Има население од околу 10.000 жители. Се наоѓа 12 километри источно од окружниот град Штатхаген и 25 километри западно од Хановер, на јужниот крај од Северногерманската Низина и северниот раб на масивот Дајстер.
Бад Нендорф се наоѓа на северозападниот раб од ридскиот масив Дајстер и 15 километри јужно од Штајнхудер Мер, помеѓу реките Везер и Лајне, 26 километри западно од Хановер.
Градот Бад Нендорф се состои од самиот град Бад Нендорф и местата Валтрингхаузен, Хорстен и Рипен.
Историја
Селото, веројатно потекнува од почетокот на IX век, бидејќи првпат е споменато како Нијанторпе (Nyanthorpe) во списите на манастирот Корвај во 936 година.
Првата црква била подигната во 1136 година. Селото било посед на грофовите на Шаумбург од 1311 година. По основањето на уште една мала населба на северозапад од селото, се појавило именувањето Грос Нендорф и Клајн Нендорф. Уште една населба под името Дензингхаузен, во областа на денешниот град, била уништена во Триесетгодишната војна. По поделбата на грофовијата Шаумбург во 1647 година, Нендорф припаднал на Хесен-Касел.
Лековитата моќ на сулфурните извори, сместени помеѓу Грос и Клајн Нендорф и првпат забележани во 1546 година, првпат била потврдена во средината на XVIII век. На иницијатива на ландгрофот Вилхелм IX од Хесен-Касел биле подигнати бањи во 1787 година. Сулфурните извори, кои дотогаш биле сметани за изум на ѓаволот поради нивната миризливост, биле сметани за едни од најсилните во Европа и конечно биле применувани за лечење на ревматизам, артритис и проблеми со кожата. Наскоро, Нендорф станал една од водечките бањи во Германија. Во 1866 година, Бад Нендорф станал кралска пруска бања, а финансиската помош од Берлин му помогнала да се развие уште повеќе.
Географската положба на Бад Нендорф бил главен фактор во развојот. Се наоѓа на северниот раб од Средногерманските висорамнини, на Хелвег, рута помеѓу Рајна и Елба, користена со векови. Така, градот имал железничка врска уште од 1872 година.
Општината била создадена во 1929 година со спојување на Грос Нендорф, Клајн Нендорф и бањата.
Кон крајот на Втората светска војна, градот служел како седиште на 84. американска пешадиска дивизија. Подоцна, станал дел од британската окупациска зона и бил место на британски камп (1945-1947).
Поетесата Агнес Мигел живеела во Бад Нендорф помеѓу 1948 и 1964 година. Куќата во која живеела претставува музеј за нејзиниот живот и дело.
Камп
Помеѓу јуни 1945 година и јули 1947 година, во Бад Нендорф постоел британски камп, каде биле спроведени стотина нацисти и осомничени комунисти. Кампот бил контроверзен поради обвинувања за несовесен третман на затворениците. Еден британски војник бил обвинет во 1948 година. Контроверзата повторно се појавила во 2005 година со објавата на статија во британскиот весник The Guardian.