Сунгур Чауш-бег џамија — првата изградена џамија во Битола и една од најстарите џамии на Балканот. Срушена е во 1956 година.
Изградба на џамијата
Првата џамија во Битола ја изградил Сунгур Чауш-беј во 1434/35 година. Заедно со Хаџи Кам (1420) џамијата во Скопје, тие биле едни од најстарите џамии на Балканот. Сместена на левиот брег на реката Драгор во близина на Овчи Пазар*, била позната и како „Ески“, „Атик“ или „Солак“ џамија. Некои историчари со неа ги поврзуваат и првите зачетоци на чаршијата, бидејќи околу биле изградени дуќани, ан и пазар.[1]
Градителот на џамијата Сунгур Чауш-бег
Сунгур Чауш-беј бил еден од војсководците на султанот Мурат II, кој потекнувал од овие краеви и како млад бил земен како данок во крв. Според турскиот историчар, мајорот Мехмед Тефик (Историја на Битолскиот Вилает)[2] враќајќи се од војна против Скендер-бег, на Сунгур Чауш-бег му се допаднала положбата на Битола и го замолил султанот Мурат II да му дозволи да се насели тука. Желбата му била одобрена и еден од неговите први зафати бил обновувањето од темели на џамијата, која всушност била стара црква претворена во џамија. Во негова чест џамијата била наречена Сунгур Чауш-бег џамија.[1]
Откривањето на Битолската плоча
Сунгур Чауш џамијата била срушена во 1956 година. При нејзиното уривање пронајдена е камена плоча на која со кирилско писмо е напишано името Битола (Битолска плоча / Битолски натпис), а која денес се чува во НУ Завод и музеј - Битола. Плочата настанала при обновувањето на битолската тврдина од царот Иван Владислав (1016-1017) и на неа, меѓу другото, пишува: „Со помош на молитвите на пресвета владичица Богородица и со застапување на врвните 12 апостоли се обновува градот Битола“. Оваа плоча била поставена на видно место во тврдината, во која имало и катедрална црква.[1]