Косовска битка

Косовска битка
Дел од Српско-турски војни

Косовската битка, Адам Стефановиќ, масло, 1870
Датум Видовден 1389
15 јуни 1389 (ј.к.)
28 јуни 1389 (г.к.)
Место Газиместан, Косово Поле
Исход османлиска победа
Завојувани страни
Османски Емират Србија
Босна
Команданти и водачи
Мурат I
Бајазит I
Јакуб
Лазар Хребелјановиќ
Вук Бранковиќ
Влатко Вуковиќ
Сила
~40.000 од кои:
5.000 јаничари
2.500 коњаници
6.000 спахии
20.000 азепи и акинџии
8.000 вазална војска[1]
25.000 меѓу кои
5.000 Босанци и Хрвати[1]
Жртви и загуби
непознато,
Милош Обилиќ го убива султанот Мурат I во текот или непосредно пред битката
непознато, но поголемиот дел од војската и благородништвото убиен, вклучително и кнезот Лазар

Косовска битка или Битка на Косово Поле — назив за најголемиот директен судир меѓу војските на српското благородништво и Турците-Османлии. Според историските извори, но и народните преданија, битката се одиграла на Видовден15 јуни според јулијанскиот, односно на 23 јуни 1389 година според грегоријанскиот календар во месноста Газиместан на Косово Поле, северно од Приштина. Битката завршува со катастрофален пораз на српската војска. Последиците, како за Србија, така и за непосредното соседство биле лоши: самата косовска област била ставена под непосредна војничка управа на Османлиите и заедно со скопската околина станале база за понатамошни нивни воени дејствија против Босна, Зета и непокорениот дел од Србија. Српското благородништво кое ја преживеало битката било принудено своите територии да ги стави во вазален однос кон Османлиите и да им плаќа данок. По оваа битка Османлиите го зацврстиле своето господство над централниот Балкан кое ќе го имаат сѐ до Балканските војни т.е. до 1912.

Историски околности

Периодот непосредно пред битката е исклучително важен и за Србија и за Османлиите. Српската држава прераснала во најсилна на Балканот, така што во 1345 кралот Стефан Душан се прогласува за „цар на Србите и Грците“. Но по смртта на Душан во 1355, неговиот син и наследник Урош I не бил способен да го одржи унитарниот карактер на Царството иако никој не му ја оспорувал титулата. Со неговата смрт царството дефинитивно престанало да постои (воедно Урош не оставил наследник), а месните велможи станале суверени господари над своите територии. Така дошло до раздробување на српската држава и опаѓање на нејзината моќ. Најпознати владетели на вака настанатите формации биле браќата Мрњавчеви, Волкашин (срп. Вукашин), владетел на западна Македонија со престолнина во Прилеп, и Јован Углеша (срп. Јован Угљеша), деспот на Егејска Македонија со престолнина во Сер, Вук Бранковиќ, господар на Косово и Метохија, и кнезот Лазар Хребелјановиќ, владетел на Рашка и денешна централна Србија со престолнина во Крушевац. Од сите нив Лазар имал најголем авторитет, но останатите не му биле потчинети што дополнително довело до тоа војничката моќ на српските војски во непосредната битка уште да опадне.

Османлиите, пак, уште од многу поодамна постепено ја потиснувале Византија. Во 1352 го освојуваат своето прво упориште на европска почва, а во 1365 веќе имаат освоено толку територија на Балканот што султанот Мурат I ја пренесува престолнината од Бурса во Одрин (Адријанопол, тур. Edirne).

Првите судири меѓу Србите и Османлиите се случиле уште во времето на царот Душан, кој прв ја согледал опасноста од османлиската држава како сила во подем[2]. Но, по неговата смрт во 1355, па сѐ до 1371, Србите не презеле никакви конкретни чекори за справување со Османлиите, чија држава непрестојно јакнела. Токму таа 1371 година браќата Мрњавчевиќ се решиле на своја рака да преземат борбени мерки - директно целејќи кон османлиската престолнина: Одрин, искористувајќи го фактот што султанот Мурат заедно со поголемиот дел од војската војувал во Мала Азија. На 26 септември 1371, Османлиите кај местото Черномен на реката Марица целосно ја уништиле седумдесет илјадната српска војска, благодарение на изненадувачкиот ноќен напад и супериорната тактика. Оваа битка позната во историјата како Маричка битка го означува всушност почетокот на долгиот српско-османлиски судир. По битката Србија е војнички осакатена што силно ќе се чувствува до Косовската битка.

По Маричката битка Турците-Османлии вршеле само повремени пљачкања низ поранешното српско царство. Наскоро потоа Византија и Бугарија станале османлиски вазали. Со погибието на Балша II, господарот на Зета во битката на Саурското поле, Османлиите ја потчиниле и денешна Албанија, а започнале и со напади на Босна. Меѓутоа се случувало и османлиските напади да завршат со нивен пораз; најпознати вакви примери се турските порази во битките кај Плочник (1386) и Билеќе (1388)[1].

Околу ова време ситуацијата за решавачки судир веќе била созреана и било само прашање на време кога и каде ќе дојде до пресудна битка.

Движењето на војските и почетниот распоред

Почетниот распоред на силите пред битката
Кнезот Лазар Хребелјановиќ

Лазар како главен заповедник на српската војска очекувал турско настапување, но не знаел од каде. Мурат, од друга страна, во пролетта 1389 ја концентрирал главнината на својата војска во Пловдив (грч. Филипополис). Движејќи се преку Ихтиман и Велбужд (Ќустендил), извесно време задржувајќи се во Кратово, преку Куманово ѝ пришол на Лазаровата територија од југ.

Српската војска најверојатно била првично распоредена во околината на Ниш (долините на Нишава и Јужна Морава), очекувајќи напад од правец на Средец (Софија). Иако за српското движење има оскудни податоци, може да се претпостави дека кога Лазар дознал за настапувањето на турската војска, преку Плочник и Бела Црква (Куршумлија) и на 14 (27) јуни 1389 пред мрак избил на Косово Поле северно од Приштина каде се влогорил. Изборот на Косовското поле за боиште бил правилен заради неговата стратешка и поволна географска положба.

Српската војска била распоредена на левиот брег на реката Лаб. Центарот на војската се состоел од трупите на Лазар, десното крило од трупи на Вук Бранковиќ, а левото од босанските трупи на Влатко Вуковиќ. Првите борбени редови биле од коњаници кои српската војска ги имала неколку илјади, а и неколку стотини модерни, тешки коњаници.

Турската војска се распоредила спроти српската. Центарот - најквалитетните турски трупи, бил под команда на султанот Мурат, десното крило (европските трупи) под команда на Муратовиот наследник Бајазит, додека левото крило (азиските трупи) под команда на Муратовиот помлад син Јакуб. Турскиот почетен распоред, за разлика од српскиот, ги имал пешаците во првите редови, додека коњаниците во позадина. Дополнително, турската војска имала и одреден број стрелци.

Текот на битката

При разгледувањето на текот на Косовската битка, важен и неминовен е еден настан: убиството на турскиот султан Мурат I. Општо прифатен е фактот дека убиството се случило пред почетокот или, барем, пред решавачкиот момент на битката. Сите извори се согласни дека бил убиен со измама: српски благородник под изговор дека пребегнува на страна на Турците бара да биде примен од Мурат, кога всушност и успева да го убие, чин по кој и тој самиот е убиен. Во српското народно творештво овој лик е познат како Милош Обилиќ или, поретко со презиме Кобилиќ. Не е утврдено дали ова убиство било планирано од српското благородништво или пак е самоиницијативен чин. Но, секако, ова имало за цел да ѝ даде барем некаква предност на српската војска:

...а тако ми Бога великога,
ја ћу отић' сјутра у Косово
и заклаћу турског цар-Мурата,
и стаћу му ногом под гр'оце...[3]

Тактички, Србите имале поповолна положба дочекувајќи ги Турците на благо наведена ширина. Битката ја отвориле турските стрелци (иако според многу извори, а согласно и со тогашната турска тактика, „Турците на Косово воделе одбранбена битка“[1]) стрелајќи кон српската коњаница. Србите ја прифатиле провокацијата извршувајќи директен фронтален напад долж целата линија на боиштето. При овој напад особени успеси имале српскиот центар и десното крило кои успеале во целост да го разбијат турското лево крило, но не и да го уништат благодарејќи на подвижноста на турските единици. За разлика од овој успех, турскиот центар (составен од муратовата лична гарда и од јаничари) и десното крило успеале да го издржат првичниот налет на српските единици.

По ова настанува критичниот (решавачкиот) момент на битката: турскиот центар и десното крило преминуваат во противнапад. При ова српското лево крило (составено од трупи на Влатко Вуковиќ) е отфрлено назад, додека српскиот центар е опколен. Што точно се случува непосредно по ова е нејасно; имено, веројатно е дека одбиениот Вуковиќ со релативно малку жртви го напушта боиштето и се повлекува во Босна, додека исто така се претпоставува дека и Вук Бранковиќ бил потиснат и се повлекол кон Дреница.

По ова веќе сѐ било јасно: српската војска била разбиена, иако и самите Турци претрпеле големи загуби. Кнезот Лазар и дел од благородништвото се заробени и веднаш погубени: Србија била поразена.

Последици

Косовка девојка, мотив од српската народна епика

Со победата во Косовската битка, Османлиската држава го разбила единствениот доволно моќен соперник на Балканот во тоа време. Но и на самата османлиска војска ѝ требало време да закрепи од битката. Косово и Метохија заедно со скопската околина биле ставени под војничка управа на Османлиите, а поголем дел од преживеаните српски благородници станале турски вазали. Иако српските држави ќе продолжат да им пружаат отпор на Османлиите сѐ до падот на Смедерево во 1459 година, за Османлиите патот кон Панонската Низина бил отворен.

Косовската битка во народното творештво

За настаните непосредно пред, за време и непосредно по Косовска битка е испеан еден од најубавите циклуси на српската народна епика, а исто така, битката е опеана и во македонското народно творештво. Во песните, народниот пејач им придава полубожествени моќи на директните учесници, а битката (согласно нејзиното значење во српската историја) е претставена како судир од колосални размери. Некои од песните споменуваат судир на повеќе стотини илјади борци (што е секако невозможно). Така, Косовската битка е опеана во следниве песни:

Во рамките на овој циклус е воспеана идејата за предавството извршено од страна на Вук Бранковиќ, кое, воедно, историски и не е потврдено:

...тад би Лаза надвладао Турке,
Бог убио Вука Бранковића,
он издаде таста на Косову!
Тада Лазу надвладаше Турци,
и погибе српски кнез Лазаре,
и његова сва изгибе војска,
седамдесет и седам иљада! [14]
...a што питаш за проклетог Вука,
проклет био и ко га родио!
Проклето му племе и кољено!
Он издаде цара на Косову
и одведе дванаест хиљада,
Госпо моја, љутих оклопника.[15]

Косовската битка во уметноста

Косовската битка е тема на бројни книжевни, музички и сликарски дела, како:

Извори

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Vojna Enciklopedija, Drugo izdanje, Vojnoizdavački zavod, Beograd, 1985, knjiga 4: Jakac - Lafet
  2. Opšta enciklopedija "Larousse" - tom 3, Vuk Karadžić, Beograd, 1973
  3. Кнежева вечера, српска епска народна песна
  4. „ Цар Лазар и царица Милица“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 98-101.
  5. „Клетва кнежева“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 97.
  6. „Кнежева вечера“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 102-103.
  7. „Пропаст царства српскога“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 104-106.
  8. „Слуга Милутин“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 113-115.
  9. „Три добра јунака“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 107.
  10. „Мусић Стеван“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата', стр. 108-112.
  11. „Косовка девојка“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 116-119.
  12. „Смрт мајке Југовића“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 120-119.
  13. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 35.
  14. Пропаст царства српскога, српска епска народна песна
  15. Слуга Милутин, српска епска народна песна
  16. Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 17-18.
  17. Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 19.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!