Базелската спогодба за капиталот или Базел I (англиски: Basel Accord) е меѓународна спогодба за единствени стандарди за потребното ниво на капитал на банките. Спогодбата била потпишана од страна на 12 индустриски земји во јули 1988 година, а со примена од 1993 година.
Историјат
Во 1974 година, во швајцарскиот град Базел, се одржал состанок на супервизорските органи на 12 развиени земји (Г-10 плус Швајцарија и Луксембург), на кој во рамките на Банката за меѓународни порамнувања (Bank for International Settlements) е основан т.н. Базелски комитет за банкарска супервизија (Basel Committee on Banking Supervision), или скратено, Базелски комитет. Основната задача на овој комитет е да врши координација на регулативните и супервизорските прашања, поврзани со активностите на меѓународните банки од земјите-членки. За таа цел, одвреме-навреме, Базелскиот комитет издава спогодби и договори со намера да обезбеди делотворна супервизија на меѓународните банки.
Во таа смисла, клучен чекор во меѓународната регулација на банките било донесувањето на Базелската спогодба за единствени стандарди за капиталот на банките, потпишана од 12 индустриски земји на јули 1988 година, а со примена од 1993 година.[1] Базелската спогодба се темели на неколку основни принципи: капиталот има критично значење во заштитата од ризиците; големината на капиталот што треба да го поседуваат банките е поврзан со кредитниот ризик на одделни видови средства; утврдена е минимална стапка на капитал од 8%, којашто е прифатена од сите земји. Инаку, имајќи предвид дека подоцна е донесена уште една ваква спогодба, првата е позната уште и како Базел I.[2]
Структура на Базелската спогодба
Документот со наслов „Меѓународна конвергенција за мерење капитал и стандарди на капиталот“ (International convergence of capital measurement and capital standards) е поделен во четири дела:[3]
- Составни делови на капиталот - утврдување на висината и видот на капитал кој е потребно да го држат банките, составен од две категории: основен капитал (Tier 1) и дополнителен капитал (Tier 2). Основниот капитал (Tier 1), дефиниран како „највисока класа на капитал“, се состои од обични акции и некои приоритетни акции и било потребно да биде минимум 50% од вкупниот регулаторен капитал. Дополнителниот капитал (Tier 2), законски од „послаб квалитет“, се состои од различни видови резерви, хибридни капитални инструменти или субординирани термински долгови.
- Пондерирање на ризикот - дефинира пет подгрупи пондери на ризик 0, 10, 20, 50 и 100%. Банката е должна да ги распореди билансните и вонбилансните побарувања во соодветни категории на изложеност и да им додели соодветен пондер на ризичност. Пред да изврши распоредување на вонбилансните побарувања, банката е должна одделните вонбилансни побарувања да ги претвори во билансни, со користење на фактори на претворање.
- Целна стандардна стапка - третиот дел дефинира граница од минимум 8% за покриеност на активата пондерирана според ризиците (Risk Weighted Assets - RWA) со капиталните резерви основен (Tier 1) и дополнителен (Tier 2) капитал, на тој начин штитејќи ги банките од потенцијални загуби.
- Аранжмани за транзиција и имплементација - практично претставува агенда за воведување на барањата од Базел I со надзор и контрола на прогресот. Периодот на транзиција бил определен да трае до крајот на 1992 година, а имплементацијата на национално ниво да се спроведе во најрана можна прилика.
Регулаторен капитал и средства пондерирани според ризикот
Според Базел I, потребниот капитал за покривање на ризиците во работењето се пресметува според следнава формула:
Стапка на адекватност на капиталот = капитал / (средства пондерирани за ризикот)
Според тоа, стапката на адекватност на капиталот, позната и како Кукова стапка (Cooke ratio), го покажува износот на капитал што го поседува банката во однос на нејзините средства што се изложени на ризикот. Притоа, со Базелската спогодба се пропишани ставките што го сочинуваат капиталот на банките, како и начинот на пресметка на средствата пондерирани според ризикот. Така, капиталот на банките се состои од две нивоа: ниво 1 или основен капитал, кој го сочинуваат обичните и приоритетните акции, задржаната добивка итн.; ниво 2 или дополнителен капитал, во кој влегуваат другите ставки од сметката на капиталот (резерви, хибридни финансиски инструменти итн.). Притоа, дозволениот износ на дополнителниот капитал бил ограничен на најмногу 50% од вкупниот регулаторен капитал, или со други зборови, капиталот од нивото 2 не можел да биде поголем од капиталот од нивото 1.[1][4]
Во продолжение, Базелската спогодба ги пропишува и составните елементи на именителот од формулата за пресметка на стапката на адекватност на капиталот. Така, таа дава различни пондери за одделни групи средства, во согласност со нивото на кредитниот ризик на кое се изложени тие. Притоа, сите изложености на кредитен ризик се групирани во три категории: билансни изложености, вонбилансни изложености и деривати со кои се тргува на шалтерските пазари. Како што може да се забележи, во оваа спогодба е земен предвид само кредитниот ризик, како најзначаен ризик во работењето на банките.[5]
Табела бр. 1: Пондери за ризик на одделни групи средства[5][6]
Категорија |
Средства |
Пондер за ризик
|
1 |
Парични средства, злато и побарувања од владите на земјите од ОЕЦД |
0%
|
2 |
Побарувања од банките и побарувања од ентитети од јавниот сектор во земјите од ОЕЦД |
20%
|
3 |
Станбени кредити обезбедени со хипотека |
50%
|
4 |
Кредити на претпријатија и потрошувачки кредити |
100%
|
Во однос на кредитниот ризик на дериватите со кои се тргува на шалтерските пазари, кредитните еквиваленти се пресметуваат как: max(V,0) + aL, каде „V“ е тековната вредност на дериватот за банката, „a“ го претставува додатокот (изразен како процент од основната вредност на дериватот), додека „L“ е основната вредност на дериватот. Додатоците зависат од преостанатата рочност на дериватот (помалку од една година, од една до пет години, и над пет години), како и од видот на дериватите и се движат од 0% до 1,5% (за каматните деривати), од 1% до 7,5% (за девизните деривати и за златото), од 6% до 10% (за акциите), од 7% до 8% (за останатите скапоцени метали) и од 10% до 15% (за останатите берзански стоки).[7]
Притоа, со Базелската спогодба била пропишана обврската за банките да издвојат капитал од најмалку 8% во однос на средствата пондерирани според ризикот. Се разбира, минималното ниво на капитал од 8% значи дека националните регулатори можат да пропишат и повисока обврска за потребниот капитал на банките. Всушност, повеќето национални регулатори го прифатиле пропишаниот стандард од 8% како обврска за сите домашни и меѓународни банки. Како резултат на тоа, денес овој стандард се применува во повеќе од 100 земји ширум светот.[8][9]
Дополнување на Базелската спогодба за пазарниот ризик
Според Базел I, при пресметката на стапката на адекватност на капиталот се земал предвид само кредитниот ризик, којшто е најважен, но не и единствен ризик во работењето на банките. Имајќи предвид дека испуштањето на пазарниот ризик бил еден од најголемите недостатоци на Базелската спогодба, таа била дополнета во 1996 година, со примена од 1998 година. Со овие измени било предвидено банките да издвојуваат дополнителен капитал за покривање на одделните форми на пазарен ризик, како што се: ризикот од промена на цените на акциите, каматниот ризик, валутниот ризик и ризикот од промена на цените на берзанските стоки.
Инаку, за пресметката на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик, банките може да избираат меѓу два пристапа, внатрешен модел или стандардизиран пристап. Пристапот на внатрешен модел (internal model approach) значи дека банката може да употреби сопствен модел за пресметка на потребниот капитал поврзан со пазарниот ризик, којшто треба претходно да биде одобрен од надлежното регулаторно тело. Во практиката, банките најчесто употребуваат некој модел на вредноста изложена на ризик (ВаР), пресметана со ниво на доверба од 99% и во временски хориознт од 10 дена. Притоа, потребниот капитал за покривање на пзарниот ризик се пресметува како збир од две ставки: прво, поголемата вредност од ВаР за претходниот ден и просечната ВаР во претходните 60 дена (помножена со определен множител чија минимална вредност изнесува 3) и второ, надоместокот за специфичен ризик.[10] Банките што применуваат стандардизиран пристап (standardized approach) не вршат пресметка на вредноста изложена на ризик, туку за секој од четирите видови пазарен ризик одделно се пресметува капиталниот надомест и потоа, со нивно собирање се добива вкупниот износ на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик. Инаку, пресметката на потребниот капитал според овој пристап, во основа, се врши така што се пресметува нето-отворената позиција на банката по акции, валути, суровини, долговни хартии од вредност, каматни деривати итн., а потоа на таа вредност се пресметува капитален надомест од 8%.[11][12]
Недостатоци на Базел 1
Со текот на времето, на површината се појавиле одредени недостатоци на Базел 1, кои подоцна довеле до промени во Базелската спогодба за капиталот. Така, во 1991 година, Базелската спогодба била дополнета на тој начин што општата резерва за загубите на кредитите била вклучена во пресметката на регулаторниот капитал. Бидејќи Базел 1 воопшто не водел сметка за изложеноста на банките на пазарнито ризик, во 1996 година бил донесен амандманот на спогодбата за пазарниот ризик. Наспроти овие промени, Базел 1 не останал имун на критиките. Најочигледниот недостаток се однесувал на грубиот, едноставен пристап во однос на кредитниот ризик. На пример, сите кредити одобрени на претпријатија носеле пондер за ризик од 100%, без разлика на кредитниот рејтинг на фирмите, т.е. според Базел 1, и фирмата со рејтинг ААА и фирмата со рејтинг ВВ носеле ист пондер од 100%. Слично на тоа, Базел 1 воопшто не водел сметка за инструментите за обезбедување. Како последица на тоа, сите кредити одобрени на претпријатија носеле пондер за ризик од 100%, без разлика на тоа дали се обезбедени со соодветно покритие или не.[13]
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 44-45.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание. Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 273-274.
- ↑ BCBS, „International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 1988.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 68-69.
- ↑ 5,0 5,1 John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 328.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 68.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 329.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 274.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 67-71.
- ↑ John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 334-335.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 274-275.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 70.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 70-71.