Џон Лестер Неш Помладиот (англиски: John Lester Nash Jr.; 19 август 1940 – 6 октомври 2020)[1] ― американски реге и поп-пејач. Негова најпозната песна е „I Can See Clearly Now“ (1972)[2] и бил еден од првите музичари кои не потекнуваат од Јамајка кои снимале реге-музика во Кингстон.[3]
Живот и кариера
Џон Неш бил роден на 19 август 1940 година во Хјустон. Кариерата како поп-пејач ја започнал кон средината на 1950-тите,[4][5] а од 1956 година пеел на радио и телевизиските емисии Артур Годфри во период од седум години.[4] Неш трипати бил во брак и имал две деца.[6]
Откако потпишал со ABC-Paramount, прв сингл на Неш со голема издавачка куќа бил „A Teenager Sings the Blues“ (1957). Негов прв хит на топ-листите била преработката на песната од Дорис Деј "A Very Special Love" (1958).[4] Бил промовиран како ривал на Џони Матис. На почетокот од неговата кариера глумел и во филмови појавувајќи се во екранизираната верзија на Направи џиновски чекор (1959) од драматургот Луис С. Петерсон.[2][4] За улогата, на Филмскиот фестивал во Локарно, Неш ја освоил наградата „Сребрено едро“.
Во 1967 година, Неш, Артур Џенкинс и Симс основале нова издавачка куќа, JAD Records.[10][11]
Реге-синглот од Неш од 1972 година „I Can See Clearly Now“ бил продаден во над еден милион примероци.[12] Песната се искачила на прво место на Billboard Hot 100 каде се задржала четири недели. Албумот „I Can See Clearly Now “ содржел четири оригинални композиции од Марли објавени од JAD.[13]
Неш, исто така, бил композитор за шведскиот романтичен филм Сакате толку многу да верувате (шведски:Vill så gärna tro) (1971),[14] во кој го глумел “Роберт“.[15] Филмскиот саундтрак бил кокомпониран од Боб Марли и аранжиран од Фред Џордан.[14]
JAD Records престанала да постои во 1971 година,[2] но била возобновена во 1997 година од американскиот специјалист за Марли, Роџер Штефенс и францускиот музичар и продуцент Бруно Блум.
Неш починал од природна смрт на 6 октомври 2020 година, по период на влошено здравје.[6] Имал 80 години.[16][17]