Селото се наоѓало на југозападните падини на планината Кајмакчалан, на надморска височина од 1.030 м, близу некогашното село Турице.[2]
Историја
Во подалечното минато, селото било македонско, но се распаднало во немирни времиња.[2] Многу подоцна, во втората половина на XIX век Патичино го обновиле Власи-сточари од Епир, кои го откупиле земјиштето од некој турски бег од Ослово.[2]
Според романски извори, Патичино било влашко село[9] и ова се смета за правилно. Единствениот друг извор што дава исправна информација е Милоевиќ (подолу), додека пак бугарските извори го водат како Македонско (секако, нарекувајќи го „бугарско“), несвесни за етничката промена што настанала во минатото.[2]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото било припоено кон грчката држава, кога имало 216 жители. Во 1917-18 г. Боривое Милоевиќ го завел како влашко село.[2] Во 1920 г. се заведени 325 жители, сите Власи.[2] Селото било под силна романска пропаганда и многу жители во 1925 г. се иселиле во Романија. Поради ова, во 1928 се заведени само 185 жители, а во 1940 г. само 91 жител.[2]
За време на Втората светска војна во 1944 г. селото настрадало од германската офанзива во јануари 1944 г. Во меѓувреме, повеќе семејства се иселиле во Воден и Негуш. Во 1947 г. во Граѓанската војна дошло до присилно иселување на сточарите од Патичино во Воден, кои во меѓувреме го обновиле селото. По нормализацијата на состојбите, жителите не се вратиле и селото денес е во урнатини.[2]