Поглед на црквата
Свети Архангел Михаил — главна селска црква во селото Долно Дупени, Општина Ресен, Македонија.[1]
Се наоѓа во источниот дел на селото. Во кругот на црквата се наоѓаат и селските гробишта.[2]
Се претпоставува дека потекнува од крајот на X или почетокот на XI, обновена во 1883 година на стари темели.[2]
Црквата е посветена на споменот на чудата на Св. Архангел Михаил. Прославувањето на овој празник, кое се случува на 19 септември, претставува истовремено и селска слава.[3]
Храмот претставува еднокорабна градба со полукружна апсида и влез од јужната страна. Според податоците црквата е изградена на старо култно место во 1883 година. Во поново време сите надворешни ѕидови се измалтерисани, а врз западната и делумно северната фасада се прилепени неколку помошни простории.[3]
Во внатрешноста на црквата, ѕидно сликарство има само зад владичиниот престол во средишниот дел, а во олтарниот простор во нишата од жртвеникот и главната апсидна конха. Тоа потекнува од 1894 година, односно од периодот кога населбата полека од положбата на некогашното Горно Село постепено се префрла на денешната местоположба.[3]
Олтарната преграда е со два реда на икони изработени од истиот мајстор што го работел ѕидното сликарство. Според испишаните години и тие потекнуваат, заедно со изработката на целиот иконостас во 1894 година.[3]