Меровех (латински: Meroveus или Merovius) бил легендарен основоположник на династијата Меровинзи кои биле Салиски Франки (иако фактички Хлодион може да е основоположникот), кое подоцна станало доминантно племе кај Франките. Се мисли дека живеел во првата половина на 5-от век.
Неговото латинизирано име потекнува од старогерманската форма Marwig ( māri "славен" + wīg "борба").[1][2] Првите франкиски кралски династии во негова чест себеси се нарекувале Меровинзи или ("потомци на Меровех").
Постојат многу малку информации во историјата поврзани со кралот Меровех. Григориј Турски го именува само еднаш како татко на Хилдерик I но се сомнева дека татко му бил Хлодион.[3] Многумина признаваат дека тоа се должи на легендата раскажана од Фредегер.[4]
Во Хрониката на Фредегер се вели дека Меровех бил син на кралицата, сопругата на Хлодион а дека татко му бил морскиот бог Нептуни.[5] Според оваа легенда, напишана многу подоцна — во Хрониката на Фредегер (III, 9) од 7 век — мајката на Меровех, која била жена на Хлодион, веќе била трудна откако била заведена од страна на „чудовиштето на Нептун, налик на кенотаур“ додека се капела во океанот. Човечката крв и крвта на чудовиштето се помешале за да се изроди нова династија чии членови се одликувале со големи моќи и аура на магија и натприродност, карактеристична за Меровинзите.[6] Легендата првпат ја раскажал Фредегар во 7 век но таа веројатно била позната и порано и служела да го објасни потеклото на Салиските Франки како племе кое живеело на морскиот брег. Претставката "Меро-" или "Мер-" сугерира на море (види: староанглиски "mere," латински "mare," француски "mer" па дури и денешниот англиски збор "mermaid", итн.). "Салиски" веројатно се однесува на зборот сол но може да се однесува и на реката Ајсел (која Римјаните ја нарекувале Исала) која се наоѓа зад подрачјето од каде потекнувале Франките. Легендата може да се објасни и на многу полесен начин. Морското чудовиште можеби било странски освојувач, кој по воден пат, стигнал до подрачјето каде живееле Франките, кој се оженил со жената на умрениот крал (Хлодион или Фарамонд) за да го легитимизира своето владеење.
Ниеден друг историски доказ не укажува на тоа дека Меровех некогаш постоел. Некои историчари тврдат дека Меровех, предокот на сите Франки, можеби било името на некое божество или полубожество кое Франките го славеле пред да го прифатат христијанството. Дури се вели и дека Меровех можеби се однесува на холандската река Мерведе[7] денес дел устието Рона-Меза-Шелта но порано главна притока на Рона, во подрачјето каде, според римските историчари, некогаш живееле Салиските Франки. Една друга теорија[8] вели дека оваа легенда се должи на создавањето на некакво митско минато потребно да се поткрепи брзорастечкото франкиско владеење во Западна Европа.
Во 451 година, Хуните на Атила ја освоиле римска Галија, Меровех ги пресретнал и ги победил во некоја битка помеѓу Корби и Роа, во низината Сантер.[9] Најпосле, Меровех веројатно бил предводникот на Франките кои се здружиле со Гало-Римјаните и со другите Германи, во тек на крвавата битка каде генералот Аециј го победил Атила, на полето Каталауника (низина близу до Шалон ан Шампањ и Троа)[10].
Приск алудира на настани што се случиле во франкиското царство во времето на Меровех:
„Атила и неговата војна против Франките беше причина за смртта на нивните кралеви и раздорот што се појавил помеѓу синовите заради надмоќ. Најстариот одлучил да стапи во сојуз со Атила, додека вториот се свртел кон Аециј. Него го сретнавме кога дојде во Рим како амбасадор. На лицето сѐ уште немаше густа брада а неговата руса коса беше толку долга што ја собрал во плетенки. Ециј од него направи посвоен син и како император, го посипа со подароци и го испрати како пријател и сојузник“[11]
Историчарите се поделени по прашањето дали Меровех е еден од протагонистите на оваа приказна. Некои како Ерик Зелнер мислат дека Рипуарските Франки му се нашле на патот на Атила, а не Салиските Франки, и дека овој пасус се однесува на тие првите.[12] Други сметаат дека Меровех во 451 бил починат крал и дека син му Хилдерик впрочем бил посвоениот син на Аециј[13]. Најпосле, Кристијан Сетипани смета дека ако пасусот се однесува на Салиските Франки, што не е сигурно, тогаш, хронолошки гледано, Хлодион е мртвиот крал во 451 а Меровех е синот кој станал сојузник на Римјаните[14].
Кој и да бил едниот од франкиските принцови што ги споменува Приск, Меровех како историска личност веројатно живеел во Белгиска Галија, во регионот Брабант, со престолнина во Турне.
Легендата за Меровех била адаптирана во 1982 од страна на авторите Хенри Линколн и Ричард Ли во нивната книга Светата крв светиот грал, кои раскажуваат приказна дека лозата на Меровинзите по крвна линија е поврзана со Исус Христос. Хипотезата на Линколн и Ли во 2003 ја развил и Ден Браун во неговиот бестселер Кодот на Да Винчи.[15][16]
Освен тоа, ликот на "Меровингот", кој го игра Ламберт Вилсон во научно-фантастичните филмови „Матрица“ (Matrix Reloaded и Matrix Revolutions) е претставен како носител на знаење својствено за моќни вештачки интелигенции (како Оракулот и мајсторот на клучеви) кои избрале егзил наместо да бидат избришани од Матрицата. Како погрешно насочена компјутерска програма, Меровингот тука е еден од членовите на стара владејачка класа која повеќе или помалку го оспорува системот. Неговиот "назив" се однесува на соборената кралска [франкиска] династија која во различните теории на заговор треба да ја држи моќта на Светиот Грал.[17]
|date=