Поглед на Мачево
Мачево — село во Општина Берово, во областа Малешевија, во околината на градот Берово.
Населбата се наоѓа во областа Малешевија, во северниот дел на територијата на Општина Берово, на патот Берово-Виница.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 790 метри. Од градот Берово, населбата е оддалечена 9 километри.[2]
Атарот зафаќа простор од 9,7 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 371 хектар, на пасиштата отпаѓаат 309 хектари, а на шумите 249 хектари.[2]
Во XIX век, Мачево било христијанско село во рамките на Малешевската каза на Отоманското Царство. Селото се претпоставува дека го добива името "Мачево" бидејќи било често мачено од другите села.
Вкупно 1 жител на оваа населба e заведен како жртвa во Втората светска војна.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Мачево имало 340 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мачево имало 264 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[6]
Селото е мало и во 1961 година броело 297 жители, а во 1994 година се намалил на 216 жители, македонско население.[2] Според пописот од 2002 година, во селото живееле 206 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 143 жители, од кои 140 Македонци и 3 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Селото влегува во рамките на Општина Берово, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Берово.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Робово, во која влегувале селата Мачево, Робово и Умлена.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Владимирово, во која покрај селото Мачево се наоѓале и селата Владимирово и Русиново.
Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Берово.
Во селото постои избирачкото место бр. 0011 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 138 гласачи.[15]