Италија победила со 3-2 по изведувањето на пенали, откако натпреварот во регуларниот дел и продолженијата завршил нерешено 1-1;[4] Англија повела уште во 2-рата минута со голот на Лук Шо, а Италија изедначила во 67-мата минута со голот на Леонардо Бонучи, па откако не биле видени други голови се стигнало до пеналите каде италијанците биле поуспешни.
Со тоа, Италија ја освоила својата втора титула на Европските првенства, прва по единствената нивна претходно освоена уште во 1968 година.[5][6]
Финалето ќе се одржи на Стадионот Вембли во Лондон, Англија, сместен во Вембли, округот на Брент. На 6 декември 2012 година, УЕФА објавила дека турнирот ќе се одржи во повеќе градови низ Европа по повод 60-годишнината од одржувањето на турнирот, без екипи домаќини кои ќе се квалификуваат автоматски.[7][8] Вембли бил избран да биде домаќин на полуфиналето и финалето на турнирот од страна на Извршниот комитет на УЕФА на 19 септември 2014 година, откако кандидатурата за финалниот пакет на Алијанц Арена во Минхен била повлечена.[9] По добивањето на правата за домаќинство, лондонската стандардна понуда за пакетот натпревари во групната фаза и претходниот нокаут натпревар била повлечена.[10] Сепак, Извршниот комитет на УЕФА го отстранил Брисел како град домаќин на 7 декември 2017 година, поради доцнење со изградбата на Евростадион. Четирите натпревари (три во групната фаза, едно осминафинале) првично биле предвидени да се одржат во Брисел, но биле преселени во Лондон, оставајќи го Вембли со седум натпревари на турнирот.[11] Ова подоцна било зголемено на осум натпревари, бидејќи Даблин исто така бил отстранет од групата на градови-домаќини на 23 април 2021 година, не можејќи да обезбедат присуство на гледачи поради пандемијата на КОВИД-19, па предвиденото осминафинале таму било преместено на Вембли.[12]
Тековната инкарнација на стадионот Вембли била отворена во 2007 година на местото на оригиналниот стадион, кој бил урнат во периодот 2002-2003 година.[13][14] Стадионот е во сопственост на Фудбалскиот сојуз на Англија и служи како национален стадион на англиската репрезентација. Оригиналниот стадион, порано познат како Стадион „Империја“, бил отворен во 1923 година и бил домаќин на неколку натпревари на Светското првенство 1966, вклучувајќи го и финалето во кое домаќинот Англија ја победила Западна Германија со 4–2 по продолженијата, и на Европското првенство 1996, вклучувајќи го и финалето во кое Германија ја совладала Чешка со 2-1 по продолженија, преку сега веќе непостоечкото правило - златен гол. Вембли, исто така, бил домаќин на сите финалиња во ФА Купот од финалето во 1923 година (со исклучок на периодот 2001-2006, кога стадионот се обновувал). Домаќинството на Вембли на полуфиналето и на финалето останало предмет на расправа на УЕФА и владата на Велика Британија да постигнат договор околу карантинските правила за навивачите. Пушкаш Арена во Будимпешта се сметала за главен кандидат да го замени Вембли, доколку не можел да ги исполни условите да биде домаќин на финалето. И покрај ова, УЕФА останала сигурна дека Вембли може да биде домаќин на финалето.[15] На 22 јуни, Владата на Велика Британија ги изменила ограничувањата за КОВИД-19 во Лондон за да дозволи 75% од капацитетот на стадионот да се користат, што значи дека на финалето се очекува да бидат присутни 60,000 гледачи, доколку прикажат доказ дека биле тестирани или целосно вакцинирани.[16] Дадена е и специјална дозвола за околу 1.000 навивачи да летаат од Италија за да го гледаат натпреварот. Посебни услови, вклучително и тестирање за КОВИД-19 пред пристигнувањето, непрестојување во земјата подолго од 12 часа, користење на посветен превоз и сместување во одделени места на Вембли, применети за приврзаниците од Италија.[17]
Италија се квалификуваше за Европското првенство како победник во групата Ј од квалификациите со совршен учинок од десет победи во десет натпревари, и биле извлечени на ждрепката во групата А, заедно уште со репрезентациите на Швајцарија, Турција и Велс; со оглед на тоа што била една од нациите домаќини, Италија ги одиграла сите три натпревари во групната фаза пред домашната публика на стадионот Олимпико во Рим. Италија го отворила турнирот со победа од 3-0 над Турција, кога турскиот дефанзивец Мерих Демирал си постигнал автогол за водство на италијанците во 53-тата минута, пред Чиро Имобиле и Лоренцо Инсиње да ја потврдат победата на Aѕурите.[18][19] Италија потоа ја совладала и Швајцарија со нов триумф од 3-0, со головите (два) на Мануел Локатели и на Чиро Имобиле со што си обезбедиле место во осминафиналето,[20][21] а во последниот натпревар од групата биле подобри и од Велс со 1-0 со голот на Матео Песина за максимален учинок во групната фаза.[22][23]
Во осминафиналето играно на Вембли, Италија се сретнала со мотивираната и дисциплинирана репрезентација на Австрија, која завршила на второто место во групата Ц. Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ постигнал гол во 67-мата минута, кој бил поништен поради офсајд, па откако регуларните 90 минути завршиле без голови 0-0 натпреварот стигнал до продолженија каде италијанските играчи кои влегле од клупата за резерви Федерико Кјеза и Песина постигнале голови за водство на Италија од 2-0. И покрај тоа, што замената и кај австриската репрезентација, Саша Калајџиќ, постигнал погодок за надеж на својата репрезентација во второто продолжение (првиот гол што италијанците го примиле на турнирот), Италија го задржала водството до крај и се пласирала во четвртфиналето.[24][25]
Четвртфиналето донело средба на Италија со најдобро рангираната репрезентација на ранг-листата на ФФФА, Белгија, играна на Алијанц Арена во Минхен. Натпреварот бил одбележан од силна доминација на Италија, која дошла во водство преку Николо Барела во 31-вата минута, пред Инсиње да го удвои водството на Италија во 44-тата минута со прекрасен гол; белгискиот репрезентативец Ромелу Лукаку потоа реализирал од пенал за да ја намали негативата пред крајот на првото полувреме. И покрај тоа што италијанците го загубиле во остатокот од турнирот еден од најдобро оценетите фудбалери на првенството, левиот бек Леонардо Спинацола, поради повреда на ахиловата тетива,[26] тие уште еднаш покажале дека знаат да го оддржат резултатот и откако тој не се сменил до крајот ги елиминирале белгијците.[27][28]
Полуфиналето ги одвело италијанците назад на Вембли, каде се соочиле со Шпанија, за ова да биде четврто последователно Европско првенство на кое се сретнале двете репрезентации. Во тесен натпревар, Италија го направила пробивот отворајќи го резултатот преку Кјеза по шеесет минути; сепак, дваесет минути подоцна Алваро Мората го постигнал израмнувачкиот гол за Шпанија со што натпреварот по 90 минути завршил 1-1. Резултатот не се сменил ниту во продолженијата, што резултирало со изведување на пенали; Локатели и Дани Олмо не успеале да ги реализираат првите пенали за своите екипи, пред Џанлујџи Донарума да го одбрани четвртиот пенал на шпанците кој го извел Мората. Жоржињо, потоа го постигнал следниот пенал за да ја однесе Италија во нивното прво европско финале од 2012.[29][30]
Англија
Англија се квалификувала за првенството завршувајќи прва во квалификациската група А, победувајќи во седум и загубиле само еден од осумте квалификациски натпревари. Тие биле извлечени во групата Д, и како и Италија, исто така ги одиграле своите три натпревари во групата на нивниот стадион, Вембли. Англија играла во групата Д со Шкотска, Чешка и Хрватска. Англичаните започнале со тешка победа од 1-0 над Хрватска; голот на Рахим Стерлинг ја направил разликата во 57-мата минута, носејќи и ги на Англија првите три бода на турнирот. Тоа било исто така првпат Англија да го добие воведниот натпревар од групната фаза на Европско првенство.[31][32] Во вториот натпревар, Англија играла против Шкотска и не успеала да постигне гол така што натпреварот завршил нерешено 0-0; освојувањето на четвртиот бод на Англичаните им го загарантирал пласманот во осминафиналето пред нивниот последен натпревар во групата, благодарение на останатите резултати.[33][34] Првото место во групата било потврдено со победата над Чешка со 1-0, со голот повторно на Стерлинг на почетокот на натпреварот. Стекнувајќи седум бода, Англија обезбедила да остане на Вембли во осминафиналето, но својот противник не го дознале сè до крајот на групната фаза.[35][36]
Во осминафиналето, Англија се сретнала со второпласираната репрезентација од групата Ф, Германија. Новото поглавје во долготрајното соперништво меѓу двете репрезентации, било отворено во 75-тата минута кога Стерлинг со својот трет гол на првенството ја донел Англија во водство од 1-0. Англија потоа преживеала стопроцентна можност за Германија, кога Томас Милер излегол сам испред англискиот голман, но шутирал неколку сантиметри покрај целта, пред Хари Кејн да стане вториот играч на Англија кој погодил на турнирот за да ја запечати историската победа на англичаните од 2-0; прва против за германците во нокаут фазата на голем турнир уште од финалето на Светското првенство 1966.[37][38]
Четвртфиналето, одиграно на Олимпико во Рим (нивниот единствен натпревар надвор од Вембли на целиот турнир), донело лесна победа за Англија на Украина со 4-0; во листата на стрелците се запишале Кејн кој постигнал два гола и Хари Мегвар и Џордан Хендерсон (со неговиот прв репрезентативен погодок). На тој начин, Англија ја забележала највисоката победа досега на завршните турнири на Европското првенство.[39][40]
Во полуфиналето Англија ја победила Данска со 2-1 по продолженија. Данците први повеле со голот од слободен удар на Микел Дамсгор, што бил првиот гол кој Англија го примила на првенството. Гордиот Албион изедначил на 1-1 пред крајот на првото полувреме со автоголот на Симон Кјер и откако немало повеќе голови, натпреварот отишол во продолженија. Клучниот момент се случил во првото продолжение кога Стерлинг бил фаулиран во данскиот шеснаесеттник за пенал за Англија; ударот од белата точка на Хари Кејн го одбранил Каспер Шмајхел, но Кејн бил прецизен натрчувајќи на одбиената топка со што ја испратил својата земја во првото финале на Европско првенство во историјата на репрезентацијата.