Ова село се наоѓа во областа Овче Поле, во крајниот северен дел на територијата на Општина Свети Николе, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Куманово.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 590 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 14 километри, а од регионалниот пат Свети Николе-Куманово околу 5 километри.[2]
Селото се наоѓа во долина, на самиот раб од котлинската површина. Околни села се Горно Ѓуѓанци, Орел, Стањевци и други. Со вода за пиење се снабдувале од селската чешма на сретсело.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Мал и Голем Барбеш, Корија, Кула, Уши, Росуља, Црвени Брегови, Стари Лозја, Ѓеренлив, Чукар, Црвени Рид, Велетин, Валевце, Солена Вода, Рамниште, Љаник, Градиште и Грнчар.[3]
Селото има збиен тип, поделено на четири маала. Тоа се Рајатско, Долно, Средно и Горно Маало. Првото маало се наоѓа покрај Градиште а левиот брег од долината, додека останатите се наоѓаат на десниот брег од долината.[3]
До селото се пристапува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат Свети Николе-Куманово.
Историја
Градиште е возвишување над Рајатско Маало во самото село. Таму се наоѓаат остатоци од ѕидови широки околу 1 метар. Селаните ги користеле ѕидовите и каменот за градежен материјал. Исто така, мештаните на локалитетот имаат ископувано ќупови.[3]
На месноста Кори се наоѓа дабова шума, за која се верува дека била манастирска шума. Таму се наоѓал стариот манастир „Св. Ѓорѓи“, кој се наоѓал југоисточно од селото. Од манастирот сега се познаваат ѕидини и еден крст. Таму мештаните се собираат за Ѓурѓовден и се коле заеднички курбан.[3]
Се верува дека селото е старо, што се огледува и по зачуваните стари македонски родови. Тие најмногу живеат во Рајатско Маало под Градиштето. Останатите маала се понови и се населени со доселеници.[3]
Во 2014 година на селото му е вратено неговото старо име Долно Ѓуѓанци.[4]
Стопанство
Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 19,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.036,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 562,8 хектари, а на шумите 277,9 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото има земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти.[2]
До крајот на отоманската власт, двете села Горно и Долно Ѓуѓанци припаѓале на Мемед-бег, населен во Кратово. Потоа, тој бил наследен од синот Мустафа и внукот Назим. Назим-бег од 1912 до 1918 година ја продал целата земја на селаните, кои дотогаш ја обработувале.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[7]
Од ова село се иселил значителен број на населението. Така, во 1961 година селото броело 772 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 219 жители, од кои 217 биле Македонци, а двајца жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Долно Ѓуѓанци живееле 174 жители, од кои 173 Македонци и 1 Србин.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 88 жители, од кои 83 Македонци, 1 останат и 4 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Павлешенци, во која покрај селото Долно Ѓуѓанци, се наоѓале и селата Габреш, Горно Ѓуѓанци, Градиште, Кокошиње, Кутли Бег, Кучкарево, К’шање, Павлешенци, Пезово, Стањевци и Строиманци. Селото било седиште на некогашната Општина Долно Ѓуѓанци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Павлешенци, Строиманци и Стрњевец.
Избирачко место
Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 1694 кое според Државната изборна комисија е сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место влегуваат селата Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци и Строиманци.[14]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 31 март 2021.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.