Поглед на црквата
Свети Ѓорѓи — главна селска црква во гевгелиското село Серменин.
Црквата се наоѓа во југозападниот дел од селото.
Црквата е изградена во 1834 година, што е забележливо од записот во женскиот дел на храмот, а истата била обновена кон крајот на XIX век од страна на градителот Андон Китанов. Повторно била обновена во 1940 година.[1]
Градбата на црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани и со полукружна олтарна апсида на источниот ѕид. Апсидата е украсена со пет плитки ниши. Покривната конструкција е изградена на две води и е потпрена на осум столбови, распоредени во два реда со по четири столба.[1] Кон јужната страна на црквата е доградена припрата. Ѕидот на оваа страна од градбата е фрескоживописан, а во него е сместена и влезна врата.
Дворот на црквата е ограден со камена ограда. Во него се наоѓаат камбанаријата и трпезарија. Камбанаријата има квадратна основа и се издига над јужниот дел на оградата од дворот на црквата, во непосредна близина на влезната порта. Трпезаријата е сместена во југозападниот дел од дворот.
Внатрешноста на црквата била фрескоживописана во 1847 година, а фрескописот бил обновен во 1951 година од страна на гевгелискиот живописец Ѓорѓи Хаџи Ников.[1]
Иконостасот во црквата го сочинуваат стари икони кои потекнуваат од XIX век. Царските двери биле изработени во резба од страна на зографот Андон Китанов.[1]