Жерве Јао Куази (роден на 27 мај 1987), подобро познат како Жервињо, е фудбалер од Брегот на Слоновата Коска, напаѓач на Парма и на репрезентацијата на Брег на Слоновата Коска.
Игра претежно на позицијата крило, има одличен удар и дриблинг, со брзи промени на правецот.[1]
Жервињо е роден во Анјама, Брегот на Слоновата Коска.[2] Тој ја започнал својата кариера во младинската академија на АСЕК Мимозас, каде што поминал пет години. Во АСЕК, го добил Бразилско-португалскиот прекар "Жервињо", изведен од неговото име Жерве.[3]
По ова, тој се преселил во екипата на Тумоди (исто така во Брегот на Слоновата Коска), каде што станал професионалец.[4]
Во 2004 година дошол во Европа, приклучувајќи му се на младинскиот тим на белгискиот Беверен.
Следната сезона 2005-06 бил унапреден во првиот тим на Беверен, а своето деби за клубот го имал на 6 август 2005 во поразот на домашен терен од Брисел со 0-2, појавувајќи се во игра како замена во 53-тата минута на местото на сонардникот Констан Каипе Кипре.
Жервињо одиграл две сезони во дресот на Беверен, и постигнал 14 гола во 61 првенствен настап.
По завршувањето на сезоната 2006-2007 Жервињо се преселил во францускиот прволигаш Ле Ман за сума од 600.000 €, каде што играл заедно со Ромарик, исто така, играч од средниот ред на Брегот на Слоновата Коска и репрезентативец. Тој постигнал два гола во неговата дебитантска сезона во Лига 1, еден против лутиот соперник Нанси,[5] а другиот против екипата на Ленс.[6] Жервињо постигнал 9 гола во 59 натпревари во Лига 1 во две сезони во францускиот клуб.
На 21 јули 2009 година, Жервињо му се приклучил на Лил за пријавена сума од околу 6.000.000 € потпишувајќи со нив тригодишен договор.[7] Жервињо постигнал 13 гола во 32 настапи во неговата дебитантска сезона за клубот.<[2] Својот прв гол за Лил го постигнал во победата со 3-2 на гостувањето кај Булоњ на 4 октомври 2009 година.[8]
Тој имал уште поуспешна втора сезона со Лил. Жервињо постигнал 18 гола во сите натпреварувања, 15 во Лига 1,[9] со кој му помогнал на Лил да стане Шампион на Франција за првпат по 56 години.[10] Неговиот тим исто така го освоил и Купот на Франција, а Жервињо бил стрелец во победата со 2-0 во полуфиналето против Ница на 20 април.[11][12] На крајот на сезоната, очекувано Жервињо е поврзуван со многу клубови како Арсенал,[13] Париз Сен Жермен,[14] Атлетико Мадрид [15] и Њукасл Јунајтед.[16]
На 12 јули 2011 година Жервињо го комплетирал својот трансфер од Лил во Арсенал за сума која се верува дека изнесувала околу 10.800.000 £.[17][18][19] Тој го добил дресот со број 27., кој за последен пат бил носен од страна на неговиот сонародник и колега од Репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, Емануел Ебуе кој бил веќе на работ на напуштање на клубот.[20] Тој го направил своето деби во пред-сезонски пријателски натпревар против Келн, во кој постигнал два гола во рамките на првите 15 минути.[21] На своето деби во Премиер лигата, Жервињо добил црвен картон во 76-тата минута од натпреварот против Њукасл Јунајтед, откако тој влегол во физичка пресметка со лудиот Џои Бартон кој го испровоцирал при една ситуација во шеснаесетникот на страчките. Натпреварот завршил 0-0.[22] Ова резултираше со стандардната казна од три-натпревари суспензија заради насилно однесување.[23] Алан Пердју (менаџерот на Њукасл Јунајтед) го обвинил Жервињо за симулирање во двобојот со Шеик Тиоте во шеснаесетникот, по што следување онаа ситуација со Бартон.[24] Тој го постигнал својот прв лигашки гол за Арсенал во поразот со 4-3 од Блекбурн Роверс.[25] На 23 октомври 2011 година, Жервињо придонел за сите три гола во победата на Арсенал со 3-1 над Стоук Сити, постигнувајќи го првиот и асистирал за двата гола на Робин ван Перси.[26] Тој потоа го постигна својот трет гол за Арсенал на 3 декември 2011 година, во победата со 4-0 над Виган Атлетик. Својот четврти гол за Арсенал во сезоната го постигнал на 27 декември 2011 година во ремито 1-1 против Вулверхемптон. По поразот од Фулам со 2-1, Жервињо заминал на Африканскиот куп на нации. Тој го направил своето враќање во Арсенал на 18 февруари 2012 година во натпревар од ФА Купот против Сандерленд, кој завршил со пораз 2-0 со кој Арсенал бил елиминиран од ова натпреварување.[27]
Следната сезона, Жервињо играл во три од првите четири првенствени натпревари на Арсенал и постигнал два гола во подбедата со 6-1 на домашен терен над Саутхемптон на 15 септември.[28] Жервињо го постигнал својот прв гол во новата сезона во натпреварот од Лигата на шампионите против Монпелје на 18 септември во победата со 2-1.[29] По долга пауза, на 16 март, Жервињо постигнал гол и ја запечатил победата над Свонзи Сити (2-0), постигнувајќи го својот прв гол за Арсенал од септември.[30] На 30 март, Жервињо постигнал гол и асистирал за други два гола на Арсенал во победата над Рединг со 4-1 и бил прогласен за играч на натпреварот.[31][32]
На 8 август 2013 година, Жервињо го напуштил Арсенал и се преселил во италијанската екипа Рома за сума од 8.000.000 €.[33] Во клубот повторно се сретнал со тренерот Руди Гарсија, кој претходно го тренирал во Ле Ман и Лил, а исто така продолжил да игра со бројот на дрес 27. (кој го носеше и во Арсенал). Тој го направил своето прво појавување за Рома влегувајќи како замена на местото на Марко Бориело во натпреварот против Ливорно на 25 август.[34] На 25 септември Жервињо го постигнал својот прв официјален гол за Рома, стрелајќи прецизно од непосредна близина по асистенцијата на Франческо Тоти, со што ја запечатил победата над Сампдорија со 2-0 конечен резултат.[35] Во следниот натпревар од Серија А, тој и помагнал на екипата да дојде до шестата победа во исто толку натпревари, тресејќи ја двапати мрежата на Болоња во убедливата победа со 5-0.[36] Жервињо го постигнал единствениот гол со акробатски потег по асистенција на Кевин Стротман во четврт-финалето од Купот на Италија на 21 јануари 2014 година, носејќи и победа над Јувентус и пласман во полуфиналето.[37] Во првиот натпревар од полуфиналето против Наполи на 5 февруари, Жервињо постигнал два гола, вклучувајќи го и доцниот победнички гол во натпреварот за победа на Рома со 3-2 и предност пред реваншот, по кој Рома била елиминирана.[38] Својата дебитанстска сезона во Италија ја завршил со 9 гола во 29 настапи во Серија А и 3 гола во 4 настапи во Купот на Италија.
Во јануари 2016, Жервињо потпишал договор со кинескиот клуб Хебеј Чајна Форчун за сума од 18 милиони евра.
На 17 август 2018, Жервињо се вратил во Серија А потпишувајќи за новопромовираната екипа, Парма.[39]
Жервињо бил капитен на Репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска под 21 година.[4]
Тој бил именуван за настап во сениорската репрезентација за првпат за пријателските натпревари против Ангола и Катар во ноември 2007 година, и беше повикан за настап на Африканскиот куп на нации 2008 во Гана, каде што тој го носел дресот со број 10. Тој го направил своето деби во сениорската репрезентација за време на Купот на нациите, каде што тој имал два настапи како замена.
Тој ја претставувал својата земја на Олимпискиот турнир во 2008, каде што тој бил капитен.[3] По поразот на Брегот од Аргентина во првиот натпревар, Жервињо постигнал еден гол и наместил два други во победата со 3-2 над Србија.[40]
На 15 јануари 2010 година, Жервињо го постигнал својот трет репрезентативен гол на Африканскиот куп на нации во натпреварот од групната фаза против Гана.[41] Тој направил вкупно три настапи на турнирот, постигнувајќи еден гол.[42]
Жервињо ги постигнал својте први голови за репрезентацијата во квалификациите за Светското првенство 2010, стрелајќи двапати во победата со 3-0 над Гвинеја. Тој одиграл уште три натпревари во квалификациите сите како замена.[3] На 15 јуни 2010 година, тој го одиграл својот прв натпревар на Светските првенства. Одиграл 82 минути во првиот натпревар на Брегот на Слоновата Коска на мундијалот против Португалија кој завршил 0-0.[4] Тој направил вкупно три настапи на Светското првенство сите во групата Г, бидејќи неговата репрезентација не поминала во следната фаза.
Жервињо го промашил одлучувачкиот пенал во пенал-рулетот во финалето на Африканскиот куп на нации 2012, со кој и дозволил на Замбија да го добие натпреварот и да стане шампион.
Жервињо беше вклучен во составот од 23 фудбалери на Брегот на Слоновата Коска за Светското првенство 2014 во Бразил.[43] Во нивниот прв натпревар во групата Ц против Јапонија, тој го постигнал победничкиот гол на додавање на Серж Орие за да го комплетира пресвртот и да и ја донесе првата победата на шампинатот на својата репрезентација со 2-1.[44] Во следниот натпревар, тој го постигнал единствениот гол за слоновите во поразот со 2-1 од Колумбија во Бразилија.[45]
Жервињо бил повикан во репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска за Африканскиот куп на нации 2015 во Екваторска Гвинеја, но во првиот натпревар од групната фаза против Гвинеја тој заработил црвен картон заради удирање на противничкиот играч Наби Кеита. Тој добил два натпревари суспензија за инцидентот.[46] Жервињо се вратил за четврт-финалето на против Алжир, постигнувајќи го последниот гол во победата со 3-1[47] и исто така постигнал гол во полуфиналето, во победата со истиот резултат над ДР Конго.[48] Со победата над Гана на пенали во финалето, репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска станала првак на Африка.