Волт Витман

Волт Витман (англиски: Walt Whitman) (31 мај 1819, Вест Хилс, Њујорк, САД - 26 март 1892, Камден, Њу Џерси, САД) — американски поет, есеист, новинар и хуманист. Tој беше дел од транзицијата меѓу трансцендентализмот и реализмот, вклучувајќи елементи од двете правци во неговите дела. Витман е меѓу највлијателните поети во Американскиот канон и често се нарекува татко на слободниот стих. Тој вил многу контроверзен во своето време, особено неговата збирка Листови трева, која била сметана за непристојна поради неговата отворена хомосексуалност.

Волт Витман, 1854 г.

Животопис

Волт Витман, 1864 г.

Волт Витман (роден како Волтер Витман) е роден на 31 мај 1819 година, во местото Вест Хилс, во државата Њујорк, како второ дете на многудетното семејство на Волтер Витман и Лујза ван Велзор, потомци на старите доселеници на Лонг Ајленд (Long Island). Во 1823 година, семејството се преселило во Бруклин. Таму, до 1830 година, Волт се школувал во државно училиште, наменето за децата од посиромашните луѓе. Сепак, предвремено го напуштил училиштето и најпрвин работел во канцелариите на неколку бруклински адвокати, а потоа и во еден весник во Лонг Ајленд, каде го изучил печатарскиот занает. Паралелно со работата, Витман продолжил самостојно да се образува. Во 1833 година, неговото семејство се вратило на село, а Витман останал во градот, работејќи како печатарски помошник сè до 1836 година. Бидејќи не сакал да се врати на фармата на татко му, во следните неколку години, тој работел како учител во неколку места во Лонг Ајленд. Во меѓувреме, заедно со брат му Џорџ, започнал да издава сопствен весник, којшто излегувал околу една година. Исто така, активно се вклучил во политичкиот живот, учествувајќи во кампањата на претседателскиот кандидат на Демократската партија. Во периодот 1841-1845, Витман работел како новинар во неколку весници во Њујорк, а потоа, повторно се вратил во Бруклин, работејќи како новинар, а потоа бил и уредник на еден весник.[1][2]

Витман во Бруклин, 1872 г.

Во 1848 година, Витман добил понуда да биде уредник на еден нов весник во Њу Орлеанс, каде отпатувал со брат му Џеф. Таму, тој имал страсна љубовна врска со некоја креолка (или со некој маж), а по три месеци, повторно се вратил во Бруклин, каде продолжил да се занимава со новинарство и политика.[2][3]
Во 1861 година започнала Граѓанската војна во САД и неговиот помлад брат Џорџ се пријавил во војската на Унијата, борејќи сè до крајот на војната. Исто така, и неговиот брат Ендрју учествувал во војната, но умрел по само три месеци, најверојатно од туберкулоза. Волт, кој во тоа време, имал над 40 години, не учествувал во војната, како и останатите негови браќа - постариот Џеси (кој неколку години подоцна завршил во душевна болница), помладиот Џеф (штотуку оженет) и најмладиот Едвард (кој бил ментално заостанат). Сепак, набргу, Волт започнал да ги посетува ранетите војници по њујоршките болници и да ги запишува нивните приказни, да им носи поклони и да им пишува писма. Во 1862 година, тој дознал дека е ранет брат му Џорџ и заминал во Вашингтон, барајќи го по тамошните болници. Бидејќи не го нашол, заминал на бојното поле и таму дознал дека е само полесно ранет. Така, Волт останал околу две недели на бојното поле, запознавајќи се одблизу со ужасот на војната. Под дејство на силните впечатоци, одлучил да не се враќа дома, туку заминал во Вашингтон, каде ги негувал ранетите војници во болниците. Во 1864, веќе исцрпен, Витман се вратил во Бруклин.[4]
Во 1865 година, Витман повторно заминал во Вашингтон, каде се вработил во Одделението за индијански прашања при Министерството за внатрешни работи, но по некое време добил отказ, бидејќи неговиот шеф дознал дека тој е авторот на збирката „Лисја од трева“, која тогаш се сметала за непристојна книга. Потоа, Витман се вработил во канцеларијата на врховниот обвинител, каде работел во следните осум години. Во 1873 година, Витман претрпел мозочен удар од кој останал делумно парализиран. Потоа, тој се преселил во Камден, во државата Њу Џерси, каде останал до крајот на животот. Во овој период, Витман продолжил да пишува и повремено одржувал предавања, уживајќи во поетската слава. Умрел на 26 март 1892 година, во Камден, каде бил закопан.[4]

Витман во Камден, Њу Џерси, 1891 г.

Творештво

Почетоците на книжевното творештво на Витман датираат од периодот 1841-1845, кога започнал да објавува кратки раскази во разни списанија, а објавил и еден роман, но сите тие дела немаат поголема вредност. Исто така, работејќи како уредник во еден весник во Бруклин, Витман започнал да пишува критики на делата на тогашните познати писатели. Всушност, во текот на 1840-тите, Витман напишал многу песни, но сите тие биле конвенционални, неинвентивни, морализаторски и извештачени, сите напишани по урнекот на големите англиски поети. Дури кон крајот на 1840-тите и почетокот на 1850-тите, тој започнал да се преобразува во оригинален поет, раскрстувајќи со англиската традиционална поезија, пишувајќи за нови теми и развивајќи оригинален стил.

Тетратката на Витман.

Во 1855 година се појавила неговата поетска збирка „Лисја од трева“ (Leaves of Grass), објавена анонимно (само внатре, во некои песни се споменува неговото име). Подоцна, во текот на целиот живот, Витман неколкупати ја објавувал истата збирка, дополнувајќи ја со нови стихови и песни, исфрлајќи некои од постојните или менувајќи го нивниот редослед. Истовремено, тој станал дел од уметничките кругови, дружејќи се со познати писатели и уметници и создавајќи нов, неформален изглед како замена на поранешниот елегантен стил на облекување.[5]
Поетското творештво на Витман било под големо влијание на книжевниот и филозофски правец наречен трансцендентализам, создаден во првата половина на 19 век, во САД. Особено, тој бил инспириран од големиот американски поет, Ралф Валдо Емерсон и неговата визија за нов стил кој би бил во согласност со специфичностите на Америка. Оттука, Витман ја напуштил традиционалната поетска форма, преземена од англиската поезија и ја укинал границата меѓу поетскиот и секојдневниот јазик. Така, тој раскрстил со конвенционалниот ритам и метрика и создал експериментален стих (долг, без рима без правилен ритам).[6]

Писмо на Р.В. Емерсон до Витман од 21.7.1855 г.

Кога се зборува за творештвото на Витман, особено се нагласува улогата на Витман во изградбата на автентичната американска поезија, истакнувајќи дека тој ја потврдил „декларацијата на интелектуалната независност“ на Америка; прогласувајќи го за „бард на американската демократија“ и „Хомер на новиот континент“ (како што го нарекува Аница Савиќ-Ребац); поет кој претставува симбол на „личноста на Американецот“, синтеза на „сите највисоки особини“ на Американецот и кој „ќе го доврши неговиот развој онака како што му одговара на неговото битие“; поет кој „го создаваше американизмот којшто потоа го создаде идеалното човештво“ итн.[7]
Според Иво Андриќ, поезијата на Витман е „како оној чудотворен јапонски извор којшто сака да му ја врати на човештвото веселбата на младите години“ и пред неа “стоиме надвор од себе и надвор од нашата мрачна душа словенска“, додека според Мирослав Крлежа, поезијата на Витман е пример на вистински творечки однос кон она што се нарекува поетска традиција и современост.[8] Непосредно по Првата светска војна, Андриќ вака го оценил Витман: „Го поздравувам големиот другар Волт Витман, не само смел поет, туку уште повеќе, редок, совршен, видовит човек, кој на своите другари, поетите и борците од сите други генерации им го остави како завет својот претсмртен збор, зборот на едноставната, делотворна љубов: Иднината на светот е во слободното движење и солидарноста на сите раси.“[9]
Собраните дела на Витман се објавени посмртно, во повеќе од десет тома, вклучувајќи ги неговите песни, есеи (од кои најпознати се оние собрани во „Демократски видици“ од 1871 година и во „Две поточиња“ од 1876 година), бројни новинарски записи, автобиографски белешки, раскази (објавени во 1924 година под насловот „Мелез и други раскази“), како и еден роман („Франлин Иванс или пијаница“ од 1842 година).[7]
Денес, Витман се смета за највлијателниот американски поет, кој имал многу следбеници од кои голем дел претставуваат само негови бледи копии. Притоа, имајќи ја предвид разновидноста на неговото дело, многу често, делови од неговите гледишта и ставови биле прифаќани и присвојувани од најразлични идеолошки движења, од крајно левичарските до крајно десничарските.[10] Влијанието на Витман во развојот на поезијата било огромно, почнувајќи од Рембо до Штадлер; Жид воопшто не криел дека учел од него; а Брехт го споменувал Витмен на рамна нога со Хомер.[2]

Наводи

  1. Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 275.
  2. 2,0 2,1 2,2 Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 107.
  3. Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 276.
  4. 4,0 4,1 Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 277.
  5. Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 275-276.
  6. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 11.
  7. 7,0 7,1 Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 108.
  8. Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 109-110.
  9. Tihomir Vučković, „Volt Vitmen“, во: Volt Vitmen, Vlati Trave, Beograd: Rad, 1969, стр. 109.
  10. Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 14.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!