Томас Марио „Томи“ Хас (роден на 3 април 1978 г.) — германски професионален тенисер. Тој се натпреварува на АТП турнирите од 1996 година. Откако во 1997 година се рангирал помеѓу првите 100 најдобри тенисери во светот и во мај 2002 година го достигнал врвот во неговата кариера со заземање на 2. место на АТП листата, неговата кариера била прекината поради повреди. Првиот период на повреди предизвикал да ја пропушти целата сезона во 2003 година, и не успеал да се врати помеѓу првите 10 до 2007 година. Хас исто така пропуштил да игра во периодот помеѓу февруари 2010 и јуни 2011, но откако се вратил на терените повторно се рангирал меѓу првите 20 на АТП листата.
Роден е во Хамбург, Германија од Бригите и Петар Хас[1]. Томи започнал да игра своја верзија на тенис од неговата четврта година, користејќи дрвена штица со која што го удирал топчето од ѕидот или од раката на неговиот татко. Кога неговиот татко го забележал неговиот талент започнал да го носи Хас на работа, бидејќи бил тениски тренер.
На пет годишна возраст Хас го освоил неговиот прв младински турнир во Хамбург. На осум години го освоил вториот во Минхен. Помеѓу единаесетатта и тринаесетатта година тој двапати победил на австриското, германското и европското првенство.
Неговиот талент бил забележан од тенискиот гуру Ник Болетири. Бидејќи Ник бил премногу импресиониран од младиот германец кој тогаш имал 11 години му понудил да остане да тренира на неговата академија во Брејдентон, Флорида бесплатно. На 13-годишна возраст Томи веќе зборувал по малку англиски и се преселил со постојан престој на Флорида за да тренира во академијата.[1]
Во 2001, тој започнал да прави уште поголеми чекори во неговата тениска кариера освојувајќи четири АТП титули, вклучувајќи ја и неговата прва Мастерс титула. Тој 2001 година ја завршил на 8. место на АТП листата, но пропуштил да игра на крајот на сезоната на Мастерс купот поради победата на Горан Иванишевиќ на Вимблдон, со која се изборил за последното осмо место во рангирањето. Во 2002, тој стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија со тешките победи над Тод Мартин, Роџер Федерер, и Марсело Риос. Во полуфиналето тој имал предност над Марат Сафин so 2–1 во сетови, но поради замор од претходните долги натпревари и поради повреда на рамото тој ги загубил следните два сета со 6-0, 6-2.
Хас брзо се издигнал на врвот, заземајќи го 2. место на АТП листата, но тогаш неговата кариера била прекината поради тешката собраќајна несреќа на неговите родители поради која неговиот татко завршил во кома. Најголемиот дел од 2002 година Хас го поминал грижејќи се за своите родители, наместо играјќи тенис. Во истиот период, тој поради повреда на рамото бил примиран да иде на операција. Хас бил измачуван од понатамошни повреди и слични компликации и поради тоа тој не се вратил на професионалниот тенис сè до 2004 година.
Пред несреќата на неговите родители и неговата повреда, тој имал импресивен биланс против тогашните и идните светски бр. 1 играчи: 3–0 против Енди Родик, 5–5 против Пит Сампрас, 2–1 против Роџер Федерер, 2–1 против Марат Сафин, и 2–0 против Џим Куријер. Откако се вратил во 2004 година, Хас освоил уште две АТП титули.
2006
Во 2006 година Хас освоил три АТП титули и имал забележителен настапи на Отвореното првенство на САД каде во четвртфиналето бил поразен од Николај Давиденко, и покрај тоа што ги добил првите два сета. Хас се здобил со тешки грчеви во нозете на крајот од третиот сет, и од тогаш па натаму неговата ограничена подвижност на теренот го чинела да го загуби натпреварот. За време на натпреварот тој бил видливо вознемирен, постојано удирајќи ги нозете со рекетот, фрустриран од грчевите.
На крајот од годината тој морал да победи на Мастерсот во Париз за да се квалификува за Мастерс купот. Тој не успеал да победи во Париз, и во полуфиналето бил поразен од Доминик Хрбати.
2007
Во 2007 година, Хас се изборил за своето трето полуфинале на Отвореното првенство на Австралија. На патот до полуфиналето, тој забележал победи над Флоријан Мајер и Давид Налбандијан во третото и четвртото коло редоследно, а во четвртфиналето успеал да му се ревашира на Николај Давиденко, победувајќи го во пет сета. Сепак во полуфиналето, тој бил запрен од Фернандо Гонсалес. И покрај поразот, Хас се вратил во најдобрите 10 на АТП листата првпат по 2002 година.
Во февруари, на турнирот во Мемфис, Хас го победил Енди Родик во финалето во два сета. Хас стигнал до титулата без да се соочи со брејк топки на свој сервис на неговите натпревари. Тој исто така станал вториот тенисер кој освоил три титули на турнирот во Мемфис. Другиот е Џими Конорс, кој победил во 1979, 1983 и 1984 година.
Хас стигнал до четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс, во кое загубил од Енди Мари. Иако тој бил познат како тенисер којшто не е добар на тревна подлога, сепак тој за првпат стигнал до четвртото коло на Вимблдон каде забележал победи над Зак Флајшман, Томаш Зиб и Димитриј Турсунов редоследно во првите три натпревари. За жал, тој се здобил со повреда на стомачните мускули и го предал натпреварот против Роџер Федерер во четвртото коло.
На Отвореното првенство на САД, Хас го изедначил својот најдобар резултат во Њујорк со тоа што стигнал повторно до четвртфиналето со победите во пет сета над Себастијан Грожан и Џејмс Блејк. Хас го победил Блејк во тајбрејк во петтиот сет, во кој успеал да спаси меч-топка. Во четвртфиналето, тој повторно бил поразен од Николај Давиденко.
Хас стигнал до третото коло на Вимблдон забележувајќи победи во четири сета над Гилермо Кањас и Томи Робредо редоследно. Во третото коло, тој загубил од Енди Мари во четири сета.
На почетокот од новата сезона Хас се повлекол од Отвореното првенство на Катар поради проблеми со лактот. Негов прв официјален турнир во годината бил Отвореното првенство на Австралија, каде стигнал до третото коло во кое загубил од подоцнежниот шампион Рафаел Надал. На турнирот во Сан Хосе, тој стигнал до четвртфиналето во кое загубил од Енди Родик. Сепак, тој заедно со Радек Штепанек настапил во двојки и успеал да ја освои првата АТП титула во двојки.
На Отвореното првенство на Хале, Хас ја освоил неговата прва титула на тревна подлога во неговиот 21. АТП настап. Тој го победил четвртиот носител Жо-Вилфрид Цонга во второто коло, Миша Зверев во четвртфиналето и Филип Колшрајбер во полуфиналето. Тој во финалето го победил вториот носител на турнирот Новак Ѓоковиќ во три сета.[2] Поради добрите резултати, тој се искачил на 35. место на АТП листата.
На Вимблдон, Хас победил во неверојатен натпревар во пет сета против Марин Чилиќ. Хас имал водство од 2–0 во сетови и имал меч топка во четвртиот сет, но потоа Чилиќ се вратил во натпреварот и сервирал за победа во петтиот сет при резултат 5-6. Хас успеал да направи брејк, при што натпреварот морал да биде прекинат поради мрак. Наредниот ден, Хас му го одземал сервисот на Чилиќ при резултат 8-8 и победил. Хас лесно го победил Игор Андреев и во четвртфиналето вторпат во три недели успеал да го победи Новак Ѓоковиќ со што за првпат во својата кариера се пласирал во полуфинале на Вимблдон, во кое за противник го имал Федерер. Хас загубил од Федерер, кој потоа во финалето стигнал до историската седма титула. Со овој резултат, Хас се искачил на 19. место на АТП листата.
По неговото одлично враќање, Хас повторно се здобил со повреди. Тој стигал до третото коло на Отвореното првенство на Австралија, во кое загубил од Жо-Вилфрид Цонга откако претходно ги победил Симон Грojл и Јанко Типсаревиќ. По февруари, тој не настапил на ниту еден турнир поради опоравување од операциите на неговиот десен кок и десното рамо и повторно излегол од АТП листата.[3]
Тој се вратил на терените кон крајот на април 2011 на турнирот во Минхен каде заедно со Радек Штепанек играл во двојки, но тие загубиле уште во првото коло.[4] На Отвореното првенство на Франција, Хас заирал во поединечна конкуренција, но загубил уште во првото коло од Марсел Илхан. На тревна подлога, во Хале, Хас во првото коло загубил од Андреас Сепи, а на Вимблдон исто така во првото коло, овојпат од Жил Милер. Најдобар резултат тој остварил на Отвореното првенство на САД, каде стигнал до третото коло во кое бил запрен од Хуан Монако. Освен на Гренд Слем турнирите, Хас настапил на само десет турнири, главно во јули, август и октомври.
Тој стигнал до полуфиналето на турнирот во Минхен во кое бил поразен од Марин Чилиќ, откако претходно забележал редоследно победи над Михаел Берер, Жо-Вилфрид Цонга и Маркос Багдатис. Поради слабиот ранкинг, тој морал да игра квалификации за влез во главниот ждреб на Отвореното првенство на Франција. Тој лесно минал низ трите квалификациони натпревари и изборил настап во главниот ждреб, во кој стигнал до третото коло во кое загубил од Ришар Гаске.
На Отвореното првенство на Хале, играјќи со вајлд-карта, Хас вторпат во кариерата ја освоил титулата победувајќи ги поранешните шампиони на турнирот, Томаш Бердих и Филип Колшрајбер[6] со што се пробил до финалето во кое го победил третиот носител и петткратниот шампион Роџер Федерер во два сета.[7] Сепак во првото коло на Вимблдон истиот месец, тој во пет сета загубил од сонародникот Колшрајбер.
Хас продолжил со добрата форма во втората половина од сезоната. Тој стигнал до финалето на Отвореното првенство на Германија, во кое загубил од Хуан Монако.[8] Една недела подоцна, тој стигнал до финалето во Вашингтон во кое бил поразен од Александар Долгополов.[9] Овие две финалиња го вратиле Хас меѓу најдобрите 50 на АТП листата.
Хас успеал да стигне до две четвртфиналиња на АТП Мастерс 1000 турнирите, што воедно претставувал и негов најдобар настап на тоа ниво од 2008 година. Тој во октомври брзо се вратил меѓу најдобрите 20 на АТП листата,[10] но на крајот од сезоната завршил на 21. место. Тоа било доволно за да се закити со наградата повратен играч на годината за вторпат во неговата кариера.[11]
На Мастерсот во Индијан Велс, тој стигнал до четвртото коло во кое загубил од Хуан Мартин дел Потро, откако претходно во третото коло забележал победа над Николас Алмагро во натпревар во кој спасил меч топка. Две недели подоцна, на Мастерсот во Мајами, тој го победил светскиот бр. 1 Новак Ѓоковиќ во два сета. Тоа било негова прва победа над светски бр. 1 по победата над Андре Агаси во 1999 година.[14] Во четвртфиналето тој го победил Жил Симон и стигнал до своето прво полуфинале во Мајами, и прво полуфинале на мастерс турнир по Мастерсот во Париз во 2006 година. Таму, тој загубил од третиот носител, Давид Ферер со 6–4, 2–6, 3–6.
На почетокот на мај, тој ја освоил првата титула во годината, на турнирот во Минхен, победувајќи го Филип Колшрајбер во германското финале.[15]
Хас влегол во историјата на Отвореното првенство на Франција, кога не успеал да реализира рекордни 12 меч топки против Џон Изнер во четвртиот сет од нивниот натпревар во третото коло. Изнер го освоил сетот во тај-брејк, но во петтиот сет Хас се вратил од негативата од 2-4, спасил меч топка на 4-5 и на крајот победил со 10-8.[16] Во четвртото коло тој бил подобар од Михаил Јужни, но во четвртфиналето бил поразен од Новак Ѓоковиќ во три сета.[17]
Хас ја освоил својата 15. АТП титула во кариерата, победувајќи го Робин Хасе во финалето на турнирот во Виена. Тој годината ја завршил на 12. место на АТП листата со два последователни порази од Филип Колшрајбер на турнирите во Валенсија и Париз.
Личен живот
Бригите и Петар Хас се родителите на Хас. Тој има две сестри, Сабине (родена на 24 април 1975) и Карин (родена на 16 јуни 1979).
Хас е оженет со глумицата Сара Фостер. Таа е ќерка на композиторот Давид Фостер. На 27 јануари 2010 Хас станал државјанин на САД.[18]
На 5 јули 2010 година на неговото мрежно место Хас објавил дека за првпат ќе стане татко. На 15 ноември 2010 година Хас објавил дека неговата жена Сара родила девојче - Валентина. Тој изјавил дека би сакал да продолжи да игра уште долго за неговата ќерка да може да го гледа.