржала бесплатни поетски читања и а-капела изведби на неколку песни ноќе на отворен простор во Сентрал парк во Њујорк. На крајот од 1994 година, во рок од еден месец, од срцева слабост починале нејзиниот сопруг Фред и нејзиниот брат Тод.
Мајкл Стајп од R.E.M. и Ален Гинсберг, кого го познавала уште од нејзините први години во Њујорк, ѝ предложиле да се врати на настапите во живо и на турнеите. Таа била на кратка турнеја со Боб Дилан во декември 1995 година.[24] Таа исто така ја возобновила нејзината група со Кеј, Доерти и новиот басист, Тони Шанахан, со која имала неколку мали турнеи на Западниот Брег со цел повторно да се поврзе со публиката.
Во 1996 година, Смит работела со своите долгогодишни колеги за да го сними албумот „Gone Again“, на кој се наоѓа песната „About a Boy“, посветена на Курт Кобејн, поранешен пејач на Нирвана, кој се самоубил во 1994 година.
По објавувањето на Gone Again, Смит снимила уште два албума, Peace and Noise (1997) и Gung Ho (2000). Смит била номинирана за Греми награда за најдобра женска рок вокална изведба за две песни, „1959“ и „Glitter in Their Eyes“.[25]
Во 2002 година, Смит го издала Land (1975–2002) , компилација од две ЦД-а на која се наоѓа и преработката на песната од Принс, „When Doves Cry“. Самостојна уметничка изложба на Пети Смит „Чуден гласник“ била поставена во музејот „Енди Ворхол“ во Питсбург на 28 септември 2002 година.[26]
На 27 април 2004 година, Смит го издала албумот Trampin', кој содржел неколку песни за мајчинство, делумно во спомен на нејзината мајка, која починала две години претходно. Ова бил нејзин прв албум со Columbia Records, која подоцна станала сестринска издавачка куќа на Arista Records, нејзината претходна издавачка куќа.
На 15 октомври 2006 година, Смит имала тричасовен концерт на затворањето на CBGB, исклучително влијателен клуб за музика во живо во Њујорк во поголемиот дел од крајот на 20-от и на почетокот од 21-от век.[27]
На 12 март 2007 година, Пети Смит била примена во Куќата на славните на рокенролот, а наградата ја посветила на нејзиниот покоен сопруг. Во април 2007 година, го издала нејзиниот десетти албум, Twelve. Во јануари 2008 година, на независниот филмски фестивал Санденс бил премиерно прикажан документарниот филм за Пети Смит, Пети Смит: Сон на животот; филмот бил сниман 11 години. На 28 март 2008 година, во Фондацијата Картие во Париз била отворена изложба на фотографии и цртежи на Пети, Земја 250, направени во периодот од 1967 до 2007 година. Во јули, бил издаден албумот The Coral Sea, со гитаристот од My Bloody Valentine, Кевин Шилдс. Таа добила награда од Американското здружение на композитори, автори и издавачи (ASCAP).[28]
Во 2010 година, Пети Смит ги објавила нејзините мемоари „Само деца“, посветени на нејзината врска со Мејплторп. Книгата била наградена со американската „Национална награда за книга“.[29]
11-тиот студиски албум на Смит, Banga, бил објавен во јуни 2012 година. Метакритик на албумот му доделил оценка од 81, што укажува на „универзално признание“.[30]
На 10 декември 2016 година, Смит во име на Боб Дилан присуствувала на церемонијата на доделување на Нобелова награда во Стокхолм; Дилан ја добил Нобеловата награда за литература но поради обврски не можел присуствува.
Turn in the WoundВо 2019 година, таа ја издала нејзината најнова книга, Година на мајмунот.[35]
Во 2024 година, Смит учествувала во документарен филм од Абел Ферара, „Пресврт во раната“ (англиски: Turn in the Wound), кој се однесува на животот на уметниците во војна и го прикажува нивниот живот во Киев по започнувањето на војната во Украина. Таа ја компонирала музиката на филмот и чита поеми од Антонин Арто, Рене Домал и Артур Рембо.[36]
↑LaGorce, Tammy (December 11, 2005). „Patti Smith, New Jersey's Truest Rock-Poet“. The New York Times. New York City. Посетено на July 20, 2010. But of all the ways to know Patti Smith, few people, including Ms. Smith, would think to embrace her as Deptford Township's proudest export.
↑Error on call to Template:Cite interview: Parameter subject (or last) must be specified Archived from the original on 2011-01-21. Retrieved on 2024-04-22.