Дејан Јакимовски е роден на 20 август 1975 година во Куманово. Пред да почне војната 2001 година во Македонија, тој две и пол години беше вработен како возач во војното. Беше во „шкорпионите“. Во деновите за Прочка користел одмор. Итно бил повикан да се јави на работа утрото на 25 февруари, недела. Претходните денови ги искористил да си го дотера катот во семејната куќа. Имал и молери. Во саботата, во Куманово, си купил нова спална, платил 3.200 марки. Луѓето сакале веднаш да му ја однесат дома и да ја монтираат. Ги замолил да причекаат до понеделникот, додека одајата да се исуши од боите. Во неделата рано наутро заминал во гарнизонот. Според најавата, требало да се врати седум дена подоцна, на 4 март. Во понеделникот дошле монтерите со спалната и му ја монтирале.
До 3 март постојано бил на терен и не се јавувал дома. Се јавил дури вечерта на 3 март. По вообичаениот разговор за децата и за родителите, на сопругата и рекол дека ќе добие чин водник и дека ќе го активираат. Навестил дека наредната вечер ќе се врати дома и подетално ќе разговараат за се. Утредента, меѓу 10 и 11 часот, домашните трипати телефонирале во касарната, и секогаш добивале одговор дека Дејан е на терен и дека ќе се јави веднаш кога ќе се врати.